Македонија
Мицкоски за фотографирањето без македонското знаме: Денеска ќе биде врачена протестна нота на амбасадорот на Бугарија

Премиерот Христијан Мицкоски го коментира неистакнувањето на македонското знаме за време на посетата на Сиљановска-Давкова во Софија при средбата со бугарскиот колега Румен Радев. Рече дека денеска ќе биде врачен демарш на амбасадорот на Бугарија.
„Во минатото, кога се понижуваше и распродаваше македонското достоинство, тогаш се молчеше, се виткаше ‘рбетот и се соблазнуваа со тие што нè понижуваа и газеа. Сега дипломатски се испраќаат протестни ноти и нема повеќе да имаме меѓународна политика или, пак, дипломатска со свиткан ‘рбет, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира, затоа што ако не реагирате, тој исклучок понатаму ќе стане пракса. Она што е поважно за мене, Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, тоа го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија. Не се вистинските намери Бугари во Уставот, тоа е најмалиот проблем, многу е поголема потребата да покажат мускули и да ги покажат своите вистински намери. Кога ќе видиме дека се поминати црвените линии, тогаш ќе мораме да интервенираме и денеска тој демарш ќе му биде врачен на амбасадорот на нашиот источен сосед“, посочи Мицкоски.
За тоа кога ќе продолжат разговорите со бугарските историчари, Мицкоски очекува во духот на пријателството и добрососедството објективно да се преговара и да се договара.
„Тоа се процеси што траат со децении, имаме такви примери во Европа, така што секое избрзано решение произведува избрзани одлуки, а тие избрзани одлуки може да бидат погрешни. Затоа очекувам во еден добрососедски дух членовите на комисиите од двете страни да разговарааат“, истакна премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Петрушевски: Негласањето на СДС за интерпелација на Коцевски, дава одговор на прашањето зошто никој од СДС не е во затвор

Од вчерашното гласање на СДС во Собранието, каде не ја поддржаа интерпелацијата за главниот обвинител Љупчо Коцевски, се е јасно. СДС го штити Коцевски, а Коцевски за возврат го штити СДС и нивните кадри потонати до гуша во криминал за да не одговараат, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, негласањето на СДС за интерпелација на главниот обвинител Љупчо Коцевски е одговор на прашањето, зошто никој од СДС не е во затвор, а има низа постапки.
„Сега е јасно и кој ја мати водата за Кочани. Истите тие кои претпладне правеа пресови за Кочани, сега сметаат дека Коцевски добро ја работел работата. Очигледно е кој свири, а кој игра во обвинителството. СДС силно удира на тапани, а Коцевски игра како ќе му кажат. Заради овој однос на СДС и начинот на кој ја киднапирале цела судска власт довербата во правосудството е помало од 2%. СДС гледа на нивниот обвинител Љупчо Коцевски како на последно упориште. Во тоа им се приклучува и ДУИ, кои заедно со Коцевски бараат спас за криминалот на Филипче, Заев и Али. Тоа е всушност и пораката од СДС до Коцевски, или е со штитот или на него, кој во периодот кој доаѓа ќе треба да извршува се повеќе насоки“, рече Петрушевски.
Тој го повика Коцевски да покаже, како што вели, грам доблест и да не чека ниту час, туку веднаш да ја прими пораката на Собранието, и волјата на народот преку гласањето во Собранието и да си поднесе оставка.
„Секое понатамошно седење на функцијата спонзорирано од СДС и ДУИ ќе му го руши и онака слабиот углед и целосно ќе го стави во функција на измеќар и метлар на мафијата“, рече Петрушевски.
Македонија
Времен режим на сообраќај кај Градска болница поради снимање на филмот „Збогум Копакабано“

Времен режим на сообраќајот ќе биде воведен утре, 31 јули, кај Градска болница поради снимање на филмот „Збогум Копакабано“ на режисерот Милчо Манчевски.
„За потребите на снимањето на филмот „Збогум Копакабано“ во режија на Милчо Манчевски, во продукција на „Банана филм“ и во соработка со МВР и ЈП Улици и патишта, известуваме за времен режим на сообраќајот на булевар 11 Октомври во Скопје, поточно од раскрсницата кај Црвен Крст до раскрсницата кај Градска болница“, велат од ПР тимот.
Времениот режим е предвиден за ден 31.07.2025 (четврток) во времетраење од 22 часот до 4 часот во раните утрински часови.
Македонија
Водата нема сериозно да поскапи ако конечната цена ја одредува Регулаторната, уверува Бислимоски

Сегашниот сложен процес за одредување на цената на водата ќе се смени и одлуката за конечната цена на водата ќе ја носи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Водоводните претпријатија се согласни на оваа измена и заедно со Регулаторната комисија подготвуваат измена на законските решенија.
„Сега има еден посложен процес за определување на цените на водните услуги. РКЕ носи една одлука, со која се определува минимална и максимална цена за секоја соодветна услуга што ја даваат водоводните претпријатија и понатаму, врз основа на нашата одлука, управниот одбор на претпријатието во рамките на овој опсег од минимум и максимум носи одлука за цена што потоа се доставува на одобрување во советот на соодветната општина. Очигледно е дека тоа е еден посложен процес бидејќи има политички влијанија и не секогаш се носат одлуки што се во интерес на водоводните претпријатија, но и во интерес на потрошувачите. Ние во изминатиот период во соработка со водоводните претпријатија во државата, кои имаат свое здружение, АДКОМ, се усогласивме и работиме на доставување заеднички предлог-измени и дополнувања на, најверојатно, два закона, со кои ќе се овозможи РКЕ да ја определува крајната цена за секоја водна услуга“, рече претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски.
РКЕ ќе ја носи одлуката за крајната цена на водата на ист начин како што тоа го прави за струјата, за парното и за природниот гас. Со планираните измени одлуката за цената на водата од РКЕ ќе биде задолжителна за комуналните претпријатија.
Бислимоски очекува со измените претпријатијата да ги намалат трошоците, а да ги зголемат инвестициите во мрежата, кои ќе придонесат за намалување на загубите на вода.
„Имајќи предвид дека сите наши методологии се поттикнувачки и даваат сигнал до претпријатијата, без разлика од која дејност се, да ги намалуваат своите трошоци, веруваме дека ќе обезбедиме повеќе инвестиции во водоводната инфраструктура во државата. Сега имаме една исклучително лоша ситуација во државата. На државно ниво загубите на вода ни се 64 %. Веруваме дека со овој нов концепт ќе се придонесе за инвестиции во оваа инфраструктура, која е стара 50, 60, а некаде и 70 години. Со тоа ќе се овозможи намалување на загубите на вода, но исто така ќе се намали и процентот на ненаплатена вода. На тој начин, а тоа е во интерес и на потрошувачите, ќе имаат стабилно и сигурно снабдување со вода, но поради намалување на загубите, нема да има драстично, односно нема да има никакви сериозни зголемувања на цените за водните услуги бидејќи ќе се зголеми процентот на неоприходувана вода, тоа е нешто што досега го немаат како приход овие претпријатија и ќе се намалат загубите на вода. Значи, трошокот за загуби, ако се намали, значи дека тие пари може да се користат понатаму за нови инвестиции, без да има некакви сериозни промени на цените за водните услуги“, рече Бислимоски.
Во Скопје изминатите години загубите на вода достигнаа и 40 отсто.