Македонија
Мицкоски: Маржата за трговија на мало и големо се ограничува на 10 проценти до крајот на април, очекувам намалување на цените на производите
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на ограничувањето на маржите и колкаво намалување на цените се очекува од таа мерка, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден имавме седница на Владата на којашто од страна на министерот за економија и труд добивме исцрпен брифинг, но истовремено би рекол и дебрифинг од страна на извештајот којшто го има доставено Државниот пазарен инспекторат. Договоривме во најскоро време да се излезе со предлог.
Денеска се сретнавме, пред да дојдам овде во Кавадарци, бев во Собрание имаше пратенички прашања, нели според новиот деловник, опозицијата прашува ние одговараме, се сретнав со министерот, предлогот го имам веќе во работна верзија. Во текот на денот ќе се усогласува и очекувам на итна седница во текот на утрешниот ден истиот да биде донесен и да биде спроведен од страна на супермаркетите или хипермаркетите.
Маржата малопродажна и големопродажна се ограничува едната на 10 и другата на 10 проценти и очекувам тука да има, се разбира драматично намалување на цените на оние производи коишто вистински ги користат граѓаните. Тие се проширени со друг тип на производи коишто се за хигиена, исто така и бебешката храна е вклучена. Така што од тоа што можев да го видам, гледам дека речиси е сѐ опфатено, она што граѓаните го користат. Инаку оваа мерка ќе важи до 30 април, за понатаму ќе видиме како ќе се одвиваат работите“, кажа Мицкоски.
Појасни дека истовремено е донесен и заклучок, за кој како што рече наидува на потсмев кај некои од опозициските гласноговорници и опозициските партии.
„Да сите, би рекол супермаркети или хипермаркети на своите веб страни транспарентно, на дневна основа ги ажурираат цените. Ако сега влезете не можете да прочитате кои се цените на производите.
Е сега дали тоа ќе има некаков ефект, тоа е пракса во некои од земјите во светот, ако во еден ланец маркети, еден производ чини Х парички, а во друг чини Х половина парички, тогаш како консумент јас ќе се подзамислам од каде да го купам тој производ, но и тоа ќе создаде своевидна на конкуренција на едните со другите.
И третиот заклучок беше, министерот за економија и труд да свика работна средба и координација со сите институции како што е Комисијата за заштита на конкурентноста, Државниот пазарен инспекторат итн, сите оние коишто се значајни, да излеземе повторно на терен и да ја прошириме малку акцијата, да видиме и на други трговски супер или хипермаркети во делот на белата техника, како сето ова функционира“, нагласи Мицкоски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со магла и малку сонце
Времето денеска ќе биде променливо облачно и тивко со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 7 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла претпладне. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.
Македонија
Возете внимателно, маглата ја намали видливоста на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла од 100 до 200 метри има од Тетово – Скопје – Куманово – Кочани – Сарамзалино – Велес – Неготино – Д.Капија и магла со видливост до 50 метри има Битола – Прилеп – Ѓавато – Ресен – М.Брод – Кичево и Дебар, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.

