Македонија
Мицкоски најави анализа за тоа како и со што ВМРО-ДПМНЕ го разочарала народот
Лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција рече дека лично ќе се заложи за да се направи анализа во кој дел е разочаран народот од оваа партија и најави дека доколку имало пропусти ќе се заложи партијата да ги коригира своите грешки.
„Во право сте кога велите дека народот е разочаран од страна на политичарите, тоа веќе го зборуваав во кампањата. Треба сите да извлечеме поука да не го разочаруваме народот. ВМРО-ДПМНЕ и јас лично ќе направиме сериозна и детална анализа во кои делови лично, но и како ВМРО-ДПМНЕ сме го разочарале народот. Ќе се коригираме и ќе видиме како понатаму ќе се одвиваат настаните. Партиските тела ќе заседаваат во периодот што следи, јавноста ќе биде информирана за одлуките на партиските тела“, рече Мицкоски.
Додаде дека сепак е задоволен од изборниот резултат во услови, како што кажа, на валкана кампања при што власта се служела со манипулации и поткуп на гласачи. Тој порача дека на овие избори ВМРО-ДПМНЕ е победник, но не ги откри можностите и плановите со кои оваа партија би можела да ја состави новата влада.
„Оваа беа избори во кои брутално се злоупотреби власта. Се делеа картички, се потрошија милиони за поткуп, преку државните институции. Да не зборуваме за она што се одвиваше на терен, се вршеше агитација и притисоци врз граѓаните. Имаме 50 пријави за поткуп, имаме вмешани градоначалници, но, и покрај тоа што го направија, ако ги земеме овие 4 пратеници на Беса се покажа дека власта има 2 пратеника помалку од колаицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Покажавме и докажавме дека сме најголемата партија до сега, а што ќе се случува понатаму, ќе видиме. Има многу математики, многу можности, да почекаме времето да покаже, кое некогаш само дава одговор на овие прашања. Но она што е важно е дека најголемиот кредибилитет за нова влада го има ВМРО-ДПМНЕ“, додаде Мицкоски.
Во однос на коалицирањето со ДУИ и дали ќе се почитува принципот победник со победник, тој рече дека овој принцип бил прекршен уште во 2017 година кога ВМРО-ДПМНЕ победила на изборите, но не кажа каков е неговиот став во однос на избор на коалицискиот партнер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.

