Македонија
Мицкоски: На 15 јули доаѓаат обновата на Македонија и времето кога секој ќе одговара за сторен криминал
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати на собирот во Сопиште, од каде што порача дека граѓаните мора да знаат што сè направи СДСМ во изминатите три години. Мицкоски истакна дека им се заблагодарува на сите што од доцните осумдесетти и раните деведесетти години учествувале во создавањето суверена и независна држава, фудбалска репрезентација, македонска армија, македонски банкноти.
Исто така, Мицкоски му се заблагодари на целото членство на ВМРО-ДПМНЕ, на сите структури, кои се двигател на партијата. Еден од најголемите поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ е исто така коалицискиот партнер Љупчо Димовски, кој со сите свои постапки покажа дека е ВМРО. Тој потенцира дека ова се најважните избори, но не само поради тоа што пред нас е исправен најголемиот предизвик во врска со Ковид-19, туку предизвикот за тоа во каква држава сакаме да живееме.
„Изборот на овие избори е историски. Одлуката е дали сакаме Македонија, која ќе биде понижена и посрамена, или Македонија со исправен грб и гордо крената глава. ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да ја одбрани државата од сето зло што сега СДСМ му го нанесе на македонскиот народ, но и да ја одбрани честа на сите наши предци. ВМРО-ДПМНЕ преброди многу критики, но тие критики нè направија помудри и посилни.
На 15 јули уште во седум часот наутро ќе се навести најголемата победа во историјата на Република Македонија. На 15 јули Сопиште ќе ја поддржи Гордана Силјаноска-Давкова. Оваа апокалипса што ѝ се случува на Република Македонија мора да престане. Обврска на ВМРО-ДПМНЕ е да ја сопре оваа појава и да ја донесе обновата. Мицкоски истакна дека никогаш повеќе не смее да се дозволи државата да ја водат неразбрани политичари, кои би се охрабриле на распродажба да стават национални интереси, само за сопствени придобивки.
На 15 јули народот ќе го заокружи бројот 14 и ќе ги победи Зоран Заев и СДСМ. Тука завршува нивната лажна приказна. Императивот на ВМРО-ДПМНЕ не е ниту криминал, ниту нечесната работа, ниту понижувањето на својот народ, туку Македонија. СДСМ и Зоран Заев за три години не направија ништо од ветеното. Ниту автопати, ниту студентски домови, ниту 500 евра просечна плата ниту, пак, ги вратија оние млади луѓе на кои им ги оставија чевлите пред Владата на Република Македонија.
СДСМ лажеше за тажни судбини. Ги искористи на подол начин судбините на децата од Смилковското Езеро, на Јанушев, Кољо, Младенов. Лажеа за илјада работи, манипулираа со човечки животи. Но, за сето тоа ќе има правда. Во првите шест месеци од новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ правдата ќе биде безусловна, а толеранцијата сведена на нула. Таа правда ќе важи за секој еднакво.
ВМРО-ДПМНЕ ќе го почне ветингот, т.е. проверката, од сопствениот двор. Секој политичар ќе мора да докаже како го стекнал својот имот. Да се види кој чесно работел, а кој творел на грбот на народот. Независно за кој политичар се работи и дали е од една или друга политичка партија, правдата ќе важи за секој еднакво. Без исклучок.
Сето тоа е во програмата на ВМРО-ДПМНЕ наречена „Проект – Обнова“. Испишани 360 страници, на кои има над 1.000 проекти. Во неа има 25 отсто поголема просечна плата за еден мандат, 20 отсто поголеми пензии за еден мандат, најмалку еден универзитет од првите 1.000 во светот. Проекти со јасна методологија за народот да следи, а ВМРО-ДПМНЕ да даде отчет за сработеното.
Оваа програма е напишана со врвни професионалци од сите сфери кои се дел од партијата, дел од структурите на партијата, некои и не се дел од партијата, но се пријатели што искрено сакаат да помогнат во обновата на Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да обезбеди сигурно здравство, а не да стравуваме за животите на нашите сограѓани поради несоодветен пристап. Здравството е еден од најважните темели на една држава.
Мицкоски додаде дека во програмата е јасно кажано дека ВМРО-ДПМНЕ посакува НАТО и ЕУ-интеграции, но никогаш под туѓ диктат и под уцена за распродажба на националните интереси. Факелот за Македонија ќе гори сè додека не екне во полн сјај онака како што заслужува нашата татковина.
Мицкоски беше дециден дека нема да дозволи ничиј образ да биде оцрнет бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ќе работи деноноќно за исполнување на сите ветени проекти од изборната програма. На 15 јули да се заокружи бројот 14 пред професорката Гордана Силјановска-Давкова. Да се поддржи жената што е инспирација сама по себе. Македонија и ВМРО-ДПМНЕ ќе победат и тоа е неминовно. Да е вечна ВМРО-ДПМНЕ! Да е вечна Македонија!“, порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По речиси една година од пожарот во „Пулс“, семејствата ќе ги добијат личните предмети на настраданите – телефони, обувки, накит
Одделението за внатрешни работи Кочани информира дека, во врска со трагичниот настан – пожарот во клубот „Пулс“ на 16 март, од денеска, 2 март 2026 година, почнува постапката за враќање на личните предмети пронајдени на местото на настанот.
Се известуваат сите повредени лица, блиски членови на семејствата на починатите, како и други лица кои биле присутни за време на настанот, дека во периодот од 2 до 6 март 2026 година, во времето од 09:00 до 18:00 часот, можат да се обратат во просториите на Одделението за внатрешни работи Кочани, на ул. „Тодосија Паунов“ бр. 12.
Целта на посетата е идентификација и враќање на личните предмети кои биле пронајдени при увидот и им припаѓаат на повредените и на починатите лица. Меѓу предметите што ќе се враќаат се: мобилни телефони, паричници, накит, часовници, ташни, облека и обувки.
Враќањето ќе се врши по претходна идентификација од страна на сопствениците или од блиски членови на семејствата на починатите, нагласуваат од ОВР Кочани.
Фото: ЕПА
Македонија
Левица поднесе кривична пријава против поранешната антикорупционерка Цвета Ристовска
Левица поднесе кривична пријава против поранешната членка на Антикорупциска комисија Цвета Ристовка поради сторено кривично дело Противправно стекнување и прикривање на имот, соопштија од партијата.
„Имено, Цвета Ристовска, спротивно на обврските од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси за пријавување на целосна и вистинита имотна состојба, која вклучува личен и имот на членовите на семејството – иако била должна, не пријавила две компании во сопственост на членови на нејзиното семејство. Јасно е дека се работи за свесно и намерно прикривање на имот, ако се има предвид фактот дека компаниите кои не ги пријавила Ристовска добиле 2 милиони денари од касата на ДПМНЕ, очигледно како награда за непостапувањето на Ристовска против нивните функционери“, велат од Левица.
Според партијата, оваа теза дополнително ја потврдува фактот што поранешната антикорупционерка го пријавила останатиот имот на своите деца во анкетниот лист, но, како што велат од Левица, свесно и намерно, ја изоставила фирмата која постои уште од 2020 година.
„Цвета Ристовска стана симбол на корупција во институцијата која треба да се бори против високата корупција. Таа беше директна инсталација на владејачката партија, која амнестираше два високи функционери од партијата на власт – Бојан Христовски и Ивица Томовски. Само оставка од позицијата антикорупционер не е доволна. За свесното прикривање имот одговорност за Цвета Ристовска мора да има. Ревизија на сите предмети кои ги работела компромитираната антикорупционерка мора да има за да се стави крај на штитењето на корупцијата на највисоките ешалони на власта“, велат од Левица.
Македонија
Првиот човек на НАТО доаѓа во посета на Македонија, Сиљановска-Давкова ќе го пречека со највисоки државни и воени почести
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре – 3 март 2026 година, вторник, ќе го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој ќе престојува во официјална посета.
Генералниот секретар ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба и пленарен состанок на македонската и на делегацијата на НАТО.
Во рамки на програмата, предвидена е и заедничка прес-конференција со претседателката Давкова.
Генералниот секретар на НАТО, утре ќе ја посети и Армијата. По неговото обраќање ќе следи презентација на лесна пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) и обиколка на дел од опремата која е во состав на оваа единица. На настанот ќе присуствуваат министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, генерали во Армијата и претставници од Министерството за одбрана.
Ова е прва посета на Руте на земјата, откако ја извршува функцијата прв човек на Алијансата.
Фото: Depositphotos

