Македонија
Мицкоски: Парите за кампањата за референдумот ВМРО-ДПМНЕ ќе ги даде за тетовската гимназија
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе побара парите за кампањата за референдумот за неговата партија да бидат пренаменети за доградба на нов објект во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, а доколку постои правна пречка за тоа вели дека неговата партија ќе се откаже од средствата и ќе побара од Владата да ги инвестира во ова тетовско училиште.
„Ќе предложам на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, доколку постои можност делот од средствата кои се потврдени за ВМРО-ДПМНЕ да се пренамени и истиот да се донира за да се изгради или догради нов објект во состав на големиот објект на гимназијата ‘Кирил Пејчиновиќ’ во Тетово, доколку постои правна пречка за тоа, ВМРО-ДПМНЕ ќе се откаже од делот за средствата и јавно ќе побараме истите средства да се вратат во буџетот, и ќе побараме владата да ги инвестира токму во ова тетовско училиште“, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ со сопствени сили и средства, наоѓајќи потпора во народот, кој е столбот и вистинскиот извор на власт и легитимитет во оваа земја, пред сè одејќи од врата на врата, од дом во дом, во маалата, градовите, селата, ќе учествува во кампањата и ќе биде против овој договор. Исто така, Мицкоски вели дека во моментот кога партијата ќе го дефинира конечниот став во однос на самиот чин на гласање односно за учество на референдумот, истиот ќе биде соопштен на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Граѓаните масовно да излезат на изборите на 8 ми мај, се одлучува за иднината
СДСМ ги повикува граѓаните масовно да излезат на изборите на 8 ми мај и да гласаат за Стево Пендаровски за претседател и за пратеничките листи на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.
„На 8 мај се одлучува за иднината. Во овој клучен момент државата се наоѓа на крстопат. На една страна е враќање назад кон изолација, конфликти, меѓуетничка нетрпеливост и внатрешни поделби со ДПМНЕ. А на другата, продолжување напред, кон прогресот и просперитетот на Македонија во ЕУ, со СДСМ и Коалицијата за европска иднина“, дополнуваат од СДСМ.
Според нив, на 8 мај постои само една социјалдемократска опција, само една лева прогресивна опција која се вика СДСМ.
„Граѓаните со моќта на својот глас можат да кажат стоп за враќањето во кошмарното минато на поделби и тензии и да испратат јасна и гласна порака на сите ретроградни сили дека во Македонија живеат прогресивни луѓе, кои сонуваат за подобра европска иднина за себе и своите деца“, завршуваат од СДСМ.
Македонија
Православните верници денеска слават втор ден Велигден и Ѓурѓовден
Денес, освен вториот ден од Велигден, се празнува и Ѓурѓовден, празник во чест на Свети великомаченик Георгиј Победоносец, празникот на обновувањето на природата и на животот воопшто.
Празникот на светиот великомаченик Георгиј познат како Ѓурѓовден се празнува на 6 мај според новиот или на 23 април според стариот календар.
Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.
Македонија
Времето денеска сончево, од среда пороен дожд и грмежи
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне во планинските региони ќе има услови за изолирана појава на краткотраен пороен дожд. Минималните температури ќе бидат во интервал од 3 до 10, а максималните ќе достигнат од 20 до 26 степени.
Во Скопје ќе преовладува сончево време со мала облачност и со слаб ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се спуштат до 8, а максималните ќе достигнат до 26 степени.
Во вторник попладне ќе има локална појава на нестабилност, а во среда и четврток под влијание на нов влажен бран во поголем дел од земјава ќе има пороен дожд и грмежи, а локално процесите ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме со пообилни врнежи и засилен ветер. Потоа условите за нестабилно време ќе се намалуваат.