Македонија
Мицкоски: Предлогот што е на маса, а Владата го криеше, всушност е истиот што веќе еднаш беше одбиен
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повика на протест пред Владата. По објавувањето на предлогот, Мицкоски рече: „Предлогот што е на маса, а Владата го криеше, всушност, е истиот што веќе еднаш беше одбиен. И со жалење морам да констатирам дека овој предлог ги содржи сите барања во делот на историјата, јазикот, идентитетот“. Според него, прифаќањето на предлогот значи менување учебници и пишување како што тие сметаат, прифаќање дека Гоце Делчев, Јане Сандански, Даме Груев биле Бугари, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.
„Она што го слушате од Ковачевски не е битка за идните генерации, туку срам, пораз и капитулација за сите идни генерации бидејќи некој како Ковачевски и Маричиќ се охрабриле да го погазат македонскиот идентитет за кој жртви паѓале, животи се губеле, за кого мајка од дете се делела. За кого мајка од ќерка се делела. Ете тоа нè убедуваше Ковачевски. Тоа не е визија, туку срам и предавство. Тоа е она за што ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати и ќе се бори со сè што располага, да го објасни пред граѓаните. Ваков ултиматум за Македонија е неблагодарен. Сакам да се знае дека сега е моментот кога треба да се биде јасен и гласен, да се заземе вистинска страна. Владата прави огромна штета бидејќи одобрувањето ваква преговарачка рамка значи: или во ЕУ како асимилирани и бугаризирани или секогаш да останеме надвор од ЕУ. Јас ултиматуми по цена на достоинство на народот не прифаќам и нема никогаш да се согласам на тоа“, посочи Мицкоски.
Тој е дециден дека Димитар Ковачевски лаже дека францускиот предлог е успех.
„Повикувам на сенароден протест. Заборавете дека се обраќам од говорницата на ВМРО-ДПМНЕ. Секој нека ни се придружи утре, во 19 часот, пред Владата. Јас таму ќе бидам како ваш сограѓанин, како човек со име и презиме. Го повикувам целиот народ да се приклучи и да застане со нас рамо до рамо. Да го спасиме процеост на преговори, овој преседан ќе им се прави на сите земји во регионот. Членството за ЕУ ќе стане цел што нема да ја достигнеме. Цел што за сите нас ќе биде недостижна. Само аматер може да мисли и да верува дека ова е добар договор, освен ако нема задни намери. Повикувам на висока свесност за тешки удари што оваа Влада ѝ ги прави на Македонија. Или сега ќе кажеме гласно ‘не’ или ќе немаме право да бидеме гласни“, посочи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

