Македонија
(Видео) Мицкоски: Протестите на 27 април беа самоорганизирање на народот
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по распитот како сведок за предметот „Организатори на 27 април“, кажа дека немал контакт со Никола Груевски во времето кога се одвиваа случувањата во Собранието. Тој кажа дека вечерта заседавал Извршниот комитет на партијата, а Груевски се вратил од пат и тоа бил единствениот контакт со него. Прашан дали е замерен со некој од обвинетите, бидејќи пред судот рече дека „веројатно не е“, тој кажа дека сите му се пријатели.
„ Се обидов да бидам вицкаст и да внесам една доза на хумор во судницата, бидејќи за првпат еве се појавувам во судница, во својство на сведок, не сум бил до сега во својство на обвинет. Една чудна атмосфера, која јас за првпат ја гледам и се обидов да внесам ведрина. Инаку, да, тоа се се мои пријатели. Да, не сум со никого замерен, ниту имало зошто или било каква причина“, одговори Мицкоски, прашан зошто одговори дека веројатно не е скаран со никој од обвинетите.
Мицкоски кажа дека на протестите организирани од „За заедничка Македонија“ излегувал секогаш кога времето му дозволувало.
„ Тоа што го кажав во судот е дека народот тој ден, туку и неделите претходно, се самоорганизираа. Бројката варираше и до неколку илјади во други денови. На дел од тие протести може бев и јас, затоа што протестиравме против погрешните политики во најава кои тогаш беа актуелни во државата. Сметам дека тоа е начин на граѓаните да изразат револт против одредени политички девијантни однесувања на определени политички партии и структури, во тој случај беше СДСМ. Дел од тој народ кој се самоорганизираше бев јас, тогаш кога времето ми дозволуваше да давам поддршка на тие протести“, рече Мицкоски.
Прашан за мислење околу изјавата на премиерот Зоран Заев дека организатор на упадот во Собранието е Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, кажа дека протестите биле самоорганизирање на народот.
„ Јас дадов изјава и внатре во судницата, дека ниту Извршниот комитет, ниту ВМРО-ДПМНЕ е дел од организацијата на ова самоорганизирање на народот кое се случуваше во тој период. Ова е очигледно дека станува збор за сериозно и жестоко монтиран политички процес кој има единствена цел да нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ, да врши терор врз активистите и членовите на ВМРО-ДПМНЕ, политички процес од кој некој профитираше, а некој загуби. Јас ценам дека по ’27 април’ сериозно загуби ВМРО-ДПМНЕ, а Влада направи Зоран Заев. Можеби тој одговор на ова прашање ќе ви послужи да истражите, кој го спроведе и зошто се случи. Никако некој што загуби од тој процес не може да биде сценарист ниту да го спроведе. Јас повеќе би се задржал на тоа кој профитираше и кој имаше бенефит. По тој ден, ништо не е исто“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Економијата и инвестициите во фокусот – работни средби на Муцунски во Литванија
Во рамки на вториот ден од работната посета на Вилнус, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оствари одвоени средби со министерот за економија на Литванија, Едвинас Грикшас, и со претседателот на Конфедерацијата на индустријалци, Видмандас Јанулевичиус.
На средбите, Муцунски го претстави силниот ангажман на Владата за создавање поволна деловна клима преку атрактивни стимулации, современа регулатива и висококвалификувана работна сила. Тој истакна дека привлекувањето нови компании во клучни области како технологијата и иновациите, отворањето работни места и забрзувањето на економскиот раст и развој се врвен приоритет на економскиот ресор.
Разговорите беа насочени и кон можностите за интензивирање на економската соработка, како и кон конкретни иницијативи за унапредување на трговијата и инвестициите меѓу двете држави – на владинo и на компанискo ниво.
Македонија
Водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ е исправна и може непречено да се употребува, велат од „Водовод“ по труењето во училиштето
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје информираат дека по извршениот вонреден мониторинг, водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош е целосно безбедна за употреба.
„ЈП Водовод и канализација – Скопје на ден 26.11.2025 година изврши вонреден мониторинг врз основа на пријава од ООУ Димо Хаџи Димов, општина Карпош.
Секторот за санитарна контрола зема 4 примероци од две локации (училница и кујна) од кои две за физичко-хемиска анализа и две за микробиолошка анализа.
Од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), при што констатираме дека водата во ООУ Димо Хаџи Димов во општина Карпош е санитарно исправна и истата може непречено да се употребува“.
Македонија
(Фото) Отстранета дивоградба на улица „Орце Николов“, Герасимовски најави расчистување на бесправните објекти
Во рамките на обемната акција за отстранување дивоградби, Општина Центар ја урна нелегалната доградба на деловен објект на улица „Орце Николов“ бр. 139 во Дебар Маало, соопштија од Општината.
Конструкцијата била изградена без одобрение за градење и го узурпирала заедничкиот простор предвиден за граѓаните.


„Јавните површини во Центар им припаѓаат на сите граѓани и нема да дозволиме да се претвораат во приватни имоти поради самоволие на поединци. Секој бесправно изграден или незаконски поставен објект ќе биде санкциониран со соодветни решенија и постапки за негово отстранување”, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Градежниот инспектор издал решение со кое на инвеститорот „Екотон Дизајн“ му било наложено да ја отстрани нелегалната доградба. Бидејќи инвеститорот не постапил по решението и по неколкуте опомени, општинските служби ја отстранија бесправно изградената конструкција.


„Општина Центар спроведува континуирана акција за воспоставување ред на јавните површини, со засилени инспекциски контроли и активности за расчистување на нелегално поставени објекти. Целта е заштита на јавниот интерес и враќање на просторот на граѓаните, како дел од пошироката стратегија за уредување и подобрување на урбаниот простор во општината“, соопштија од Општина Центар.

