Македонија
Мицкоски: Скандал е што партиски луѓе ќе спроведуваат државен попис

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по денешната средба со здравствените работници, одговарајќи на новинарско прашање на тема попис истакна дека е скандал што партиски луѓе ќе спроведуваат државен попис.
„Јас за ова предупредив уште пред неколку недели на едно мое интервју дека СДСМ и ДУИ ќе попишуваат и практично нивните партиски војници ќе треба да бидат платени со пари од граѓаните со дваесет и три-четири илјади денари колку се предвидени за попишувачите. И дека на тој начин практично ќе биде не само што недовербата сега постои, туку на тој начин таа недоверба ќе биде уште поголема во самиот процес. А, денеска, посебно кога сме пред третиот бран од овој коронавирус, гледаме на дневна основа се зголемува бројот на лица коишто се инфицирани и уште повеќе се фрла недоверба, односно сомнеж на самиот процес на попис“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека имајќи предвид дека сите држави во околинава го одложија пописот, требаше власта да биде барем малку паметна и да го одложи овој попис. Мицкоски исто така апелираше до меѓународната заедница да ја вразуми власта, бидејќи власта не ги слуша граѓаните и опозицијата.
„Апелирам и до меѓународната заедница нека ги вразуми овие бидејќи само нив ги слушаат, а не ги слушаат граѓаните, да го откажат пописот, да не ги доведуваат во опасност граѓаните дополнително затоа што ќе броиме мртви луѓе и ќе броиме луѓе со трауми што ја прележале оваа пандемија“, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека партиските војници на овој начин сакаат да депонираат пари и да ги платат за тоа, бидејќи, како што вели, нема кој да им работи на терен за локалните избори, и сега да направат какво такво мапирање, но тоа е политиканство, тоа нема никаква врска со реалноста.
„Замислете 35.000 попишувачи коишто треба да влезат во 500.000 домаќинства во рок од 20 дена, што ќе се случи? Не жариште, можете да замислите што ќе биде тоа. А, потоа следи Велигден, следи Рамазан“, појасни Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.