Македонија
Мицкоски: Со менаџментот на маркетите „Лилд“ разговарав за условите за инвестирање, секој што сака да вложи може тука да го стори тоа
„Видете, компанијата е тука присутна веќе повеќе години. Од тоа што ни беше презентирано, повеќе од стотина милиони евра веќе се инвестирани и наша цел е од процентот којшто ни беше претставен дека ќе бидат застапени македонски производи на рафтовите на компанијата, тој процент да дојде многу скоро до 50 проценти, сега не би зборувал кој е тој процент, но е далеку од тоа ние што го очекуваме како Влада. Ние очекуваме минимум 50 проценти таму да има производи македонски на тие рафтови од македонски компании“, подвлече Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Северна Македонија денеска одговарајќи на новинарско прашање со кои проблеми се соочувал менаџментот на компанијата „ЛИДЛ“.
Премиерот Мицкоски посочи дека има нагорен тренд на извозот производи од македонски компании во „ЛИДЛ“ маркетите насекаде во Европа и потенцираше дека доколку се сака се може.
„Извозот кој што е сега добар, да речеме има нагорен тренд се дуплира, очекуваат од неколку стотини илјади евра во 2022 година, на два и пол милиона 2023 година, сега е 2024/2025 пет или шест милиони да биде извоз на производи од македонски компании во „ЛИДЛ“ маркетите насекаде во Европа да биде зголемен, да биде 10, 50 зошто да не и 100 и ценам дека доколку се сака се може“, кажа премиерот.
„Очекувам дека македонските производители заедно со раководството на компанијата „ЛИДЛ“ ќе работат во насока на постигнување на квалитетот, на нормите што ги побарува компанијата за цена којашто е прифатлива за македонските граѓани“, рече премиерот Мицковски и додаде:
„Јас ги охрабрувам, а ние како Влада се што е во наша моќ ние ќе испорачаме, без посредници, без провизии, без дај ми нешто па јас го знам овој оној во таа општина па ќе ви завршам работата, такви работи нема да има повеќе, такви пречки ќе нема, ние како Влада застануваме и секој оној којшто до сега мислел дека е некаков си посредник за олеснување на некого ќе мора да бара друга работа.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски од Србија: Овa е доказ за моќта на соработката, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител
Премиерот Христијан Мицкоски од саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Србија, истакна дека настанот е доказ за моќта на соработката, визијата и посветеноста што земјите ја имаат кон унапредувањето на економските врски, културната размена и туристичката промоција.
Регионалната иницијатива, според него, создава можности што го поврзуваат регионот со светот и токму оваа платформа е пример како традицијата и иновацијата можат да одат рака под рака.
„Горд сум што денеска, овде во Белград, можеме да ги претставиме достигнувањата на македонската винска индустрија, која без сомнение се вбројува помеѓу најразвиените во регионот. Македонија има повеќе од 28.000 хектари лозови насади, а годишно произведуваме околу 100 милиони литри вино, од кои речиси 70 проценти се извезуваат во над 40 земји низ светот. Нашите лозја, кои се простираат низ региони како Тиквеш, Повардарие и Пелагонија, се меѓу најсончевите во Европа, со над 270 сончеви денови годишно, што придонесува за квалитетот на грозјето. Особено сме горди на нашите автохтони сорти, како што се вранец и станушина, кои стануваат препознатливи брендови на меѓународната сцена. Во споредба со соседните земји, Македонија се издвојува по балансот, меѓу количината и квалитетот на произведеното вино. Според податоците, 50 проценти од произведеното македонско вино е со ознака за географско потекло, што ја истакнува нашата посветеност на врвниот квалитет. Дополнително, секторот за вино придонесува со три проценти од вкупниот БДП на земјата, обезбедувајќи работа за над 20.000 луѓе, од лозарите до винарите и извозниците. Со ова, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител“, нагласи Мицкоски.
Изрази уверување дека настанот нема само да ја зајакне нашата винска индустрија, туку дека ќе отвори нови пазари и можности за сите учесници.
Саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ не е само место за изложување и дегустација, туку и форум за дискусија, образование и соработка што ќе донесе долгорочни придобивки. Дозволете ми да се заблагодарам на домаќините и организаторите, кои вложија голем труд за да го направат овој настан успешен и да го промовираат Балканот како регион на квалитет, креативност и потенцијал. Сигурен сум дека заедничкиот успех што ќе го споделиме овде ќе биде само почеток на уште поголеми достигнувања во иднина“, кажа Мицкоски.
Македонија
Магла на патот с.Лисец – Попова Шапка, сообраќајот се одвива по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла од 40 – 50м. има на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2024 година започнува законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Силен ветер ја зафати Битола: на неколку локации предизвикани штети
Силен ветер попладнево ја зафати Битола, според објавија надлежните во овој град.
Ветерот според информациите предизвикал штети на неколку локации.
„Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и екипите на јавните претпријатија „Комуналец“, „Нискоградба“, „Водовод“ и ТППЕ Битола, постојано се на терен, по силниот ветер кој денес ја зафати Битола и сеуште предизвикува штети на повеќе локации.
Екипите дејствуваат координирано на повеќе места, а ќе останат на терен се до расчистување на сите локации“, соопштија од општинската управа.