Македонија
Мијалков бара јавна седница во скопска Апелација за притворот
Ексидиректорот на УБК, Сашо Мијалков, во жалбата до скопските апелациони судии побарал јавна седница, дознава „Макфакс“. Во жалбата на Мијалков до второстепениот суд се бара решението за притвор да се преиначи, односно притворот да се укине, а во сила да останат претходните определени мерки на претпазливост.
Мијалков приговара на фактот што решението за притвор е донесено само врз основа на доставениот предлог од надлежното обвинителство, како и од извршениот увид во списите на кривичниот предмет, без да се сослушаат неговите аргументи и аргументите на адвокатите. Во жалбата до скопска Апелација на ексдиректорот на тајната полиција се цитира и пресуда на Европскиот суд за човекови права, во која е пресудено дека на жалителот треба да му биде дадена можност да ги претстави усно своите аргументи пред советот на судот.
Од содржината на аргументацијата во решението никаде не е утврдено што направил, т.е. прекршил обвинетиот, за да му биде определен притвор, пишува во жалбата. Во аргументацијата на судијката Џенета Бектовиќ, пак, пишува дека притворот е определен поради оперативни сознанија на Управата за финансиско разузнавање за обиди за бегство и поради тоа што постојат повеќе кривични постапки што се водат против него, но и поради околноста дека тој и неговото семејство имаат огромен имот, акции и удели во Македонија и Чешка, кои лесно може да се продадат.
Адвокатите на Мијалков во жалбата до судот прашуваат дали Управата за финансиско разузнавање е надлежен орган кој го спроведува извршувањето на мерките на претпазливост и дека имотната состојба на обвиниетиот и претходно ѝ била позната на Обвинителството. Мијалков во жалбата до судот прашува кои се физичките и правните лица што се поврзани со неговите фирми, каква е нивната сопственичка структура и каков е нивниот корпоративен историјат.
Во жалбата е наведено прашањето на кој начин судот утврдил дека фирмите што располагаат со големи приходи и парични износи на нивните сметки, иако не се на име на обвинетиот, се на име на некои други физички и прави лица. Според жалбата, нејасно е на кој начин судот ја утврдил поврзаноста на овие физички и правни лица со Мијалков. Тоа се однесува и на големиот број акции во правни лица во Македонија, како и удели во други правни лица во земјата, за кои не е наведено кои се, ниту колкав е бројот на акциите и уделите што ги поседува обвинетиот, туку само е дадена општа констатација.
Судот, напишале адвокатите, и претходно знаел за постоењето на другите обвиненија и постапки за Мијалков, но тие тогаш не претставувале доволна основа за да не продолжат да опстојуваат изречените мерки на претпазливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Не е точно дека со ДУИ подготвуваме сценарио за бојкот на вториот круг на претседателските избори“, кажа Ковачевски
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски кажа дека не е точно дека подготвуваат со ДУИ сценарио за бојкот на вториот круг на претседателските избори на 8 мај.
„Тоа не е точно, јас вчера имав многу јасна порака на митинзите во Сарај и Чучер Сандево. Ги повикувам сите гласачи масовно да излезат на 8 мај и да ги поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и коалицијата За европска иднина на парламентарните избори. Да избереме и претседател и парламентарен состав, Македонија да продолжи на својот пат на европските инетеграции“, рече Ковачесвки.
Тој кажа дека никој не ги има гласачите под своја контрола за да ги наведува како да гласаат.
„Ја примивме пораката во првиот круг за сите грешки кои ги направивме минатите седум години. Очекуваме да ја добиеме поддршката во вториот круг. Нормално е дека нашето членство го повикавме на изборите. Свесни сме дека граѓаните испратија јасна порака до СДСМ, дека граѓаните укажаа на грешките. Работевме во услови на голема пандемија, енергетска и економска криза предизвикани од војната во Украина. Свесен сум за нивото на инфлација и цените. Се обидовме да ги зголемиме и платите и пензиите секој да се справи на најдобар начин со оваа криза. Знам дека тоа не беше доволно, знам дека треба повеќе. Во новата програма имаме и зголемување на платите и на пензиите и секако многу јасни мерки во однос на владеење на правото и борбата против корупцијата“, кажа Ковачевски.
Тој очекува во вториот круг поддршка од сите граѓани во Македонија.
Ковачевски кажа дека Пендаровски е граѓански кандидат и ја бара поддршката од граѓаните, а не од претседателските кандидат коишто не се пласирале во вториот круг.
„Имаме разговори со политичките партии на различни нивоа и ги повикувам сите да имаме масовна излезност на 8 мај. Да избереме претседател на државата со којшто ќе имаме сигурна европска иднина и да избереме парламент што ќе носи храбри одлуки за државата, за да го дадеме на граѓаните она што го заслужуваат и очекуваат“, рече лидерот на СДСМ.
Тој додаде дека со крената глава продолжуваат во вториот круг и знае од што се незадоволни граѓните.
Македонија
(Видео) Стојаноска: Време е да се обединиме сите околу тоа повеќе да не функционираме како до сега
„Во текот на вчерашниот ден направивме анализа од резултатите од првиот изборен ден на претседателските избори и истото покажува дека голем број на нашите сограѓани Албанци, Турци, Роми и Бошњаци го имаат дадено својот глас за нашиот претседателски кандидат Гордана Силјановска Давкова“, рече Дафина Стојаноска, носител на изборна единица 6.
„Во име на тоа, од срце им се заблагодарувам на сите мои сограѓани и ги повикувам истото да го направат да го направат и во вториот круг имено ВМРО-ДПМНЕ подава рака кон сите, време е, момент е да се обединиме сите околу тоа повеќе да не функционираме како до сега, туку да вложиме да инвестираме во вистинска слобода, вистинска благосостојба и вистински соживот особено за нас особено во шестата изборна единица. Време е заедно да се спротивставиме на криминалот и Македонија да ја направиме своја и горда“, изјави Дафина Стојаноска, носител на изборна единица 6.
Македонија
„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма
Иновативната формулација на „Алкалоид“ АД за лекот со додадена вредност „Омепразол“ во течна форма, готов за употреба, прва од ваков тип во светски рамки, е прогласена за „Патент на годината за 2023“ од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на пригодното одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26 април.
Меѓународната патентна пријава на „Алкалоид“ за „Oмепразол“ во течна форма беше поднесена на 17 април 2020 година, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европската Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други. Патентната пријава при Европскиот завод за патенти, чии ингеренции опфаќаат патентни активности во 39 земји во Европа, беше одобрена на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.
Патентот на „Алкалоид“ АД ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „Омепразол“, која се базира на два посебни раствори содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен омперазол за употреба. Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациети со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).
Државниот завод за индустриска сопственост е основан на 1 декември 1993 година како самостоен орган на државната управа и е надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и со заштитата на правата од индустриска сопственост кои опфаќаат патенти, индустриски дизајни, трговски марки и ознаки за потеклото на производите. Оваа институција триесетта година по ред традиционално организира активности во насока на афирмација на улогата на индустриската сопственост во поттикнувањето иновации и креативни творби.
ПР