Македонија
Мијалков и Тачи добија по две години затвор за изборните нерегуларности во „Титаник 2“
Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани одново пресудија по предметот „Титаник 2“, кој се однесува на изборни нерегуларности сторени на изборите во 2013 година. Судот ги ценел сите олеснителни и отежнувачки околности и ги огласи сите осомничени за виновни.
На повтореното судење, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, е осуден на казна затвор од две години. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, исто така доби казна затвор од две години.
Од ексчленовите на ДИК, кои добија преквалификација на делото и сега се гонат за повреда на избирачкото право, на Бедредин Ибраими му е изречена казна затвор од две години, исто како и Влатко Сајковски, Сашо Срцев и на Анита Стефановска, кои добија казна затвор од две години.
„Судот е на мислење дека никогаш и никаде не смее неправото да биде над правото. Обвинетите направиле директна повреда на изборното право во интерес на своите партиски интереси, со директна и умислена повреда“, изјави, меѓу другото, судијата Ставрев.
Сашо Мијалков беше спроведен на судењето со доцнење од половина час од страна на затворските полицајци од затворот во Струга. Во судницата беше присутен и син му Александар Мијалков.
Сите обвинети и на повтореното судење негираа вина. Сашо Мијалков и Мендух Тачи се гонат за поттикнувачки дејства, а ексчленовите на ДИК дека поништиле гласање по нивна насока. Очекуваа дека обвинителот Гаврил Бубевски ќе го повлече обвинението бидејќи според нив е неиздржано, а бидејќи тоа не беше направено, очекуваа судиите Ставрев и Шабани да донесат ослободителни пресуди.
Апелација ја укина пресудата во декември 2019 година. Од тогаш до декември 2022 година по предметот сè се постапува во Кривичниот суд. Ова би значело дека речиси е невозможно за четири месеци, пред делото на Мијалков да застари, да се донесе правосилна судска одлука.
Во предметот „Титаник 2“ извесно е застарување на делото „примање награда за противзаконито влијание“ за кое е обвинет Мијалков веќе во април годинава. Ако Апелација не донесе одлука за овој предмет до април, Мијалков ќе биде ослободен од вина. За другите обвинети, меѓу кои и Тачи, делата не застаруваат набргу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

