Македонија
Анѓушев: Малта не треба да има почесен конзул со сенка врз неговото име, колку и да е таа неоправдана
Малтешкото Министерство за надворешни работи му ја прекина функцијата почесен конзул на Малта на поранешниот вицепремиер, Кочо Анѓушев, поради неговото поместување на „црната листа“ на САД.
Портпаролот на малтешкото МНР во изјава за „Тајмс од Малта“ истакнал дека Министерството никогаш не добило никакви негативни информации за Анѓушев од неговото назначување во 2021 година.
Со оглед на ваквите случувања, Министерството го прекинува неговото назначување, што веднаш стапува во сила и внимателно ги следи најновите случувања, изјавил тој.
Анѓушев преку соопштение и се заблагодари на, како што вели пријателска Малта за честа да биде почесен конзул, но наведува дека со оглед на одлуката на Стејт департментот, со која не се согласува, но ја цени и прифаќа, смета дека не е во можност, ниту пак Малта треба да има почесен конзул со сенка врз неговото име.
„Се заблагодарувам на пријателска Малта за честа да бидам почесен конзул на членка на ЕУ во Македонија од 2021 година. Со оглед на одлуката на почитуваниот Стејт Департмент кон мене, со наводи со кои јас не се согласувам, но ги ценам и прифаќам како одлука, сметам дека не сум во можност, ниту пак Малта треба да има почесен конзул со сенка врз неговото име, колку и да е таа неоправдана. Се додека овие наводи не се преиначат, јас не сакам и не можам да се застапувам во име на која било држава или институција“, вели Анѓушев во соопштението до медиумите.
Тој додава дека одлуката за ограничување на влез во САД е нешто што се однесува лично на него и со тоа прашање треба да се носи лично, без за тоа да имаат негативни последици пријателски држави, личности, бизнис-соработници или институции.
„Во текот на вчерашниот ден лично го информирав министерот за надворешни работи на Малта за новонастанатата состојба, како и за мојата определба да ги искористам сите пропишани можности во правец на издржано и осовано преиначување на оваа одлука на администрацијата на пријателските САД. Министерот ме информира дека Малта одблиску ќе го следи развојот на настаните и дека во тој контекст ќе го земат предвид секој позитивен исход. На министерот Борг му изразив благодарност за можноста и честа во еден период да служам во интересите на држава членка на ЕУ и на интересите на нашите две земји“, наведе Анѓушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Додека Таравари шета низ светот, болниците се претворија во пекол за пациeнтите: ДУИ бара одговорност за смртта на бебињата
Демократската унија за интеграција бара одговорност од министерот за здравство и директорот на детската клиника за секојдневните смртни случаи на бебиња во болниците со кои раководат Изет Меџити и Арбен Таравари.
Болниците се претворија во пекол за пациентите каде секојдневно умираат бебиња, додека Таравари шета низ светот и не чувствува никаква одговорност.
ВЛЕН, Изет Меџити и Арбен Таравари реагираат само кога ќе им се наруши кумството со коцкарскиот бос во земјава, нивниот најголем поддржувач.
Секогаш кога Таравари е министер за здравство, смртта на пациентите станува секојдневна појава.
ВМРО ДПМНЕ го нарече Арбен Таравари министер за смрт и најкорумпиран човек.
Мицковски денеска мора веднаш да ги разреши Таравари и директорот на клиниката Мемеди за да ги спаси граѓаните.
Македонија
Општината Ѓорче Петров се приклучи кон глобалната иницијатива за отпорност
Општина Ѓорче Петров и Република Македонија оваа година го прават првиот чекор кон приклучување кон глобалната иницијатива „Да ги направиме градовите отпорни 2030“ (MCR2030), информираат од таму. Овој потег, според нив претставува значаен чекор кон развој на локалниот капацитет за управување со ризици и подобрување на отпорноста на заедниците пред природни катастрофи, со цел осигурување на безбедноста и благосостојбата на сите граѓани.
Локалната самоуправа на Ѓорче Петров, во соработка со UNDRR и Центарот за Управување со Кризи, има уникатна можност да работи на зајакнување на инфраструктурата и подобрување на свеста за ризиците кои ги носат природните катастрофи. Преку техничка поддршка и пополнување на картата за резултати за отпорност на катастрофи, Ѓорче Петров прави, како што велат, чекори кон создавање на подобро координирана и поодржлива заедница.
„Процесот на проценка на отпорноста е само почеток,“ истакна градоначалникот Стојкоски, нагласувајќи дека целта е градење политики и стратегии кои не само што ќе бидат локално адаптирани, туку и усогласени со глобалната Рамка за намалување на ризикот од катастрофи. Со своите партнери, општина Ѓорче Петров останува посветена на вложувањето во капацитетите на своите заедници, правејќи ги поотпорни и способни да се адаптираат и опоравуваат по секоја катастрофа, нагласуваат од општината.
Македонија
(Видео) Мазут со многу нечистотии доставуван во ТЕЦ Неготино, а раководството на АД ЕСМ од СДС и ДУИ му правеле и анекси на добавувачот, вели Петрушевски
„ДЗР во ревизија на работењето на АД ЕСМ за период од 2019 до 2022 утврдил низа нерегуларности. Раководството на претпријатието од СДС не ги спроведувало јавните набавки согласно закон“, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„ДЗР констатира дека при набавката на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, АД ЕСМ раководството толерирало низа пропусти на доставувачот, кој ги немал секогаш задолжителните залихи, доцнел со испораката и не ја почитувал динамиката.
АД ЕСМ и покрај тоа што не добивала мазут како што било предвидено во договорот, во два наврати склучува анекси со истиот добавувач, со што ја зголемува вредноста на договорот.
Раководството на АД ЕСМ толерирало испорака на мазут со примеси на голем број нечистотии, со што се предизвикале дефекти во мазутната станица.
Зошто раководството на АД ЕСМ толерирало неквалитетен мазут и лоша испорака? И зошто згора на тоа два пати анексирале договор?
Дали поранешното раководство на АД ЕСМ работело за нечиј приватен интерес наместо за државниот?
Го повикуваме ЈО да го испита случајот со набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, а како појдовна точка да ја имаат Ревизијата од ДЗР. Одговорност мора да има“, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.