Македонија
МНР објави прирачник за медиуми за употреба на новото име
Министерството за надворешни работи на својата веб-страница објави прирачник за медиумите за употреба на новото име, Република Северна Македонија, во согласност со договорот од Преспа. Официјалното име, како што се наведува во прирачникот, е Република Северна Македонија, скратено Северна Македонија.
Националноста (државјанството) е македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, официјалниот јазик е македонски јазик, кодовите се МК и МКД, а придавката македонски се употребува во однос на етничкиот и културниот идентитет, јазикот, историјата, културата, наследството, територијата и другите атрибути.
Овие термини во тој контекст се сосема поинакви во однос на оние што се користат за означување на регионот Македонија во Грција. Во прирачникот се наведуваат примери за точна и неточна примена на придавката. Правилно: македонски етнички идентитет, македонски јазик, македонска култура, македонска територија, македонски граѓани, македонска историја, македонски планини, македонска литература, македонско кирилско писмо, македонска храна, македонски цркви… Неточно: придавки како „северно македонски“, „с. македонски“ и „северномакедонски“.
Во прирачникот се дава појаснување и за употребата на придавката во однос на државата, нејзините органи, јавни и приватни институции и сè што е поврзано со државата, основано во согласност со законот и финансирано од државата за активности во странство.
Придавката тука треба да гласи „од Република Северна Македонија“ или од „Северна Македонија“. Правилно: Влада на Република Северна Македонија, претседател на Северна Македонија, министер за надворешни работи на Република Северна Македонија, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ на Северна Македонија. Неточно: „северно македонски“, „македонски“, „с. македонски“ и „северномакедонски“.
Во однос на активностите, придавката може исто така да гласи „македонски“. Правилно: македонска економија, здравствениот сектор на Република Северна Македонија, македонска уметност, македонска музика, македонско земјоделство, македонска артихтектура, прехранбена индустрија на Северна Македонија. Неточно: „северно македонски“, „с. македонски“ и „северномакедонски“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пожарникарите извлекоа паднат човек во реката Драгор
Регионалниот ЦУК Битола информира дека пожарникарите од ТППЕ Битола од 18.45 до 19.35 часот, со четири пожарникари и едно противпожарно возило интервенирале на извлекување паднат човек во река Драгор кај месноста „Сали Мост“.
Паднатото лице не било повредено.
Од ЦУК апелираат за голема внимателност при појава на локалните нагли метео промени, да се избегнува движење во засеци во природата, суводолици и многу блиску до речни корита… и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења: да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја, внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на помали одрони при вакви променливи метео услови.
Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи локално во форма на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 16, а максималната ќе достигне од 22 до 27 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен дожд. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 26 степени.
До среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со засилен ветер, обилен пороен дожд за кратко време и изолирана појава на град. Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Скопје
Делови од три скопски општини денеска без струја
Според добиеното известување од ЕВН Македонија, Регионалниот центар за управување со кризи информира дека поради реконструкција денеска без снабдување со електрична енергија ќе останат делови од три скопски општини.
Во периодот од 09:00 до 15:00 часот без напојување ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром.
Во периодот од 10:30 до 14:30 часот без напојување ќе останат корисниците дел од улица 16, на патот кон Визбегово во општина Карпош.
Во периодот од 13:00 до 14:30 часот без напојување ќе останат објектите на градинката Росица, на улица Мечкин Камен, број 45А. во општина Ѓорче Петров.