Македонија
Мојсовски: До крајот на октомври ќе биде завршен базенот во Ѓорче Петров

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, и директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски, денеска извршија увид во градежните работи на првиот затворен базен во општината, кој се гради во ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“.
Ова е еден од шесте затворени базени што ги гради Агенцијата во соработка со локалните самоуправи. Целиот проект опфаќа вкупно 14, а во наредниот месец се очекува АМС да распише тендер за нови 4 базени. Наменет е за учениците, но по часовите ќе може да го користат и рекреативци.
Вложувањето во спортската инфраструктура, рече Наумоски, претставува вложување во раниот детски развој, градење здрави индивидуи и спортисти, кои понатаму ќе ја градат својата кариера во нашата општина.
„Сега со гордост може да кажеме дека силно ќе го развиваме и пливачкиот спорт преку формирање пливачки клубови во следниот период“, изјави Наумоски по увидот.
Како што нагласи Мојсовски, пандемијата привремено го забавила темпото на работа.
„Сега почнуваме повторно интензивно. До крајот на октомври или почетокот на ноември базенот ќе биде завршен. Со овие димензии на базенот се надевам дека ќе формираме и пливачки клуб во општина Ѓорче Петров. Ќе биде подобро што повеќе деца од училиштата да го користат“, додаде директорот на АМС.
Овој спортски објект е со димензии 20,40 x 30,35 метри, со длабочина од 0,9 до 1,4 метар. Во склоп на базенот ќе има соблекувални и централен систем на загревање. Се гради по сите стандарди и тој ќе биде енергетски ефикасен и рентабилен.
Предивдениот рок за затворање на проектот е 18 месеци. Базенот е со вредност од 38 милиони денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.