Македонија
МТСП: Стечајците кои ги исполнуваат условите од новиот закон во рок од 30 дена да се пријават во Агенцијата за вработување
Министерството за труд и социјална политика ги повикува стечајните работници кои ги исполнуваат условите од новиот Закон за стечајци во рок од 30 дена да се пријават во Агенцијата за вработување.
Со новиот Закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, Министерството за труд и социјална политика обезбеди паричен надоместок за уште 1.100 стечајци.
Со Законот за стечајци невработеното лице треба да има најмалку 14 години работен однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата.
Останатите услови остануваат исти како и со досегашното законско решение, односно работниот однос на невработеното лице да му престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 31 декември 2020 година, во претпријатие со доминантна сопственост на државата или на кое работниот однос му престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, по приватизација на претпријатието, под услов истиот да бил заснован додека претпријатието било со доминантна сопственост на државата.
На денот на поднесување на барањето невработеното лице треба да е на возраст од најмалку 52 години (жена), односно 55 години (маж); да остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1993 година и од 31 декември 2020 година до денот на влегување во сила на овој закон, да не било во работен однос.
За спроведување на овој закон на месечно ниво ќе бидат потребни 13.093.300 денари, односно за 4 месеци од 2021 година околу 52.373.200 денари.
Новиот Закон за стечајци вчера Собранието едногласно го изгласа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температура до 20 степени
Утре, сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.
Македонија
Тошковски – Хани: Зајакнување на антикорупциските механизми и унапредување на регионалната соработка
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со директорот на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), Алберт Хани, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката во насока на зајакнување на институционалните капацитети за спречување на корупцијата.
Во фокусот на разговорите беа обуките за изработка на Национална проценка на ризик од корупција и антикорупциската проверка на законодавството во областа на внатрешните работи, при што беше истакната активната улога на Македонија како потписничка на Меѓународниот договор за размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба. На средбата беше нагласено дека нашата држава претставува водечки пример и референтна точка за земјите кои сè уште не пристапиле кон овој механизам.
Тошковски ја потенцираше важноста од системски пристап во детектирањето и намалувањето на ризиците од корупција во безбедносниот сектор, како и значењето на регионалната соработка и размената на искуства.
„Борбата против корупцијата е еден од нашите врвни приоритети. Преку зајакнување на интегритетот на институциите, унапредување на законодавната рамка и користење на современи механизми за проценка на ризици, создаваме систем во кој корупцијата станува сè потешка, поскапа и неисплатлива. Поддршката и експертизата на РАИ во овој процес имаат значајна улога, а Министерството за внатрешни работи останува силно посветено на развој на ефикасни и одржливи антикорупциски политики“, истакна Тошковски.
На средбата беа разгледани и конкретни можности за идна соработка преку заеднички активности, обуки и проекти насочени кон јакнење на превентивните и репресивните механизми во справувањето со корупцијата.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.

