Македонија
Муцунски: Ги посетив пациентите во Хрватска и во Австрија и лично се уверив во посветеноста на медицинскиот персонал кој се грижи за нивното закрепнување

Вчера беше еден од најтажните денови за државата. Трагедијата во Кочани длабоко ме вознемири, пред сѐ, како човек и родител. Во овие тешки моменти важно е да останеме обединети во болката и солидарноста. Дозволете ми уште еднаш да изразам искрено сочувство до семејствата што се соочуваат со оваа ненадоместлива загуба, напиша на својот фејсбук-профил министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
„Наша обврска како држава е да обезбедиме соодветни услови за лекување и целосна поддршка за повредените. Во текот на вчерашниот ден ги посетив пациентите што се лекуваат во Хрватска и во Австрија. Разговарав со нивните семејства и лично се уверив во посветеноста на медицинскиот персонал, кој се грижи за нивното закрепнување. Целокупните трошоци за престојот на семејствата се покриени од државата, а нашите дипломатско-конзуларни претставништва имаат клучна улога во организацијата и реализацијата на медицинскиот третман, како и во поддршката на семејствата во странство“, објави Муцунски.
Тој се осврна и на своите остварени кратки средби со хрватскиот колега Гордан Грлиќ-Радман, на кои присуствувала и министерката за здравство на Хрватска, Ирена Христиќ. Потоа, во Виена, имал билатерална средба со новата австриска министерка за надворешни работи, Беате Мајнл-Рајсингер. На средбите Муцунски изрази длабока благодарност за нивната поддршка, за понудената помош и за солидарноста што ја покажаа во овие тешки моменти за нашата земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Бидете луѓе, не таблоиди, не ловци на туѓа трагедија“, напиша Никола Перевски – Пере

„Луѓето знаат да гледаат. Знаат да гледаат директно во туѓата несреќа. Да кликнат, да коментираат. Да се насладуваат на туѓиот пекол додека грицкаат нешто мрсно од кеса.
Но,знаеш што не знаат? Да молчат кога е потребно. Да ја спуштат главата кога не знаат, кога немаат поим. Да се тргнат настрана кога болката не е нивна. Да ги остават луѓето да ги закопаат своите деца без блиц, шепоти и евтини анализи“, напиша Никола Перевски – Пере на социјалните мрежи.
„Не барам чуда. Не барам свет без врева. Барем за тие неколку дена, Бидете луѓе. Не таблоиди. Не ловци на туѓа трагедија. Не доктори за се и сешто. Само луѓе. Со душа, ако ни остана. Затоа што ако го прокоцкаме и тоа – Нема ни што да се свири веќе“, пишува Пере.
Македонија
(Видео) Струмичкиот градоначалник: Уште колку жртви треба да дадеме за да се свестиме дека со оганот нема играчка

Во денови на огромна жалост во Македонија и Струмица, несовесни граѓани запалија стрниште, а за среќа нашите пожарникари од ТППЕ Струмица со поддршка на пожарникари од Радовиш, Валандово, Гевгелија успеаја за максимално брзо време да го локализираат пожарот, без да има изгорени куќи или човечки жртви, извести градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
Тој апелираше на свест и совест кај граѓанството.
„Уште колку жртви треба да дадеме за да се свестиме дека со оганот нема играчка. Треба да бидеме одговори граѓани за да не ни се случуваат такви катастрофи“, додаде струмичкиот градоначалник.
„Пожарот беше јавен околу 14 часот, излезе една екипа, но самиот ветер си го направи своето. Побаравме помош и од соседните градови и благодарни сме на колегите кои ни помогнаа“, изјави Александар Гудев, командир на Територијала противпожарна единица (ТППЕ) Струмица, за пожарот во Струмичко.
Македонија
Пожарот во Струмичко ставен под целосна контрола

Пожарот во Струмичко е ставен под целосна контрола, извести директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Тој додаде дека нема опасност по населени места, ниту по околните викендици.
Екипите на територијалната противпожарна единица на Струмица се на терен и го ставија под контрола пожарот кој се ширеше поради ветрот.
При гасењето на пожарот помогнаа и пожарникари од други градови, а на терен се градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.