Македонија
Над еден милион евра незаконски се поделени како социјална помош, најмногу пари потрошени во Гостивар и Прилеп
Над еден милион евра државни пари се поделени како социјална помош на лица што не ги исполнувале условите оти на свое име имале возило, покажаа првичните анализи во Министерството за труд и социјална политика. Социјални работници за „Макфакс“, неофицијално, велат дека сумата ќе расте оти сѐ уште во пресметката не се опфатени сите центри за социјална работа.
„Во незаконски исплати предничат Гостивар и Прилеп. Таму незаконски се исплатени најмногу пари. И сумата за Скопје, ако се соберат сите општини, не е мала, но Гостивар и Прилеп се на врвот на листата по незаконски исплати доколку се земе предвид бројот на жители и поделените пари како помош од државата“, неофицијално брифираат социјалните работници.
Техничкиот министер за труд и социјала, Ѓоко Велковски, иако најави дека на 5 април ќе биде извесно колку пари се проневерени оти ќе се исплаќа социјалната помош, бројки не соопшти. Од неговиот кабинет најавуваат дека првични податоци ќе бидат објавени следната недела.
„Сѐ уште се работи на собирање на сумите по исплатата на социјалната помош месецов. Следната недела пред јавноста ќе ги презентираме наодите“, велат од кабинетот на техничкиот министер за „Макфакс“.
Најпрецизно, пак, ќе се знае колкава е проневерата во Министерството за труд и социјала за два месеца кога техничкиот министер Велковски очекува да завршат рачните проверки на секое барање за социјална помош во сите центри за социјална работа во државата.
На почетокот на минатиот месец техничкиот министер Велковски обвини за милионски криминал со социјалната помош откога првпат во Министерство направија електронско вкрстување на податоците со Министерството за внатрешни работи и открија дека 2.252 лица, кои примиле социјална помош, имале возило на свое име иако еден од условите е да немаат возило.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

