Македонија
Над 100 пациенти третирани со конвалесцентна плазма

Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека се обезбедени вкупно 129 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со Ковид-19. Од нив 68 единици се обезбедени преку аферезна процедура од вкупно 30 дарители, и 59 единици се обезбедени преку стандардно дарување. Инаку, досега над 100 пациенти со Ковид-19 се третирани со конвалесцентна плазма, што содржи антитела против овој вирус, создадени од човечкиот организам за сузбивање на болеста.
Преку даруваната конвалесцентна плазма, антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со Ковид-19. Лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од Ковид-19, да има два негативни теста во рок од 24 часа, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест (трет) за да се потврди дека нема присуство на вирус. Исто така, согласно протоколите ќе биде земен и примерок за одредување концентрација и/или титар на неутрализирачки антитела Anti-SARS-CoV-2.
-Да им помогнеме на лицата кои во моментов се борат со коронавирусот – да донираме ковалесцентна крвна плазма!, апелира Институтот за трансфузиона медицина до сите оздравени пациенти кои имале Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На граничните премини Богородица и Табановце се чека по половина час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини Богородица и Табановце задржувањето од македонска страна е од 15 – 30 минути. На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Ковачки пред претседателите на Собранијата на членките на НАТО: Македонија е доверлив и одговорен сојузник

На денешното годишно Собрание на претседателите на Собранијата на земјите членки на НАТО кое се одржува во Брисел по повод 70 години јубилејно постоење, свое обраќање имаше пратеникот и членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки кој истакна:
„НАТО не е само воен сојуз, туку и жива заедница на демократските нации. Со децении нашите парламенти работеа на обезбедување транспарентност, одговорност и дека гласот на нашиот народ е слушнат. За мојата земја, патот кон НАТО беше долг, а понекогаш и неизвесен, но секогаш воден од убедување, реформи и верба во заедничка евроатлантска иднина“, вели Ковачки.
Ковачки посочи дека нашиот глас е обликуван од отпорност и трансформација. Тој посочи дека НАТО ја одразува демократската волја на нашите нации.
„Како земја од Југоисточна Европа, нашиот глас е обликуван од отпорност и трансформација. Ние сме доказ дека вратата на ЕУ останува отворена и дека демократијата е патот кон мирот. Во денешниот свет на дезинформации, нестабилност и конфликти, улогата на нашите парламенти е да ја бранат вистината и да се осигураат дека изборите на НАТО ја одразуваат демократската волја на нашите нации“, рече Ковачки.
Македонија
Вишиот јавен обвинител казнет, намерно и неоправдано направил крупни професионални грешки

Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител одлучи дека Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје и уште еден јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје сториле тешки дисциплински повреди од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство, односно намерно и неоправдано направиле крупни професионални грешки.
„Врз основа на изведените докази, Комисијата утврди дека јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје, против кого се водеше една постапка, нестручно и несовесно постапил во 4 предмети во кои се откажал од жалба или обвинение. За ова на овој јавен обвинител изречена му е дисциплинска мерка – намалување на плата во висина од 30% од платата во траење од 6 месеци од правосилност на решението“, информира Обвинителството.
За Вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје, пак, се водеа две одвоени дисциплински постапки.
Во едната од Комисијата утврди дека е одговорен поради констатирани неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје, а во другата за нестручните одлуки донесени во три од наведените предмети, бидејќи пред него биле реферирани и со негова согласност биле донесени одлуките.
Со оглед на утврдените тешки дисциплински повреди во двете постапки одлучено е до Советот на јавните обвинители да биде поднесен предлог за разрешување на Вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје.
Единствено во однос на наводите за сторена уште една тешка дисциплинска повреда од Вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје кои се однесуваа на нарушување на угледот на Јавното обвинителство, Комисијата одлучи дека постои застареност на предлогот.
За виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје во декември 2022 година беше реизбран Мустафа Хајрулахи. Кон крајот на минатата година тој беше суспендиран од функцијата откако против него беше покрената истрага и поднесена кривична пријава