Македонија
Над 45 милиони денари вратени во државниот буџет; Фетаи: Конфискацијата на нелегално стекнатиот имот дава конкретни и мерливи резултати
Денес се одржа првиот конститутивен состанок на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, со што официјално започна со работа највисокото координациско тело задолжено за следење и унапредување на институциите кои спроведуваат финансиски истраги и конфискација на имот.
Со Советот претседаваше Заменик-претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, а на состанокот присуствуваа претседателот на Владата, министерот за внатрешни работи, претставници на меѓународната заедница, граѓанскиот сектор, како и членовите на Советот.
Формирањето и конституирањето на Советот е дел од Националната стратегија за јакнење на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот 2025–2028 и Акцискиот план 2025–2026, иницирани и координирани од Заменик-претседателот Фетаи, со јасна цел за зајакнување на институционалната координација и обезбедување силна и континуирана политичка поддршка за нивна имплементација.
За време на состанокот беше разгледан Првиот годишен извештај за 2025 година, кој евидентира конкретни и мерливи резултати, особено во областа на управувањето со запленетиот и конфискуваниот имот. Само во текот на 2025 година се реализирани над 45 милиони денари директни приходи во државниот буџет, како и конкретни случаи на општествена употреба на конфискуваниот имот, со директна корист за граѓаните.
Истовремено, извештајот покажува значително зголемување на вредноста на запленетиот и конфискуваниот имот во споредба со претходните години, што укажува на градење на реален и одржлив „track record“, заснован на резултати, а не само на нормативна рамка.
Во своето обраќање, Фетаи истакна дека финансиската истрага претставува камен-темелник на ефикасното управување и владеењето на правото, нагласувајќи дека ефективната финансиска истрага не е опционален додаток, туку фундаментален столб на способноста на државата да обезбеди ред, да ги заштити граѓаните и да го зачува интегритетот на економскиот систем.
Градењето отпорни и функционални капацитети за финансиски истраги е маратон, а не спринт, процес кој бара долгорочна и континуирана политичка посветеност, но кој веќе дава јасни и мерливи резултати.
Во овој контекст беше нагласено дека постигнатите резултати се од клучно значење и за европскиот пат на државата, имајќи предвид дека одржливите резултати во конфискацијата на нелегално стекнатиот имот претставуваат еден од основните услови на Европската Унија во областа на владеењето на правото.
Во заклучокот, беше потенцирано дека Националниот совет ќе има јасна улога во мониторингот и евалуацијата на спроведувањето на Стратегијата и Акцискиот план, ќе носи заклучоци и ќе предлага конкретни активности до Владата, со фокус на резултати, одговорност и задолжителна меѓуинституционална координација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.
Македонија
„Сè беше легално и со дозволи“: како Македонија учествувала во проектот со мозоци што беше споменат во документите за Епстин
Македонија била вклучена во меѓународен научен проект кој се споменува во документите поврзани со починатиот американски милијардер Џефри Епстин,пишува Дојче веле.
Станува збор за проект во кој американски научници поврзани со Универзитетот „Колумбија“ создале голема банка од човечки мозоци наменета за истражување на самоубиства, шизофренија и други психијатриски нарушувања. Во документите се споменува и Македонија како една од земјите што придонеле со примероци.
Поранешниот директор на Институтот за судска медицина во Скопје, професорот Алексеј Дума, за ДВ објаснува дека Македонија учествувала со ограничен број примероци и дека сè било спроведено според закон, а секој примерок морал да има одобрение од македонскиот и американскиот Етички комитет.
„Примероците најлегално патуваа со авион, поминуваа царина и за нив имаше целосна документација. Без дозвола — примерок не можеше да влезе во САД“, вели Дума и ја отфрла можоста за профит од целата постапка.
Тој појаснува дека од Македонија биле испраќани околу 10 до 15 примероци годишно, и дека бројката од околу 1.000 мозоци се однесува на целата меѓународна колекција, а не на македонските примероци.
Проектот, според Дума, донел значајни научни резултати, нови сознанија за поврзаноста меѓу шизофренијата и самоубиствата, како и опрема, лаборатории и можности за докторски студии за македонски научници.

