Македонија
(Видео) Наставниците и професорите не зеле јулска плата, обвини Независниот синдикат за образование

Независниот синдикат за образование денеска на прес-конференција се пожали дека доцнат платите во образовниот сектор.
„Денеска е 18 август, а вработените во образованието сѐ уште немаат земено плата. Во понеделник е 20 август и прашање е дали на тој датум ќе ја добиеме платата. Во законот за работен однос јасно и недвосмилено стои дека крајниот рок за исплаќање на плата е најдоцна до петнаесетти во месецот, но за жал законската регулатива не е доследно испочитувана во образованието“, изјави претседателот на Синдикатот, Томислав Гиевски.
По тој повод, Независниот синдикат бара од Министерството за образование и наука и општините да одговорат зошто се деградираат работниците во образовниот сектор. Велат дека немаат дополнителни хонорари и надоместоци, па за нив платата, за која сметаат дека ниска и под просекот, претставува единствената егзистенција.
„Непристојно е за земја која има претензии да стане членка на Европската Унија, работниците да молат да ја добијат нивната чесно заработена плата“, рече Гиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пациентите се категоризираат според потребите за рехабилитација по пожарот во „Пулс“, соопшти Министерството за здравство

Во моментот се врши категоризација на пациентите според потребите за рехабилитација со цел обезбедување соодветен понатамошен третман на повредените лица по пожарот во Кочани, соопшти Министерството за здравство.
Во болниците во земјава во моментот се хоспитализирани вкупно седум пациенти од повредените лица во трагедијата во Кочани, од кои 4 пациенти се хоспитализирани во Хируршка клиника „Св.Наум Охридски“, 1 пациент на Клиника за токсикологија и двајца пациенти во приватната болница Систина.
Во странски медицински центри остануваат хоспитализирани 64 пациенти.
Македонија
Објавен конкурсот за еколошки проекти, достапни се 3,7 милиони евра

Министерството за животна средина и просторно планирање го објави јавниот Конкурс за распределба на средства од Програмата за инвестирање во животната средина за 2025 година. На располагање се 3,7 милиони евра.
Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, истакна дека Програмата има за цел да поттикне и финансира проекти и активности што придонесуваат за заштита, унапредување и одржливо управување со животната средина – како еден од клучните фактори за здравјето и квалитетот на животот на граѓаните.
Меџити со апел до општините, здруженијата на општините, граѓанските организации и научно-образовните институции активно да се вклучат во овој процес.
Вкупниот износ што Министерството го распределува оваа година изнесува 229 милиони денари и тоа 100 милиони денари за изградба и техничка документација за канализациони системи и системи за пречистување на отпадни води, 100 милиони денари за изградба и надградба на водоводни системи, 10 милиони денари за образовни, истражувачки и развојни проекти и 19 милиони денари за активности за подигање на јавната свест, едукација и обуки поврзани со животната средина.
Министерот Меџити потенцираше дека процесот на избор и распределба на средствата ќе се спроведува транспарентно и објективно, со јасно дефинирани критериуми. Апликациите ќе се оценуваат врз основа на повеќе параметри, вклучувајќи организациска структура, ефективност на буџетот, влијание на проектот и усогласеност со национални стратегии.
Рокот за аплицирање изнесува три недели, а формуларите за аплицирање се достапни на официјалната веб-страна на Министерството и се прилагодени според типот на апликант – со цел да се олесни и поедностави процесот.
Особено охрабрување беше упатено до стартапи и технолошки компании да аплицираат со иновативни решенија за подобрување на животната средина.
„Овој Конкурс е вистинска можност за сите што имаат визија, идеи и капацитет да придонесат кон почиста и поодржлива животна средина. Апелирам до сите потенцијални апликанти – искористете ја оваа можност“, изјави министерот Изет Меџити.
Резултатите од Конкурсот ќе бидат јавно објавени по завршувањето на процесот на евалуација.
Македонија
Комплексот „Македонско село“ повторно ќе заживее, се избира концесионер

Комплексот „Македонско село“ повторно ќе стане центар на културата, автентичната архитектура и на македонската традиција, набргу ќе се врати на туристичката и на културната мапа на Македонија.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, денеска ја потпиша одлуката за избор на концесионер на комплексот, кој се избра по пат на електронско јавно наддавање преку системот со кој управува и оперира Министерството за финансии.
Концесионерот има обврска да ги преземе сите потребни активности за оспособување на комплексот за почеток со работа од 1 јуни 2025 година.
Комплексот „Македонско село“ не функционира речиси седум години откога претходните концесионери се повлекоа поради финансиски загуби, а во меѓувреме од СОЗР влат дека редовно ги исплаќале трошоците за осигурување и обезбедување и практично имало финансиски загуби од над 300.000 евра.
Се додава дека со изборот на концесионер се прави сериозен чекор кон враќање на животот во еден уникатен простор, кој ќе биде отворен за сите граѓани, туристи и љубители на традицијата.
Комплексот „Македонско село“, кој се наоѓа на падините на Водно, блиску до селото Нерези, се состои од 12 автентични куќи, со простории во кои се претставени македонските занаети, делови се користат како хотелски соби, а некои имаат и ресторански дел.
Со реотворањето на комплексот ќе бидат создадени услови за поттикнување на развојот на туризмот, со што ќе се создадат услови и за зајакнување на локалната економија, отворање нови работни места, а ќе биде унапреден и туристичкиот капацитет во Скопје, што ќе влијае на зголемен број туристи не само во Скопје туку воопшто и во земјата.