Македонија
На Груевски, Божиновски, Јанакиески и Димовски ќе им се суди и за „Талир“
Судот го одобри обвинението за случајот „Талир“ во кој поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ексгенералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеникот Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска се обвинети дека незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра во кеш за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на различни луѓе.
Тие се обвинети за кривично дело „незаконско финансирање на правно лице – политичка партија“. Чингаровска лани призна вина и доби условна казна. Од кривичниот суд информираат дека по формирање на кривичен предмет по оценетиот обвинителен акт, истиот согласно АКМИС-системот ќе биде распределен на судија за понатамошно постапување.
Што се однесува до второто обвинение за истиот предмет на специјалното јавно обвинителство, а кој се однесува на незаконска изградба на партиското седиште, судот сè уште не донел одлука. Обвиенинето е распределено кај судија за оценка и по донесено решение, јавноста ќе биде информирана.
Со второто обвинение за „Талир“ за изградбата на новото партиско седиште, пак, се обвинети Никола Груевски и Кирил Божиновски. Според обвинението, тие склучиле договор за изградба на објектот со градежната компанија „Бетон“ од Штип, иако не смееле тоа да го направат затоа што оваа фирма имала склучено договори за јавни набавки со други државни институции. Со договорот со „Бетон“ тие договориле „несразмерна корист“ за ВМРО-ДПМНЕ и на тој начин се стекнале со имотна корист од над 8 милиони евра за партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.

