Македонија
МЗ: На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 753 пациенти, слободни кревети има

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат 612 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Во регионалните центри во Битола и Штип се хоспитализирани дополнително 141 болен, со што вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои болнички се лекуваат на инфективните одделенија е 753.
Во болниците во внатрешноста има околу 130 слободни болнички кревети, а се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 77 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип, пак, се хоспитализирани 61 пациент. На инфективното одделение во Тетово има 47 пациенти, во Велес се лекуваат 66 болни, а во Куманово 73 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 100 пациенти, во Прилеп 94, во ковид-центарот во Гостивар 44, а во Струга 35 болни. Во болницата во Струмица лежат 70 пациенти, во Кочани 25, во Кичево 20, Кавадарци 33, а во Гевгелија 10 лица позитивни на коронавирусот.
„ Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.212. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.
И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид-одделенијата ќе бидат дополнително проширени“ соопшти Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во моментот нема активни пожари, надлежните апелираат да се внимава за Илинденските празници

Според податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК), заклучно со 18:00 часот , нема ниту еден активен пожар. Шест се целосно изгаснати, додека еден е ставен под контрола.
Под контрола е пожарот во Општина Берово, во реонот на планината Готен кон Малешевските Планини, каде што е зафатена нискостеблеста шума, смрека, борова и букова шума, како и грмушки и ниска вегетација.
Во изминатото деноноќие, пожарните служби успешно се справија со шест пожари на отворен простор ширум земјата. Во Општина Карбинци, пожар избувна во шумскиот предел кај селото Јунузлија. Слична ситуација се случи и во Општина Кавадарци, каде што пламна ниска вегетација помеѓу селата Галиште и Ќесендре.
Во Општина Прилеп беа активни два пожара. Првиот се прошири од селото Бешиште, низ местото познато како Бешишки Рид, и продолжи кон територијата на Општина Новаци и граничниот појас со Грција. Вториот зафати поширок реон помеѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил и Дрен, каде што гореше мешана шума и нискостеблеста вегетација.
Во скопската Општина Гази Баба беше изгаснат пожар во село Трубарево, каде што гореше отпад, додека во Општина Гевгелија беше изгаснат уште еден пожар во селото Милетево, кој зафати ниска вегетација.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска апелираше за внимателност за Илинденските празници, за да не се предизвикаат пожари.
Македонија
Арсовска за Чаир: Денес 50 дивоградби, утре уште 50, луѓето не заслужуваат да живеат безбедносно загрозени

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска изјави дека до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција е доставена обемна документација од 3.200 страници поврзана со сомнителни постапки за легализација и изградба на објекти во општина Чаир.
На брифинг со новинарите, Арсовска посочи дека станува збор за згради кои сѐ уште се градат – без документација, без проект, без платени комуналии и без статика.
„Ако нема санкционирање, денеска имате 50 згради што се градат. Утре ќе имате уште 50. Таму живеат луѓе, не бројки. И тие луѓе не заслужуваат да живеат во 12-катници без гаранција за нивната безбедност“, рече таа, предупредувајќи на сериозен преседан доколку институциите не постапат.
Документите доставени до обвинителството содржат, како што рече, докази за фалсификати, меѓу кои и изјави потпишани од лица кои во моментот на наводната изградба биле малолетни.
Таа ја нарече состојбата „очигледна операција на перење пари“, и нагласи дека ваков размер на криминал не е забележан во ниту една друга општина во Скопје.
Обвинителството веќе постапува по пријавата – одземена е документација од Општина Чаир и од Министерството за транспорт и врски, а тече споредба на податоците со други институции.
Арсовска истакна дека не планира повторна кандидатура за градоначалник, но зад себе остава над 900 реализирани проекти, од кои 250 капитални, „и покрај сериозните опструкции од Советот на градот“.
Во однос на најавата на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, дека ќе ја тужи, Арсовска одговори дека ќе и биде задоволство да ги соочи доказите со него, било каде и на било која платформа.
Македонија
На секои два до три часа возење неопходно е правење куса пауза, Тошковски вели дека заморот е причина за голем број несреќи

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски со дел од раководството на МВР го посети граничниот премин Табановце каде заедно со претседателот на Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ја продолжија кампањата „Безбедно во лето – Вози одморен“ чија промоција беше минатиот месец на граничниот премин Богородица.
Министерот Тошковски посочи дека преку оваа кампања ги потсетуваме возачите на потенцијалните опасности од заморот, но и на ризиците од пребрзото возење, управувањето на возило под дејство на алкохол и на други сообраќајни прекршоци кои се причини за тешки сообраќајни незгоди., како и дека овие превентивни активности се насочени особено на делницата од граничниот премин Табановце до граничниот премин Богородица, каде во летниот период енормно се зголемува бројот на возила кои минуваат преку овој коридор.
„Целта е да испратиме порака дека е исклучително значајно да се фокусираме сите во превенција на несакани настани кои најчесто се случуваат од премореност на возачите. Праксата покажува дека заморот е една од главните причини за предизвикување на сообраќајни несреќи посебно во летниот период од годината при патување на годишен одмор. На долгите патувања како што е годишниот одмор клучни се паузите за одмор, на секои два до три часа неопходно е правење пауза од барем 15-тина минути. Упатуваме апел до возачите да тргнат на пат одморени бидејќи заморот е голем непријател на безбедното возење. Статистиките покажуваат дека сообраќајните незгоди предизвикани од замор за жал најчесто завршуваат фатално“, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, додавајќи дека зголемувањето на безбедноста во сообраќајот е императив за МВР и дека и во наредниот период продолжуват активностите со цел да се намали бројот на жртви на патиштата.