Македонија
Невозможна мисија: никој не крева за закажувања термини за лични документи; МВР: Нема застој

Низа критики на адреса на Министерството за внатрешни работи се упатени изминативе денови. Граѓаните се жалат дека системот преку кој се закажува термини за издавање лични документи не работи. Тие посочуваат дека линиите фунцкионираат, но од другата страна оператор не одговара на повиците. Некои од нив ѕвонеле и цел ден, но залудно. За системот е задолжена фирма, која ги закажува термините, а потоа ги предава на МВР. Проблем досега не е пријавен.
Писателката Ксенија Николова преку социјалните мрежи упати и критика. Таа го сподели своето искуство.
„Системот не само што не функционира туку е неверојатно погрешно направен, небаре сами побарале да им направат систем кој намерно е создаден за да не им заврши работа на граѓаните. Прво, не можеш да избереш пакет на документи одеднаш, на пример, не можам да изберам дека сакам промена на сите три документи, што е секако моментната потреба на секој од нас. Мораш за секој документ посебно да закажуваш. Второ, треба да погодуваш кој термин е слободен зашто системот не ти покажува слободни термини во наредниот период, туку, едноставно, како игра на среќа избираш датуми за после да ти излезе едно прозорче дека нема слободни термини во тој ден, во тој час. Па пак одново и така во круг. Трето, кога, конечно, ќе помислиш дека решението е да избереш термин во ноември, тогаш ти излегува прозорец дека можеш да закажеш термин само во наредните 60 работни дена“, реагира таа.
Николова апелира до службите на МВР да се јавуваат на повиците на граѓаните.
Редакцијата на „Макфакс“ исто така безуспешно се обиде да закаже термин. Со часови ниту еден оператор на телефонскиот број за закажување не се јави.
Министерството за внатрешни работи извести дека не постои застој во нормалното функционирање – ниту на економскиот оператор, кој за сметка на МВР го сервисира повикувачкиот центар, односно неговите 12 повикувачки линии, а ниту во организациските единици при Одделот за граѓански работи, кои на дневна основа примаат повеќе стотици апликации од граѓани за разните видови лични документи.
„Факт е дека во овој летен период се зголемува обемот на барања за вадење лични документи. На состојбата дополнително влијае и назначениот рок за замена на старите лични документи, кои го содржат името Република Македонија, со нови со името на државата Република Северна Македонија, рок што истекува во февруари (12.2.2024) до кога во согласност со законските прописи мора да се променат личните документи (пасоши, лични карти, возачки дозволи), без оглед на роковите на нивната важност“, велат од МВР за „Макфакс“.
„Секој граѓанин може да закаже термин телефонски или електронски, а МВР максимално искористувајќи ги сите капацитети, работејќи и за викенди и за празници, ги презема сите мерки за граѓаните навремено да ги добијат своите документи“, додаваат од Министерството за внатрешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.