Македонија
Неетичко известување од српски медиуми и странски дописници за погребот на загинатите во Кочани

Независното здружение на новинарите на Србија (НУНС) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагираа на неетичкото известување на српски, регионални медиуми и на претставници на странски дописници за погребот во Кочани.
Повикаа да ја почитуваат приватноста на семејствата на жртвите и да не објавуваат фотографии и видеа што вознемируваат.
Дел од српските и некои хрватски медиуми објавија фотографии од погребот со ужалените семејства.
Граѓаните во коментари под објавите ги осудија бидејќи го фотографирале погребот и не ја почитувале болката на најблиските.
Владата претходно донесе протокол за медиумите според кој на денот на погребот можеа да следат од оддалеченост од 300 метри.
ЗНМ (Здружението на македонските новинари) ги повика медиумските работници и уредниците да не отстапуваат од воспоставениот протокол, да покажат почит и одговорност, да не објавуваат содржини што може да предизвикаат дополнителна болка и да се придржуваат до стандардите на етичкото новинарство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од 25 до 27 март ќе се одржи симулациска вежба за болеста чума кај мали преживари

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со Организацијата за храна и земјоделство на Организацијата на Обединети нации (FAO), од 25 до 27 март, ќе спроведе симулациска вежба за болеста чума кај мали преживари. Цел на вежбата е да се утврдат добрите и слабите страни на одговор при евентуална појава на болеста, која е предмет на планови за итни мерки на АХВ.
На вежбата ќе присуствуваат претставници од АХВ, од Ветеринарната комора на РСМ, од Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, експерти од Европската унија како и претставници од Сојузот на здруженија на одгледувачи на овци „Модерен овчар”.
Првиот дел од симулацискта вежба (теоретско –практичен) ќе се спроведе на 25.03.2025 и 27.03.2025 (вторник и четврток) на Факултетот за земјоделски науки и храна, додека вториот дел (теренски) ќе се реализира на 26.03.2025 (среда) во село Брњарци, општина Гази Баба. По спроведување на вежбата ќе се направи евалуација на подготвеноста на Агенцијата за храна и ветеринарство за одговор при појава на болеста, а ќе се реализираат активности за подобра подготвеност на институциите и засегнатите страни при појава на особено опасни заразни болести како што е болеста чума кај мали преживари.
АХВ ја известува јавноста дека активностите кои ќе бидат преземени се исклучиво во рамки на предвидените за реализација на симулациската вежба, односно, не се станува збор за реална ситуација и појава на жариште на болеста чума кај малите преживари.
Македонија
За да добива лиценци, сопственикот на „Пулс“ со години користел незаконски проект, а подмитил и службеник, според истрагата

Верижните пропусти и незаконитите дејства на одговорните и на службените лица довеле до смртоносниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, соопштувајќи детали за истрагата, која се води против 27 лица, рече дека сопственикот на дискотеката 11 години користел незаконски изработен проект за да добива лиценца.
Коцевски објасни дека трoјца осомничени се јавуваат како одговорни лица, сосопственици или управители во извесен период во фирмата, чија подружница е клубот. Обвинителот вели дека објектот со намена за лесна индустрија, кој се наоѓал во индустриска зона, воопшто не исполнувал услови да биде пренаменет во угостителски објект. Но, и покрај тоа, во континуитет во целиот период осомничените добивале лиценца незаконито и организирале угостителски услуги. Притоа сите знаеле и биле свесни дека клубот не ги исполнува законски пропишаните услови и начин за вршење угостителска дејност.
Во тој контекст, постои сомневање дека сопствникот подмитил лице вработено во Министерството за економија за периодот од февруари 2024 до февруари годинава и без да биде спроведена законски пропишаната постапка, обезбедил фалсификувана лиценца за вршење угостителска дејност. Поради тоа, против вработениот во Министерството е поведена постапка и за примање поткуп.
Осомничена е и сопственичка и управителка на фирма од Кочани, која во текот на 2010 година постапила по барање на сопственикот и му изготвила основен проект како услов за работа на кабарето иако знаела дека не постоеле законски услови индустрискиот објект да биде пренаменет во дискотека.
„Овој незаконит проект, сопственикот, во периодот од 2012 до 2023 година, во континуитет незаконито го користел во прилог на барање за добивање линценци за вршење угостителска дејност. Во 2023 година тој ѝ се обратил на осомничената за да изврши корекција на основниот проект, а таа, без да изврши проверки на самото место, незаконски извршила промена на правните лица во основниот проект и со тоа овозможила кабарето да поднесува барања за лиценца“, изјави Коцевски.
Од Министерството за економија до овој момент осомничени се поранешен министер, но и поранешен државен секретар, раководител на сектор, раководител на одделение и помлад соработник, кои и во моментот работат во Министерството, но на други раководни позиции. Според Обвинителството, сите тие со неизвршување на своите службени должности, што биле правно должни да ги извршат, не постапиле според прописите и техничките правила за мерките за заштита и на фирмата која не ги исполнувала пропишаните услови и начин за вршење угостителска дејност и во повеќе наврати со лиценци му овозможиле вршење угостителска дејност – кабаре.
Двајца поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат и три службени лица инспектори се сомничат дека во пет години не извршиле контрола над работењето на фирмата за да утврдат дали има важечка лиценца.
Осомничените тројца градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до кобниот ден кога се запали дискотеката, како и осомничениот поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, не ги извршиле своите правни обврски во согласност со Законот за заштитата и спасувањето, со што овозможиле кабарето „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење угостителска дејност. За целиот овој период Општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект.
Коцевски денес првпат обелодени дека и член на ДНК е осомничен поради пиротехниката, која, според сомнението, ја активирале како дел од сценскиот настап.
Беше кажано дека и дискотеката имала устен договор за концертот со бендот, објектот бил пренатрупан и никој не ги сопрел децата да влегуваат.
Сите осомничени се обезбедени. Кочанското Обвинителство, со оглед на тежината на кривичното дело што им се става на товар и сите други околности, бара притвор за сите осомничени, со исклучок на три лица, кои се хоспитализирани.
Македонија
100 психолози вклучени во зајакната психосоцијална поддршка на учениците во Кочани, Виница, Штип, Чешиново-Облешево и околните места

Министерството за образование и наука во соработка со УНИЦЕФ, професори од Институтот за психологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Комората на психолозите на Македонија и Црвениот крст обезбедија зајакната психолошка поддршка за сите ученици во државата, која ќе биде поинтензивна во општините во кои голем број млади во несреќата во Кочани загубија браќа, сестри, другари и соученици, информира денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
„Веднаш по трагичниот настан, беа подготвени и испратени насоки до училиштата, наставниците и до родителите за постапување во следниот период, односно за давање прва психолошка помош и психосоцијална поддршка. Насоките се достапни на сите пет јазици на кои се изведува наставата. Формирана е мрежа на 100 училишни психолози од Скопје, но и од други градови, кои ги насочуваме кон Кочани, Виница, Штип, Чешиново-Облешево и околните места како поддршка на колегите во тамошните училишта, да работат со учениците, со нивните родители, наставниците и воопшто со граѓаните, а постапувајќи по посебен протокол подготвен за кризна интервенција“, рече Јаневска.
Досега 32 психолози ја минаа специјализираната обука, во која се вклучени Комората на психолозите, Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ, и веќе обезбедуваат директна поддршка на терен. Преостанатите ќе се вклучат откога ќе ја поминат денешната обука.
На интернет-страницата на Министерството за образование и наука има листа со телефонски контакти на 40 психолози, членови на Комората на психолозите на Македонија, кои се постојано достапни за разговор, односно за психолошко советување. На листата се наоѓаат и наменски телефонски линии за прва психолошка помош на Црвениот крст, кои се во функција 24/7 .
Помош може да се побара и во центрите на Црвениот крст во секое време, како и во Центарот за ментално здравје во Кочани, каде што има претставници на Универзитетска клиника за психијатрија.
Јаневска ги охрабри стручните лица кои сакаат да помогнат во ситуацијата да излезат во пресрет на потребите на учениците, на родителите и на наставниците. Доколку им се потребни попрецизни насоки каде се најпотребни и како да дејствуваат, може да се обратат до Министерството и до Комората на психолозите.
За поддршка на студентите, на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е отворен центар за младинско советување.
Министерството за образование и наука во рамките на надлежностите и во следниот период ќе презема и ќе координира активности што може да им бидат од помош на младите во справување со предизвиците, најавија од таму.