Македонија
Не се планира полициски час, но можни се поригорозни мерки

Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција рече дека постои можност за воведување поригорозни мерки, како што се ограничување на движење на граѓаните, намалување на работното време на угостителски објекти, доколку се зголемува бројката и постои опасност од ширење на коронавирусот. Според него, засега не е планирано воведување полициски час.
„Ова дефинитивно значи дека секој кој ќе носи маска или марама ќе го избегнеме ризикот од трансмисија од тие мини групирања. Затоа апелираме да се избегне секакво групирање, семејни васелби и слави, бидејќи доаѓа ваков период. Планираме поригорозни мерки и тие вклучуваат скратување на работно време на угостителските објекти, бидејќи тоа е ризик што тешко се контролира, скратување и рестрикции во движењето, а во некој регион или општина, доколку има голем број заболени, дури и целосна контрола на тој дел од државата. Тука се подразбира, доколку има проблем во одредена фабрика, затворање на фабриката или училиште или, пак, превоз… ќе се носат поригорозни мерки. Засега сме далеку од полициски час и не е во план“, рече Филипче.
Министерот Филипче апелираше граѓаните и трговските објекти за време на викендот без ДДВ да се држат до протоколите затоа што според него така нема да има опасност од ширење на вирусот и оптоварување на здравствениот систем. Министерот рече и дека мерката за носење маска на отворено е задолжителна за сите, вклучувајќи ги и хронично болните.
„Се консултиравме и со искусни пулмолози и тие ни посочија дека нема опасност за хронично болните, па оваа мерка ќе важи и за нив. Сметаме дека таа мерка е најважна и затоа бараме сите да се придржуваат на неа“, додаде Филипче.
Според министерот, не постои опасност од увоз на вирусот од граѓаните кои ќе влегуваат во државата на граничните премини, затоа што бројките покажале дека најголем индикатор за ширење на вирусот е локалната трансмисија меѓу населението.
„На почетокот на кризата имаше увоз на вирусот. Сега има ПСР-тестови на границите и тука не гледам опасност, локалната трансмисија е најголем проблем. Од преминување преку границите до 3% од луѓето кои патувале се заразиле надвор од државата, што е навистина мала бројка. Транзит преку границите не е ризик, затоа што секаде во регионот е слична епидемиолошката слика“ рече тој.
Во однос на бројките, Филипче рече дека е лажна вест дека се политизира кризата со коронавирусот и дека бројките не се реални.
„Не гледам политичка причина да не се покаже реалната бројка на заболените, не би требало оваа криза да се политизира. Досега успешно и транспарентно ја менаџираме кризата и во тој правец ќе продолжиме“, порача Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.