Македонија
Не сум ги разбирал забелешките – Јанакиески негира дека го оштетил буџетот со „Сончев град“

По три години судења, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, даде исказ пред судот за случајот „Топлик“. Тој негира дека го оштетил буџетот, како и дека намерно формирал втора комисија бидејќи претходната се изјаснила дека не биле исполнети условите за јавно наддавање за изградба на резиденцијалната населба „Сончев град“ во Сопиште.
Јанакиески негира дека имал контакт со членови од втората комисија, а ниту побарал да реализираат јавно наддавање со недостатоци.
„Ниту за ова ниту за другите стотици барања за продажба на земјиште не сум доставил согласност, ниту Обвинителството достави доказ дека јас сум издал согласност. Никој, ниту јас ниту членовите на комисијата, не можел да знае што ќе се случи во иднина, односно цели четири години по завршувањето на јавното наддавање. Бидејќи детаљно ги анализирав сите докази, можам одговорно да тврдам – нема никаков пропуст. Министерството за транспорт и врски во однос на спогодбата истакнува дека се дава предлог-записник само доколку не му се нанесува штета на буџетот на РМ. На дискусијата во Владата и на состаноците кај Владимир Пешевски, како тогашен потпретседател на Владата, можам да заклучам дека Владата немаше да даде соглсност ако Уставниот суд не дадеше укинување на ДУП за Сопиште. Доколку немаше таква одлука на судот, судските спорови ќе си продолжеа и граѓанскиот суд ќе одлучуваше дали постојат услови за раскинување на предметниот договор, како и каде постои вина“, изјави Јанакиески објаснувајќи ја целата постапка и зборувајќи за затезната камата што јавниот обвинител Бурим Рустеми ја смета за штета на буџетот, а која настанала отпосле.
Тој посочи дека не се сеќава дека сменил член на комисија, без разлика дали се приватни или службени причини. Според него, промената на комисијата била поради болест на претседателката.
„Три години чекам на овој момент. Не може цела одговорност да биде на министерот, има хиерархија со соработници, заменици, раководители. Јас како министер што го претставува Министерството во правниот промет правам две работи: носам решение за формирање комисија и на крајот на постапката, кога ќе добијам информации од комисијата дека е сѐ во ред со постапката со предлог за склучување на договорот, го склучувам тој договор. Помеѓу тие две фази се активира претходната хиерархија на Министерството. Сите потпишани решенија беа изготвувани од Секторот за нормативни и правни работи во соработка со државниот секретар Сашо Срцев. За конкретното решение за формирање комисија јас сум морал да ја потпишам и никој друг. Не дека сум сакал, туку сум морал врз основа на уредбата. Државниот секретар е највисок државен службеник и тој е должен да обезбедува законито, ефикасно вршење на работите во Министерството во согласност со позитивните законски прописи“, рече Јанакиески.
По професија сум економист, не сум ги разбирал забелешките бидејќи 7 месеци бев министер, рече Јанакиески за записникот од првата комисија. За записникот, според исказот, дознал од СЈО.
„За фамозмиот записник за кој се зборуваше долго овде, јас бев информиран од стручните служби дека првата комисија, односно претседателот на комисијата заедно со членовите побарал да бидат заменети со нови, што е наведено во записникот. Јас лично не сум го добил, со што во моментот на потпишување на записникот претседателката била на боледување, а на записникот не е потпишана. За нормално да функционира Министерството, од страна на стручните служби имало ново решение за комисија, каде што некои се членови од првата комисија, а има и нови членови. Работата на комисијата е ад хок, односно тоа не се нивни работни обврски. Недостатоците од записникот беа отстранети. Оваа комисија не е формирана за ‘Сончев град’, туку за сите објави од 3 април па натаму. На истиот датум имало формирана уште една комисија“, додаде Јанакиески.
Случајот „Топлик“ е отворен во 2016 година од тогашното СЈО, а го застапува тогашниот специјален обвинител, сегашен виш обвинител, Бурим Рустеми. Обвинети се Миле Јанакиески како ексминистер за транспорт и врски, како и пет лица од комисијата за јавни набавки.
Според обвинението, буџетот е оштетен за еден милион и 44 илјади евра и обвинетите прибавиле имотна корист за едно правно лице. Понатаму, според тоа, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавните набавки, составил комисија за јавни наддавања, на која ѝ наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.