Македонија
Николоски: Автопатот Прилеп-Битола многу ќе значи за општина Могила, затоа што ќе се зголеми протокот на возила и ќе се подобрат условите за бизнис
Можам да најавам дека веќе во текот на овој месец, доколку временските услови не послужат, започнуваме со целосна реконструкција на улица АСНОМ, инвестиција вредна 170 илјади евра, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски од денешниот народен митинг во Могила.
Тој додаде дека веќе се работи на водоснабдување на неколку населени места како Беранци, Долно Српци, Ивањевци, Попадинци и други коишто се приклучуваат на регионалниот водовод во Битола, која е инвестиција вредна 18 милиони денари.
Во однос на патната инфраструктура, Николоски ги наброја проекти вредни неколку милиони денари за кои веќе се потпишани договори со изведувачи на улици кои треба да се градат и реконструираат, каде што е предвидено изградба и на атмосферска канализација.
„Потпишани се веќе договори со изведувачи на улици коишто треба да се градат, како ул. Пелагонија во вредност од 12,3 милиони евра, којашто оди заедно со атмосферска канализација. Договор со изведувач е потпишан за реконструкција на улица Гоце Делчев и изградба на атмосферска канализација, во вредност од 8,1 милион денари. И исто во тек е рехабилитација на дел од парот Долно Српци до село Беранци во вредност од 5,4 милиони денари“, рече Николоски.
Посочи дека и во следниот период Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе продолжи да дава поддршка и за бројни други проекти кои ќе се работат во општина Могила и во другите населени места.
„Тоа се доказ дека сакаме да инвестираме, дека сакаме да работиме. А, доказ дека знаеме да завршуваме проекти се и завршените улици во цело Трновци, завршената реконструкција на улица Шемница и бројни други проекти кои заедно со градоначалникот ги работевме и ќе ги работиме. А тука е најкрупниот проект, изградбата на автопатот од Прилеп до Битола, најголема поединечна инвестиција во моментов во државата, 40 километри автопат, којшто многу ќе значи за општина Могила, затоа што ќе се зголеми протокот на возила, ќе се подобрат условите за бизнис. Сите оние коишто имаат имот покрај автопатот ќе добијат поголема вредност на имотот, а ќе се зголеми и протокот на туристи коишто ќе поминуваат оттука“, истакна Николоски.
Ги повика граѓаните на 19 октомври масовно да гласаат за број 9 и за ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во текот на ноќта и утре повремени врнежи од дожд
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Како што соопшти УХМР, пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата – над 20 литри на квадратен метар. Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места.
Во Скопје во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. На околните планини врнежите ќе бидат од дожд и снег.
Македонија
По 8.000 денари за секое бебе во општина Аеродром
Секое семејство со живеалиште во Општина Аеродром кое во текот на 2026 година добило новороденче или посвоило дете до една година, ќе добие еднократна парична помош во износ од 8.000 денари.
-Оваа мерка е наменета како практична поддршка за семејствата, особено во првите месеци од грижата за детето. Општина Аеродром останува посветена на семејствата и на децата, со љубов и внимание кон најмалите, создавајќи средина каде што тие можат да растат среќни, сигурни и поддржани, соопшти Општина Аеродром.
Македонија
Нека е со среќа, нека е аирлија, порача Мицкоски на пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“
Во Тетово денеска беше пуштена во употреба реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ .
На настанот присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски кој изрази задоволство што за само неколку месеци со, како што рече, силна и посветена работа, е завршена реконструкцијата на гимназијата.

– Тоа што тогаш можеби делуваше невозможно, денеска е возможно, реално. Сакам да се заблагодарам на градоначалникот, на советниците од Општина Тетово коишто го поддржаа овој проект, да се заблагодарам на Министерството за образование, на сите оние коишто се добронамерници за Тетово и тетовци и што изминатиов период се дел, би рекол, од многуте проекти коишто се реализираат во Општина Тетово, изјави Мицкоски.
На учениците и на наставниците од училиштето тој им посака успеси во работата односно во учењето и, рече, „уште многу успешни тетовчани да произлезат од клупите на ова училиште“.

– Нека е со среќа, нека е аирлија и да ни се множат уште многу вакви успешни проекти, додаде премиерот.

