Македонија
Николоски: Од ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ никој не барал ништо од Стево Пендаровски, останува најголема алапача, сочно го озборува и Заев

Од ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ никој од Стево Пендаровски не барал ништо, истакна потпретседателот и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на денешната прес-конференција во Собранието.
„За жал, ќе бидам директен малку и безобразен, ама не заслужува ништо поинаку Стево Пендаровски, нема да го кажам ова првпат, Стево Пендаровски се претвори во најголема политичка алапача на македонскава политичка сцена, што целосно ја урива позицијата претседател на државата затоа што дневните активности му содржат или во тек на денот се среќава по неколкупати со Агенцијата за разузнавање, која, за жал, е под него. Озборуваат кој со кого се гледа, пие кафе, живее, не живее, има брачни проблеми, нема брачни проблеми итн., ги пласира кај одредени ваши колеги новинари, најчесто неточни, и на тоа му се сведува денот, како што му се сведува денот и на праќање пораки на едни, други, трети личности, озборувајќи други, трети личности и на врвот на лица што се озборувани се политичари од политичката партија што го поддржа за кандидат за претседател, веројатно, затоа сега нема поддршка“, истакна Николоски.
Тој изјави дека Пендаровски сочно го озборува и претходниот премиер Зоран Заев, кој двапати го поддржа за кандидат за претседател.
„Нели еднаш изгуби од Ѓорге Иванов и актуелниот Димитар Ковачевски со зборови, кои, ќе дозволите да не ги кажам во јавност, затоа што се надвор од пристојно ниво на комуникација. За таква личност се работи, за една фасада, за една празнина која не знае ништо друго, освен да замајува јавност или да озборува, а ако некој побарал од него таква работа, треба да каже кој или да каже дека лаже, а вака да ја замајува јавноста, освен класична алапача, нема друг израз“, вели Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бектеши објави кои маркети се затворени оти не ги намалиле цените

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека во скопскиот регион се затворени маркети на „Веро“ и „Вива фреш“ поради непочитување на владините мерки за намалување на цените на прехранбените производи.
„Не верувам дека не се објавени ланците на супермаркети кои го прекршиле законот. Им дадовме одреден рок да се усогласат мерките. Во скопскиот регион се „Веро“ и „Вива Фреш“. Осум до десет ланци супермаркети имаат маркети во секој град. И вие медиумите треба да ги објавите маркетите кои го прекршиле ова, но сигурно ургираат кај вас затоа што се рекламираат. Јас немам проблем да ги кажам. Граѓаните да бидат спокојни, овие мерки ќе бидат спроведени во целост“ рече Бектеши. по посетата на компанијата „Алма-М“.
Во саботата, според директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, биле извршени над 50 контроли при што затворени се пет големи ланци на маркети по основ на Законот за потрошувачи, односно по основ на нечесни трговски пратки, а седум маркети се казнети поради непочитување на владината одлука.
Македонија
Вицепремиерката Грковска во работна посета на Словенија

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, од денеска до 27 септември 2023 година ќе биде во работна посета на Република Словенија.
Во рамки на оваа посета таа ќе оствари средби со словенечката министерка за дигитална трансформација, Емилија Стојменова Дух, со министерката за правда на Република Словенија, Доминика Шварц Пипан, како и со потпретседателката на Судскиот совет д-р Уршка Кежмах.
Исто така, вицепремиерката Грковска вечерва ќе присуствува на приемот организиран од Амбасадата на Република Северна Македонија во Словенија по повод 30 годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји и отворањето на амбасадата во Љубљана, која беше првото дипломатско претставништво отворено по прогласувањето на независноста на нашата држава.
Македонија
Петровска до командантот на Националната гарда на Вермонт: Македонија е ваш сојузник на кој можете да се потпрете

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во Министерството го пречека командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт со кого разговараше за три-децениското партнерство помеѓу Армијата и Националната гарда и начините за нејзино уште поголемо интензивирање во иднина.
На прес-конференцијата со генералот Најт, министерката истакна дека Северна Македонија е сојузник на кој Вермонт може да се потпре и дека преку партнерството и двете вооружени сили станаа еден тим способен да одговори на сите предизвици.
„Нема посилен и појасен приказ за нашето заедништво од тоа што го покажаа нашите припадници во наменските сили Феникс во Авганистан во 2010 година, кога функционираа како едно, една Армија. Нема поголем доказ за нашата блискост од континуираните вежби и обуки од кои придобивка имаат и Армијата и Националната гарда на Вермонт. Нема поголем израз на волја за да продолжиме на овој пат кон уште поголема интероперабилност, од нашите постојани контакти и средби на највисоко ниво од кои произлегуваат одлични идеи кои ги реализираме во целост“ рече Петровска.
Министерката Петровска се осврна и на големиот број заеднички вежби чиј интензитет ќе се зголеми во иднина.
„Зад нас се неколку големи вежби кои беа навистина успешни, а веќе сме во фаза на планирање на следните заеднички вежби, кои ќе бидат уште поголеми и позначајни за нашиот заеднички развој. Северна Македонија е подготвена со задоволство позитивно да одговори на интересот за заеднички активности со партнерските земји на Вермонт, Австрија и Сенегал, со што нашето пријателство ќе се прошири и продлабочи“, подвлече министерката.