Македонија
Николоски од Охрид: Засилено работиме на завршување на автопатот Охрид – Кичево
Интензивно работиме на завршување на автопатот Охрид-Кичево. Користиме совремеми техники за да ги стабилизираме косините. Од 16, веќе 14 косини го стабилизираме и најголем дел се со галерии, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, денеска од Охрид.
Тој истакна дека овие зафати за прв пат се прават во Македонија и ретко каде во регионот има такви инженерски потфати.
„Таму отидовме со решение, кое по мене требало да се направи уште кога почнал да се работи овој проект, за жал проекти немаше, геолошки истражувања немаше. Сега се направија проекти за 16 свлечишта, од кои што 14 ги стабилизираме, најголем дел се со галерии, едната е веќе готова кај селото Извор, втората почнува да се работи, очекувам до пролет три да се целосно завршени. Најголемиот проблем е кај селото Ботун, цела планина буквално се спушта таму. Таму ќе одиме со стабилизација во земја, 14-21метар ќе се спуштаме во земја, чисто за споредба тоа се згради од 4 до 5 спрата. Станува збор за техники кои што се модерни и најнови во инженерскиот систем, ветивме дека ќе го завршиме автопатот и ќе го завршиме, без разлика што се’ треба да се направи“, рече Николоски.
На новинарско прашање, дали во рокот ќе заврши изградбата на автопатот, вицепремиерот Николоски истакна дека динамиката на работите е одлична и дека очекувањата се автопатот да биде пуштен во рамките на договорениот рок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ против работниците
„Пратениците на тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ застана против работниците, одбија зголемување на минималната плата на 600 евра и не гласаа за Законот на СДСМ. Се потврди она што го говори СДСМ цело време. За ВМРО-ОКГ/ЗНАМ важни се само криминалните тендери и луксузирањето а работниците и граѓаните се неважни“, соопшти СДСМ.
„Има пари за нивните 161 тендер за една фирма, за 51 тендер за друга, има пари за 74 тендери за трета, има пари за 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ преку Пошта.
Нема пари за работниците, има само за луксузирање и криминални тендери.
Владата на Мицкоски постојано се задолжува, пари обезбедуваат врз грбот на народот ама за криминални тендери а не сакаат да обезбедат пари за плати за работниците.
Одбивањето на законот е директен удар врз животниот стандард на граѓаните и на над 200 илјади работници. Во услови кога синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, кога храната, струјата и основните трошоци растат од месец во месец, ВМРО-ОКГ ги изневери работниците.
СДСМ понуди реално и одржливо решение – со ребаланс на Буџетот и пренамена на пари од луксузи, како мебел, коли, авион, да се обезбедат пари за 600 евра плата, како што заслужуваат работниците.
СДСМ нема да се откаже. Ќе продолжиме да се бориме за поголеми плати, за работниците, за граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај во официјална посета на Македонија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 27 февруари 2026 година, петок, ќе биде домаќинка на претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, кој ќе престојува во официјална посета на земјава.
Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Македонија
„Зошто Тренчевска и СДС го штитат Артан Груби и дали поранешните функционери на СДС се исплашени од неговите искази“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Соработката и партнерството на СДС со екс вицепремиерот Артан Груби излезе на површина. СДС со години молчеа и го толерираа милионскиот криминал на Груби се со цел да останат ден повеќе на власт и да не им се растури коалицијата со ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионски криминали и злоупотреби се случувале во Државна лотарија под покровителство на СДС и ДУИ. По апсењето на Артан Груби, СДС се во целосна конфузија и нервоза пoради стравот од сведочењето на Груби и евентуалните искази што би можело да допрат и до поранешни високи функционери на СДС.
Изјавата на потпретседателката на СДС, Јованка Тренчевска, дека одлуките на Владата биле колективни и дека доколку се утврди вина „сите треба да одговараат“, отвора сериозни прашања. Дали ова претставува индиректно признавање на одговорност? Дали станува збор за обид за релативизирање на индивидуалната вина?
Дали СДС застанува во одбрана на Артан Груби и дали раководството на партијата е подготвено да понесе колективна одговорност за одлуките донесени во време на нивното владеење?
Јавноста има право да знае. Дали СДС го брани Груби во врска со наводите за штета од над 8 милиони евра врз државниот буџет?
Дали поранешните функционери се подготвени да застанат пред органите на прогонот и да ја докажат својата невиност?
Зошто по отворањето на случајот се менуваат ставовите и реториката?
Очекуваме надлежните институции да постапуваат професионално, транспарентно и без селективност. Одговорност мора да има, без разлика на функција, партиска припадност или политичко влијание.
Граѓаните заслужуваат правда, отчетност и целосна транспарентност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

