Македонија
Николоски: Чистењето на криминалот и корупцијата приоритет број еден на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на денешната трибина во Гевгелија на тема „Борба против корупцијата и криминалот“ од акцијата „Ова е Македонија за сите“, истакна дека чистење на криминалот и корупцијата ќе биде приоритет број еден на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, затоа што сега со оваа власт на СДС и ДУИ, криминалот царува, а корупцијата цвета, што стана причина број еден зошто Македонија назадува.
„Ако поразговарате со луѓето кои си одат од Македонија ќе забележите сериозна разлика од пред 10, 15, 20 или 30 години со тие кои тогаш си оделе од државата. Ако тогаш број еден причина биле економските услови, сега број еден причина е како што вели народот дека нема ред. Нема ред е кажано она што го зборуваме денес, дека криминалот царува, а корупцијата цвета“, рече Николоски.
Спомена три клучни работи кои се штетни во моментов, како што рече првата ја гледаме по македонските улици секаде околу нас и директно ги погодува идните генерации, односно кокаин на македонските улици има како никогаш претходно.
„Цените се така ниски и е така достапен, да за средношколец или за студент станува подостапно да набави кокаин отколку да отиде на театарска претстава или кино. Тоа е тажната реалност. Како никогаш порано дрогата царува по македонските улици, локали и пред се е кокаинот. Тоа не може да е така доколку нема одобрение од највисоките структури на власта пред се МВР и Царинската управа, затоа што толкава количина на дрога по улиците некој го внесува и некој замижува истиот да се продава. Јавна тајна е дека вработени во МВР се главни организатори и дилери на трговијата со наркотици, пред се кокаинот. А се спречува едноставно доколку има волја и желба, а тоа нема затоа што министерот го гледаме со главните дилери. Не треба да не чуди кога среде Скопје се случуваат мафијашки убиства, крвни освети, затоа што се потекнува од системот“, изјави Николоски.
Тој прашува како е возможно лице со мерка притвор да му биде заменета со мерка домашен притвор и да избега и наводно да изврши убиство, а истото лице да биде убиено?
„Втората тема која сакам да ја споменам е корупцијата и злоупотребите во власта. Свесни сте сите дека нема функционер на СДСМ од најниско ниво, од обичен раководител завршувајќи со премиер кој не злоупотребува. Аферите на дневна основа еруптираат и за истите ние зборуваме во јавноста. Треба да зборуваме за иднината, а таа ќе биде предводена од влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, одговорност ќе има за конечно да се стави ред и да се воспостави функционален систем на владеење на правото. Мора да се направат темелни истраги за злоупотребите кои овие 6 години се направени, пред се во финансискиот дел, да се види текот на парите и се што е возможно да се врати во државниот буџет, а на тој начин кај граѓаните“, истакна Николоски.
Посочи дека корупцијата цвета на дневна основа, предводници се Ковачевски, Артан Груби, Али Ахмети, пајташите на Ковачевски во СДСМ од Зечевиќ па се надолу, тоа е врвот на корупцијата. Процентите во Македонија стана добро утро, за да се заврши работа се плаќа мито, и тоа отворено го бараат.
„Трета работа се европските интеграции. Јас со години зборувам и стојам позади тоа дека Македонија дури и да почне преговори ќе ги заврши после само 6 месеци со нова блокада, но таа блокада ќе е заради високото ниво на криминал и корупција. Се додека Македонија не воспостави функционален систем на владеење на правото, 5-6 поголеми земји на ЕУ нема да дозволат Македонија да оди напред, затоа што нема политичар во Европа кој сака од другата страна да седи си корумпиран политичар, нема политичар во Европа кој сака да седи со премиер чија сопруга влегува во фотоволтаичен бизнис или да го види Артан Груби кој стана главен за мито и корупција“, изјави Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На аеродромот во Скопје спречен обид за шверц на 27,5 килограми тутун за наргиле

Мобилен царински тим на граничниот премин Меѓународен аеродром „Скопје“, на влез во државата, спречи обид за шверц на дури 27,5 килограми ароматизиран тутун за наргиле, што требало да заврши на македонскиот пазар. Со оваа акција е спречен обид за нелегална трговија со тутун, како и обид за избегнување плаќање давачки за акцизна стока во висина од 138.435 денари, соопшти Царнската управа.
Во случајот, против едно лице, државјанин на Турција, се води соодветна постапка, а тутунот е запленет.
„Случајот е откриен кога, поради сомневање, мобилен тим го селектира и изврши контрола на патникот, при што во куферот и во личната торба во негова сопственост беше пронајден ароматизиран тутун за наргиле со вкупна тежина од 27,5 килограми.
Нелегалниот тутун го загрозува здравјето на граѓаните и ја поткопува легалната трговија и оттука Царинската управа во континуитет спроведува акции со цел спречување обиди за шверцување тутун и тутунски производи“.
Македонија
Намалена активната транспарентност на Владата и на министерствата, најмалку информации има за финансиите, објави Центарот за граѓански комуникации

Центарот за граѓански комуникации го објави редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според активното објавување информации од јавен карактер, во кое се вклучени 102 институции, односно Владата и сите министерства и општини.
„Индексот ги покажува следниве клучни аспекти: просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2025 година изнесува 80 % (од максимално можни 100 %), исто колку што изнесуваше и минатата година.
Активната транспарентност на министерствата и на Владата е намалена во однос на лани и изнесува 84 % (лани 86 %).
Општините го задржаа истото ниво на активна транспарентност како и лани, односно 79 %“, е нагласено во извештајот.
Според наведеното, дури 44 % од опфатените институции ја влошиле својата активна транспарентност (лани се влошиле 19 % од институциите).
„Министерството за одбрана петта година по ред ги задржа максималните 100 % активна транспарентност, а резултатот од 100 % годинава го освои и новоформираното Министерство за дигитална трансформација.
Кај општините, за разлика од лани кога дури пет општини го делеа првото место со 100 % активна транспарентност, годинава на ова место се задржаа само две – Кавадарци и Кичево.
Меѓу регионите, трета година по ред на првото место се наоѓа Источниот Регион (со иста активна транспарентност како и лани од 88 %).
На последно место, со намалена активна транспарентност во однос на лани, се наоѓа Полошкиот Регион (со 71 % активна транспарентност, лани 73 %).
Најмалку информации, според центарот, и министерствата и општините објавуваат за финансиите (министерствата 58 %, а општините 59 % од можни 100 %).
Огромно уназадување, како што велат од таму, има кај одговорите по барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, што им беа испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање.
„Општините одговорија во просек за 21 ден (лани за 15 дена), а министерствата одговорија за 23 дена (лани за 14 дена). Инаку, крајниот законски рок е 20 дена.
Само 54 % од институциите одговорија во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена (лани тоа го сторија 71 % од институциите)“.
Македонија
„Вреди“: Го затворивме отпадот на ДУИ, на 19 октомври ќе ги уништиме и неговите фосили

Вчера конечно ја затворивме дивата депонија во Никуштак, срам наследен од владата на ДУИ, која со години го труеше воздухот и здравјето на жителите на Липково и Арачиново, информираат од „Вреди“.
„Оваа одлука, беше овозможена благодарение на директното влијание на првиот вицепремиер Изет Меџити и вицепремиерот Арбен Фетаи, кои го претворија проблемот занемарен од ДУИ во државен приоритет.
Овој чин не е само затворање на депонија, туку затворање на ерата на срам и неодговорност. ДУИ 20 години ги остави Албанците да живеат меѓу отпадот, додека самите се богатеа на нивен грб. Денес го затворивме нивниот отпад, но на 19 октомври граѓаните ќе ги затворат и политичките кариери на фосили на ДУИ“.
Од Вреди нагласуваат дека Липково, Арачиново и секоја албанска општина повеќе нема да бидат, како што велат, гробишта од ѓубре на ДУИ, ниту од отпад, ниту од корупција, ниту од политичко предавство.