Македонија
Нова паника: крадец претставен како киднапер на деца во музичкото училиште, објавувачот утврди дека згреши, па се извини

Крадец претставен како киднапер предизвика паника во музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“. Фотографија од маж залепена на влезот од училиштето со апел, ако некој го види, веднаш да го пријави во полиција и кај службите во училиштето, на социјалните мрежи беше пренесена како фотографија од киднапер кој ги демне помалите деца. Директорката на училиштето, Даница Стојанова, за „Макфакс“ вели дека станува збор за крадец кого сакале полесно да го фатат со помош на зелепената фотографија.
„Ова е човекот чија фотографија ја залепивме по насоки од полицијата бидејќи имаше неколку кражби во училиштето кај учениците и го најдовме дека е тој. По насоки на полицијата, ни рекоа да залепиме за да се види ако влезе – меѓутоа не може да влезе бидејќи ставивме дежурства“, вели директорката за „Макфакс“, па додава: „Не е киднапер“.
Таа вели дека откога го пријавила крадецот, денеска тоа го сторила и со објавувачот кој рашири на социјалните мрежи дека се работи за киднапер на деца.
„Тој што го објавил ова сега ние го пријавуваме во полиција. Бидејќи мора да престанат, не може самоиницијативно, без аргументи да објавуваат. Срамота е ова, на ништо не личи“, додава Стојанова.
„Макфакс“ стапи во контакт и со објавувачот. Тој се извини за дезинформацијата и ја избриша објавата. Посочи дека не сакал да направи паника, туку да ги предупреди родителите за опасноста.
„Ова е залепено во самото училиште ‘Луј’. Јас сум родител на дете од друго училиште, а фотографијата е споделена од родител чија внука учи таму. Претпоставувам дека е известена и полицијата. Само се обидувам да го кренам нивото на внимателност кај родителите за да ги советуваат своите деца“, рече за „Макфакс“ Марко Дамевски кој над фотографијата во објавата појасни дека човекот им пристапува на помалите деца со објаснување дека е дојден да ги земе и дека го пратиле родителите оти не можат самите да дојдат по нив.
По ова, тој во нова објава се извини и на јавноста.
„Кој брза, тој и греши. Човекот што го споделив, всушност, бил крадец, а не како што претходно објавив – киднапер. Ми се јавија од училиштето и ме информираа за ова. Им се извинувам на сите на кои им создадов непријатно чувство и чувство на паника. Информацијата што јас ја добив требаше двојно да ја проверам со училиштето, а не да реагирам на прва топка. Мојата намера не беше да создадам паника, туку да го кренам вниманието кај родителите како би разговарале со своите деца. И оваа објава е јавна, па ќе ги замолам сите што ја споделија претходната, да ја споделат и оваа“, пишува Дамевски.
Од МВР за „Макфакс“ велат дека нема пријава за киднапер во музичкото училиште.
„Во врска со објавениот пост за можен сторител – киднапер на деца извршени се проверки во посоченото училиште. Има посебна постапка предвидена за школи по која веќе се постапува. Од страна на СВР Скопје извршени се проверки во ЦУК 192 и во ПС ОН Центар и разговор со директорката од училиштето при што е утврдено дека нема пријава за такви настани“, велат од МВР.
За лажното претставување на крадецот како киднапер на социјалните мрежи МВР дополнително ќе постапува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обилни врнежи во Прилеп, патот Охрид-Свети Наум во целосен прекин поради одрон

Обилни врнежи од дожд попладнево го зафатија Прилеп, Охрид и југозападниот регион.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека водостојот на реките е зголемен и засега на некои места има излевање на реката од речното корито во Прилеп.
Од страна на раководителот на РЦУК- Прилеп побарано е од ТППЕ Прилеп и ЈП Водовод да има дополнителна дежурна екипа доколку има потреба од дополнителни сили.
Во охридско пак, поради одрон на коловозот по невремето во целосен прекин е патниот правец Охрид-Свети Наум кај селото Љубаништа. Силното невреме во Охрид и охридскиот регион проследено со град предизвика и прекин на струјата во Љубаништа.
Македонија
Петкоски: Градоначалникот Коњановски нема да дозволи поради личните суети и политички игри на СДС да се загрозат интересите на граѓаните на Битола

Лицемерие, дрскост, импровизација и максимална деструктивност, почитувани граѓани, е она што најблаго може да се каже за СДС. За криминал и недомаќинско работење си дозволуваат да зборуваат оние што се уништија, продадоа и разграбаа, ни го уништија достоинството, дури го доведоа во прашање и најосновното – секојдневното обично преживување, вели Зоран Петкоски, советник во Советот на Општина Битола од ВМРО-ДПМНЕ.
– Тотално неспособни да се справат со економската и енергетската криза, државата ја доведоа до услови во кои секој нејзин граѓанин, води борба од ден во ден како да преживее или како да замине од овде, да обезбеди леб и основна егзистенција. Конечно сами признаа дека повеќе од шест години бесрамно лажат и ја пустошат и Битола и Македонија. Како не се срамат, не еднаш, ами два пати да го промовираат проектот за автопатот, односно дрско пред очите на сите се фалат со капитални инвестиции, кои не се ништо друго туку обезбедување личен капитал за Груби и Ковачевски – намесникот премиер, вели тој.
Според Петкоски, тоа е криминал, тоа е корупција, тоа е лично богатење, за кое набрзо ќе има и одговорност.
Ова што СДС го прави на локално ниво, во ништо не се разликува од нивната распадната централна врхушка во заложништво на ДУИ. Само овде има уште повеќе аматеризам и ситно партиско профитерство. Градоначалникот Тони Коњановски и ВМРО ДПМНЕ, секогаш ќе работат според позитивните законски прописи и ниту милиметар нема да отстапат од она што во заеднички сојуз со Вас, почитувани граѓани го зедоа како своја обврска вели Петкоски.
Градоначалникот Коњановски, нема да дозволи, како градоначалник на сите жители на општина Битола, политичките игри и личните суети, партиската дрскост на СДС, да ги загрози интересите на граѓаните и функционирањето на локалната самоуправа, уште повеќе кога тоа се прави на штета на сите граѓани и неодговорно и незаконски! Градоначалникот Коњановски, максимално ги прави и ќе продолжи да ги прави сите напори, во услови на страшна економска криза, во услови на ужасни состојби во државата, општина Битола да функционира и да реализира проекти од севкупен заеднички интерес.
Јавните претпријатија и натаму ќе продолжат континуирано да бидат вистински сервис и со заеднички усилби да ги надминуваат предизвиците, вели Петкоски.
Македонија
(Галерија) Мртви риби во езерцата во Градски парк

Поранешното место за уживање во Градски парк е оставено на милост и немилост на природата и несовесните граѓани.
Минувачите се револтирани од глетката на мртви риби на површината на езерцата.
Наместо да се ужива во убавината на водата и зеленилото, грда е глетката на валкана вода, ќеси, пластика кои пловат по езерцата.
Граѓани кои се секојдневно тука велат одамна не се исчистени езерцата и бараат од градоначалничката Данела Арсовска да се фати за работа.