Македонија
Новинарските здруженија нема да учествуваат во јавната расправа на МИОА: „Се сака да се прикаже лажна транспарентност за процес за кој не постои ниту минимален консензус“

Професионалните новинарски здруженија и граѓанските организации од медиумскиот сектор повторно упатуваат најостра реакција во врска со начинот на кој Министерството за информатичко општество и јавна администрација (МИОА) го води процесот на јавна дебата за дополнително предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги (ЗААМУ) со кои се предлага повторно воведување на т.н. државно рекламирање во земјтва.
„Ние сме против повторното воведување на праксата трошење јавни пари во приватните медиуми, што во минатото се покажа како погубна за независната уредувачка политика на овие медиуми, за независното новинарство и за состојбата на медиумскиот пазар. Ние сме против законски решенија, кои го фаворизираат само интересот на некои од приватниот медиумски сектор и ја занемаруваат критичката улога на новинарството во демократијата и јавниот интерес на сите граѓани“, велат новинарските здруженија.
Тие нагласуваат дека овие решенија се во целост спротивни на стандардите на Европската комисија, а особено на новата предлог-регулатива за слободата на медиумите, во која е јасно наведено дека европскиот пазар се нарушува со нетранспарентната и неправична распределба на јавни средства за државно огласување, особено кога тие средства преференцијално се доделуваат на водечки национални медиуми или се користат за тајно фаворизирање или субвенционирање медиуми што пренесуваат ставови блиски на актуелната власт.
„Ние сме за законски решенија со кои ќе се поттикне разновидноста на квалитетни содржини и ќе се поддржи независното и професионално новинарство и во непрофитниот и во приватниот сектор, а тоа е можно преку воведување фонд за плурализам на медиумски содржини.
Ние располагаме со капацитети, знаење и меѓународни искуства да изработиме квалитетни предлози со кои ќе се подобри статусот на медиумските работници, ќе се опфатат сите фактори во индустријата, без да се фаворизираат страни, а сѐ со цел да се зајакне неоспорната независност на новинарската дејност.
Особено загрижува тенденцијата со која Владата, од една страна, се договара и му ветува на приватниот медиумски сектор дека ќе ја воведе повторно оваа пракса, а од друга, одговорноста за тоа што не е досега воведена ја префрла на здруженијата и организациите кои се конзистентни во принципиелниот став дека се против праксата со јавни пари да се плаќаат кампањи во приватните медиуми. Дополнително, овој предлог е изработен на нетранспарентен начин без експертска поддршка и затоа треба да биде повлечен“, се наведува во соопштението на новинарските здруженија.
Од овие причини тие нема да учествуваат на денешната јавна расправа во организација на МИОА со која, велат, „се сака да се прикаже лажна транспарентност за процес за кој во општеството не постои ниту минимален консензус“.
Соопштението го потпишуваат Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостониот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за истражување на општествениот развој (РЕСИС), Здружението на регионалните и локалните медиуми „Медиум објектив“, Институт за комуникациски студии (ИКС).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: „Влен“ покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив

„Процесот на вработувања во државните институции се одвива селективно и дискриминаторски, при што Албанците остануваат целосно непретставени. Секојдневно, нивното исклучување станува редовна пракса на оваа Влада“, велат од ДУИ.
„Наместо да се зајакне правичната застапеност, Владата предлага замена на постојниот законски механизам (балансерот) со нефункционална комисија која еднаш годишно ќе подготвува „анализи“. Таквиот модел не гарантира ниту застапеност, ниту фер примена на законот, ниту основна еднаквост.
Дури и овој навредлив предлог-закон не се испраќа во Собранието, што укажува на понижувањето и недостаток на капацитет од страна на остатоците на ВЛЕН.
„Влен“ досега покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив ангажирајќи ја Каракамишева да изготви навредлив закон, кој потоа и самите не се осмелуваат да го достават до Собранието.
ДУИ бара од надлежните институции и од меѓународниот фактор внимателно да ја следат оваа ситуација и да реагираат на назадувањето на правичната застапеност на Албанците во јавните институции“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.
Македонија
Герасимовски: Во мојот мандат Центар доби целосна поддршка за урбаната велосипедска култура

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на средбата со жителите од строгиот центар разговараше за најгорливите урбани предизвици: сообраќајниот метеж, загадениот воздух и потребата од алтернативен превоз.
„Она што секојдневно го отежнува животот во Центар е хаосот во сообраќајот. Затоа вложуваме во решенија за почист воздух и подобар квалитет на живеење“, истакна Герасимовски.
Тој потсети дека Центар е првата општина што воведе субвенции за алтернативен превоз, велосипеди, електрични велосипеди и тротинети, мерка што се надградува од година во година:
„Во мојот мандат воведовме и субвенции за дополнителна опрема, за што интересот постојано расте. Само годинава, од предвидените 600.000 денари за велосипеди, веќе се субвенционирани 197 граѓани”, рече Герасимовски, посочувајки дека во последните три години се дадени субвенции за над 500 велосипеди.
„Жителите на Центар заслужуваат модерен и одржлив град. Затоа продолжуваме со инвестиции во алтернативен превоз, почиста животна средина и поздрав начин на урбано живеење“, порача Герасимовски.