Македонија
Нов скандал со „Трансферзалец“, водичот ќе оставел двајца планинари на Кораб

Двајца планинари, од кои едниот со повредено колено, биле принудени да трчаат по автобусот од организираната тура за искачување на Кораб викендов оти водичот на групата решил да се вратат назад без нив. Организиратор на турата било планинарското друштво „Трансферзалец“, кое ја организира и турата за искачување на Кајмакчалан кога загинаа двајца планинари. За последниот скандал алармираа планинари што биле сведоци на одлуката на водичот да тргнат иако недостигале двајца планинари.
„Нè оставија на 2 км од почетокот на патеката за искачување до врвот Голем Кораб и ни кажаа дека автобусот назад тргнува во 17 часот. Од организатори и водичи ни трага ни глас. Стигнав долу прв и морав да го барам автобусот што не беше на најавената локација. Стигнуваат и во автобусот влегуваат изморени луѓе и организаторот сфаќа дека недостигаат двајца и тргнува да ги бара, се враќа сам и му вели на шоферот да си одиме бидејќи се стемнува. Јас сфаќам дека се спремни да остават двајца луѓе сами во темница на планина и почнувам да се бунам. Автобусот тргнува. Двајца планинари што недостигаа се симнуваат по патот и трчајќи тропаат на автобусот со цел да запре за да влезат. Организаторите беа спремни да ги остават, ниеден водич не се загрижи, ниту одеше последен. Еден од двајцата го повредил коленото и морале да одат полека. Никогаш пак со ‘Трансферзалец’“, вели Марко Томиќ, еден од планинарите што го искачувале Голем Кораб.
Водичот од „Трансферзалец“, Јовче Николовски, за „Макфакс“ изјави дека два часа ги чекале планинарите што недостигале во групата пред да одлучат да си тргнат назад.
„Важно, со убаво заврши работата. Беше договорено автобусот да тргне во 17 часот. На сите јасно и гласно им кажав каде да се најдеме. Се симнаа половина. Половина се влечат, македонска работа. Се крена тензија, бараа да тргнеме оти два часа стоевме во место. Тие треба да бидат благодарни што ги чекавме. Уште кога сигнавме на Кораб, еден планинар рече дека ќе оди со приватен превоз, но ќе најави. Ние претпоставивме дека двајцата отишле заедно. Тамам тргнавме пополека, тие дојдоа. Немаа мрежа на телефоните“, вели водичот Николовски, кој се согласува дека не смееле да тргнат без да дојдат планинарите. 10-ина минути по изјавата, Николовски рече дека автобусот се поместувал на локацијата каде што требало да се чекаат, а не дека заминувал.
Од Федерацијата на планинарските спортови објаснуваат дека организаторот мора да се врати со ист број лица колку што имало кога тргнале на турата и негова обврска било да ги чека сите. Последниот водич, според Федерацијата, е обврзан да ги собере сите, дури и оние што евентуално заталкале.
„Не сме запознаени за ова. Деновиве треба да достават извештај, потоа ќе можеме да дадеме детали“, велат од Федерацијата на планинарските спортови.
Од „Трансферзалец“ велат дека викендов организирале две искачувања на Кораб, од кои едното било со ноќевање во шатори. Автобусот тргнал без планинарите дојдени на еднодневното искачување. Водичот Николовски вели дека токму поради тоа што имало две искачувања, кон врвот тргнале со еден водич, а се вратиле со двајца оти таму се споиле двете групи.
Двајцата планинари што трчале по автобусот се недостапни за изјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Заев и коалиционите партнери се договорија да настапат со заеднички кандидат за претседател

Владејачката СДСМ и коалиционите партнери на вечерашната средба постигнале согласност за заеднички кандидат за претседател. Како што соопшти партијата, ваквата одлука е донесена во интерес на сите партии.
,,Постигната е начелна согласност на лидерско ниво, партиите од Коалицијата предводена од СДСМ да застанат зад заеднички кандидат за претседател на државата, како и заеднички да настапат на престојните претседателски избори, уште во првиот круг.Коалицијата предводена од СДСМ, која ја сочинуваат над 20 политички партии, се води искучиво од интересот на граѓаните, интересот на државата и нејзината иднина.
Договорено е да продолжат пошироки консултации во рамки на самите партии, кои се дел од коалицијата, за избор на најсоодветен заеднички кандидат за претседател на државата, во интерес на граѓаните”, се наведува во соопштението.
Според СДСМ, заеднички е оценето дека на Република Северна Македонија и нејзините граѓани им е потребен вистински претседател, партнер на граѓаните, партнер на иднината, кој ќе застане рамо до рамо со прогресивните сили и Владата во процесите кои значат напредок, иднина, економија, членство во НАТО и ЕУ.
,,Оттука, функцијата претседател на држвата е од исклучителна важност и со таква одговорност Коалицијата предводена од СДСМ пристапува и во изборот на кандидат за претседател кој ќе работи за граѓаните и ќе ги претстaвува сите граѓани. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во име на Коалицијата, ќе ги продолжи консултациите со партиите од албанскиот блок во владината коалиција, како и со други парламентарни и вонпарламентарни партии, од власта и опозицијата, околу можностите да се дојде до заеднички кандидат за претседател на државата, кандидат за кој што ќе застанат граѓаните”, се додава во соопштението.
Македонија
Во Град Скопје комеморативна седница за Зоран Давидоски кој загина кај Ласкарци

Во Град Скопје утре ќе се одржи Комеморативна седница поради смртта на Зоран Давидоски, раководител на Секторот за сообраќај, кој загина во тешката сообраќајна несреќа која што се случи на патот Скопје -Тетово.
Комеморативна седница ќе се одржи со почеток во 12 часот во големата сала на Советот на Град Скопје (барака број 13).
Пред неколку дена кај селото Ласкарци се преврте автобус на компанијата „Дурмо Tурс“. На лице место загинаа 15 патници, меѓу кои и Давидоски.
Македонија
Седат ја пронајде девојката којашто ја извлекол од автобусот: ,,Никогаш нема да заборавам како ме молеше да ѝ помогнам”

Седата успеа да ја најде патничката на која ѝ помогнал да преживее под автобусот кој се преврте кај Ласкарци. Само да биде жива Јасмина – била неговата најголема желба.
Тој неколку денови безуспешно барал информации низ болничите ходиници, а всушност не ѝ го знаел ниту името. Поради тоа, Седат преку медумите побарал помош да ја пронајде.
Министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук објави дека од него било побарано да му помогне на Седат да ја пронајде девојката.
,,Во Градската општа болница „8 Септември“, Седат со моја помош ја најде Јасмина.Бев сведок на емотивен момент на кој што млада девојка се најде лице в лице со човек што ѝ го спасил животот.
„Никогаш нема да заборавам како ме молеше да ѝ помогнам“, рече Седат. Се надевам дека никогаш повеќе нема да ни се случи ваква трагедија, продолжуваме со битка за секој живот. Ти благодарам Седат на твојата посветеност, ти си вистински херој!”, напиша Филипче.
Пред неколку дена кај село Ласкарци се преврте автобус на компанијата „Дурмо Tурс“. Загинаа 15 патници, додека голем број беа спасени со помош на локалното население, кое што помогнало во нивното излекување. Тие се хоспитализирани на скопските клиники. Неколкумина од нив се уште се во критична состојба.
Анализата на примероците на крв и урина на возачот покажала дека во моментот на несреќата кај него не е регистрирано присуство на алкохол, лекови или психотропни супстанции.
Автобусот што излета од автопатот и се преврте во близина на стариот пат, по наредба на јавен обвинител ќе биде вештачен од страна на Машинскиот факултет во Скопје. Се уште се утврдуваат причините за несреќата.
- Истражувања3 месеци
(ВИДЕОИСТРАЖУВАЊЕ) Како Груевски го купуваше имотот на ВМРО-ДПМНЕ
- Истражувања2 месеци
Во дворот на МЗТ ќе се гради фабрика за преработка на медицински отпад, паника кај околните фирми
- Проверка со факти3 месеци
Заев прифаќа амнестија за 27 април, а тврдеше дека нема да има
- Истражувања1 месец
(ВИДЕО) Градоначалничката на Арачиново со службени пари купувала суџук, мирисливи свеќи, пилешки гради и дрвени лажици
- Истражувања2 месеци
Фондот за иновации прво одобрил грант од 200 илјади евра на сопругот, па ја вработил сопругата
- Проверка со факти2 месеци
(Видео) Шекеринска: Нема да се пазариме со амнестија
- Проверка со факти2 месеци
(Видео) Макрадули: Популизмот не помага при решавање со загадувањето
- Македонија1 недела
Скандалозна распределба на пари во култура – има за тетовски, нема за скопски џез-фестивал