Македонија
Обвинителството им порача на политичарите да не се мешаат во постапките

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија укажува дека не е време за напади на институциите и нема да дозволи дискредитирање на обвинители и мешање во кривични постапки од страна на политичарите.
„Изјавата на претседателот на Република Северна Македонија дека дава целосна поддршка на обвинителството и дека ќе ги употреби сите уставни и законски овластувања за да го заштити од притисоци ќе беше реална, доколку повикаше пратениците да го изгласаат Законот за јавното обвинителство и доколку дадеше поддршка за зајакнување на капацитетите на обвинителството за поефикасна борба против криминалот и владеење на правото“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.
ЈОРСМ ја уверува јавноста дека за посочениот предмет, се постапува неселективно и навремено, според утврден план на истрагата и дека сите инволвирани во кривични дела ќе бидат сослушани или испитани и ќе одговараат согласно законот. ЈОРСМ уште еднаш потенцира дека подлегнувањето на политички притисоци и мешање во работата на обвинителството штетно влијае врз текот и успешноста на истражната постапка и врз обезбедување на доказите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од 1 јануари државјанство во електронска форма и барање за пасош и лична карта по електронски пат

Од 1 јануари уверението за државјанство ќе може да се издава и во електронска форма преку Националниот портал за електронски услуги или преку квалификувана електронска препорачана достава на електронска адреса. Граѓаните ќе можат по електронски пат да поднесуваат и барања за издавање на лична карта и пасош, објави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на социјалните мрежи.
Тој образложи дека усвоените законски измени за целосна дигитализација на процесите е со цел подобрување на искуството на граѓаните при вадење на лични документи, а регулативата е хармонизирана со европското законодавство.
Предложени законски измени Собранието ги усвои во март годинава, а стапуваат на сила 1 јануари 2023 година.
„Отвораме можност Уверението за државјанство да се издаде и во форма на електронски документ на Националниот портал за електронски услуги или преку квалификувана електронска препорачана достава на електронска адреса, а истото може да се докаже и со податоци содржани во Националниот регистар на население. Согласно измените и дополнувањата на Закон за лична карта, Закон за патни исправи, Закон за лично име, Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, граѓаните може да поднесат барање и во електронска форма преку Националниот портал за електронски услуги. Во постапки определени со закон, како што е прибавување на доказ за објава во Службен Весник за загубена лична карта, истиот го прибавува МВР по службена должност преку Националната платформа за интероперабилност. МВР може да издаде решение за поништување на матичен број на граѓанин или странец како електронски документ“, појасни Спасовски.
Со цел усогласување со дигитализацијата на процесите поврзани со постапките утврдени со закон, формирани се работни групи во Министерството кои работат на ревидирање на законите и подзаконските акти во надлежност на МВР, и тоа: Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, Закон за оружјето, Закон за детективската дејност, Закон за странци, Закон за полиција, Закон за меѓународна и привремена заштита, Закон за заштита од експлозивни материи, Закон за следење на комуникациите, Закон за прометот на експлозивни материи, Закон за приватно обезбедување.
Македонија
Не е пријатно, но провокации имало секогаш, рече Маричиќ за исвиркувањето на македонскиот јазик на забавата за Рамковниот договор

На вицепремиерот Бојан Маричиќ не му било пријатно кога чул како група граѓани на прославата за Рамковниот договор ја исвиркаа водителката кога таа почна да зборува на македонски јазик. Смета дека станува збор за провокации, кои секогаш ги имало. Тој смета дека кога ВМРО-ДПМНЕ биле на власт, тоа било оркестриранo, а сега не е.
„Исвирквуање на било кој јазик не е пријатно за никого. Јас како Македонец не се чувствувам пријатно. Но, провокации, секогаш имало. Последните 5 години, провокации не биле оркестрирани…..Политика која се базира на поделби, посебно меѓуетнички не може да донесе добро на државата, не може да опстане на долг рок. Се обиделе повеќе политичари и сите изгубиме. Граѓаните се доволно зрели за да не бидат подложни на вакви провокации“, рече Маричиќ.
Со исвиркувањење на македонскиот јазик, почна фестивалот во чест на 21 годишнината од потпишување на Рамковниот договор. Во најголем дел младата популација, се забавуваше се до моментот кога водителката на настанот, која прво зборуваше на албански, проговори на македонски, што ја изреволтира публиката.
Македонија
Таравари бара формирање техничка влада

Потпреседателот на Алијанса за Албаниците и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари бара итно формирање на техничка влада. Во објава на профилот на Фејсбук, Таравари вели дека техничката влада е единствено решение во моментов во земјава која, како што вели, е мала во географска смисла, но е гигант во корупција.
„Секојдневно живееме и сме сведоци на корумпираното бирократско мочуриште, во коешто плови сè и сешто. Власта е во постојана кавга со неколку држави, како да не ѝ беше доволен сомнителниот начин на доаѓање на тронот. Не е доволно само да се фокусираме на проблемите. Решението се состои во два збора, техничка влада. Без партиски натпревар, затоа што ако нешто ни стана јасно досега е дека таквите натпревари се манипулираат и нема победник, туку победен. Партискиот каприц треба да излезе од врата и од ѕидовите на владините седишта и да почне да функционира кабинет кој наместо своите ќе ги полни џебовите на граѓаните“, пишува Таравари.
Според него итна интервенција е потреба во пет сфери, корупцијата, невработеноста, образованието, здравството и администрацијата.
„Техничката влада ќе мора да даде приоритет на излез од кризата на историските дилеми и да работи на усогласување на владиниот и ЕУ-календарот. Токму во такво ‘руво’ оваа влада би дала пример за сите други, идни влади, работејќи и не очекувајќи пофалби и комплименти, туку успешно завршувајќи ги своите задачи. На Македонија не ѝ треба Столе кого го вработи братучедот, ниту Шабан чијашто функција е заслужена поради семејната поврзаност со партискиот лидер. Сега е време на сите оние дами и господа кои се истакнаа во аулите на домашните и меѓународните универзитети, кои си ја сакаат земјата и народот, да дојдат до израз. Сега е време да владеат експерти“, вели Таравари.