Македонија
Објавени конкурсите за ученички и студентски стипендии за 2021 – 2022
Министерството за образование и наука информира дека се објавени конкурсите за доделување ученички и студентски стипендии за учебната, односно студиската 2021 – 2022 година. Во секој од конкурсите се наведени условите, критериумите, потребните документи и роковите за аплицирање, со цел остварување на правото на користење на соодветната стипендија.
МОН и Владата оваа година одлучија значително да ја променат политиката на стипендирање ученици и студенти, со цел да им се излезе во пресрет на што повеќе млади, но и да добијат зголемени месечни износи, со кои навистина ќе ја почувствуваат поддршката што државата им ја обезбедува во текот на образовниот процес.
Па, така, за повеќето од категориите ученички стипендии што се доделуваа и досега, месечните износи се зголемени за 60-ина проценти, а воедно воведени се и нови категории, од кои позначајни се оние за ученици што ќе се запишат во дуални паралелки, во дефицитарни струки или, пак, во тригодишно средно стручно образование. Исто така, зголемени се и месечните износи на поголем дел од студентските стипендии, некои од нив и за повеќе од 80 %.
Од оваа година постапката за аплицирање за стипендија е дигитализирана преку порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk, со што значително се поедноставува начинот на остварување на правото. Учениците и студентите што немаат можност да аплицираат електронски пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација според соодветниот конкурс во Министерството за образование и наука.
МОН обезбедува поддршка при аплицирањето за секој заинтересиран кандидат, кој ги исполнува условите за одредена категорија стипендии преку Секторот за ученички и студентски стандард, потенцираат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

