Македонија
Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден

Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден – 20 април. Ваквото поклопување не се случува често, бидејќи источната и западната црква користат различни календари (јулијански и грегоријански), но годинава датумите се совпаѓаат.
Двата најважни празници во христијанството се Божиќ и Велигден, денот на раѓањето и денот на воскресението на Исус Христос. Датумот на Божиќ е утврден – тоа е 25 декември, и во јулијанскиот и во грегоријанскиот календар.
Велигден, пак, секоја година паѓа на различен датум, што многумина збунува. Иако секогаш се слави во недела, правилата за одредување на датумот на овој празник не се едноставни – тие вклучуваат астрономија, математика и вековна црковна традиција.
По годинашното совпаѓање, догодина православната и римокатоличката црква, повторно различно ќе го слават Велигден. Православните верници Воскресението Христово во 2026 година ќе го одбележат на 12 април, а католичките една недела порано на 5 април.
Последното славење на Велигден на ист ден беше во 2017 година, а следното ќе биде на 16 април 2028.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Фетаи жестоко го нападна Ахмети: Лицемерно е да зборувате за достоинство, додека замижувавте пред злосторства

Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, остро реагираше ден по изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој оцени дека само Арбен Таравари сфатил дека позициите на Албанците во Владата се понижувачки. Фетаи го обвини Ахмети за лицемерие и му порача дека тој „не е ничиј слуга“.
„Ахмети рече дека Арбен Таравари разбрал оти Албанците во Владата го понижиле и девалвирале својот народ. Колку дрско лицемерие. Ахмети, јас не сум ничиј слуга. Чувајте го овој епитет за себе, вие кои посветено им служевте на антиалбанските сили и го легитимиравте секое злосторство врз Албанците“, напиша Фетаи на социјалните мрежи.
Тој постави и неколку директни прашања до Ахмети, обвинувајќи го за молк и неактивност во клучни моменти за албанската заедница.
„Каде бевте кога вашите министри уапсија мајка и ќерка Албанка лажно обвинети за исламистички тероризам? Дали некогаш сте проговориле кога државните структури убиваа албански патриоти? Дали кренавте прст кога толпи хулигани тепаа Албанци по улиците на нашите градови? Каде беше тогаш вашето достоинство?“, праша Фетаи.
Во неговата реакција, Фетаи го обвини лидерот на ДУИ дека ја прифатил агендата на ВМРО-ДПМНЕ и ги изневерил интересите на Албанците.
„Ти си тој што дозволи институциите финансирани од нашите даноци да ги навредуваат Албанците на национална основа. Ти си тој што прифати „Скопје 2014“ како национален проект и лавот на ВМРО-ДПМНЕ како илирски симбол. Замижувавте пред манипулациите со пописот. Испразнивте цели региони од Албанци. Никогаш во историјата немало поголемо понижување, повеќе предавство и мизерија отколку за време на вашето мрачно владеење“, порача Фетаи.
Според него, ДУИ единствено успеала во „збогатување на тесен круг луѓе“, додека народот, како што рече, останал да страда.
„Албанците не забораваат. Албанците не простуваат. Вашиот проблем е сметката – и таа ви тропа на врата“, заврши Фетаи.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го понижи културниот сектор и сега нема кредибилитет да зборува за достоинство

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ остро реагираа на денешната изјава на СДСМ, оценувајќи ја како „дрзок обид за дефокусирање на јавноста“ токму на големиот христијански празник Велигден.
„СДС денес, кога се слави Велигден, повторно се обидува дрско да го пренасочи вниманието од катастрофалното наследство што ѝ го остави на Македонија во културата. Јавноста добро памети кој ја газеше културата, кој ја претвори во мрежа на партиски вработувања и кој го користеше Министерството за култура како алатка за наградување на блиски личности и фаворизирани ‘уметници’“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, сегашната власт покажува поинаков пристап, транспарентност и отчетност.
„Извинувањето на именувано лице е коректен гест што јасно покажува разлика во пристапот. За разлика од времето на СДС, кога навредите и дисквалификациите врз уметници и институции беа секојдневие, денес имаме отчетност, одговорност и сериозен однос кон културата“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека ќе продолжат да работат во интерес на сите кои навистина придонесуваат во културата.
„Ќе продолжиме да ја градиме културата врз вистински вредности – без партиски кланови и без привилегирани. Ќе има поддршка за сите што творат и вложуваат, а не за политички миленици“, велат од владејачката партија.
Во реакцијата се наведуваат и конкретни критики кон поранешните министри и функционери од СДСМ, обвинувајќи ги за финансиски злоупотреби, непотизам и партиски фаворизирања.
„Во времето на СДС, грантовите се делеа без јасни критериуми, а дел од тие средства завршуваа кај лица блиски до партијата – дури и за проекти што никогаш не се реализираа. Последната министерка за култура беше под лупа поради злоупотреби, а институциите добиваа пари според политичка подобност“, тврдат од партијата.
Во реакцијата се посочува и дека функционерите на СДС користеле државни ресурси за лични цели, додека одговорноста била избегнувана.
Македонија
Со БМВ-то „летал“ со 142 км/ч кај Ранковце, полицијата го приведе

Полициски службеници од ОВР Крива Паланка вчера го привеле 47-годишниот Т.М. од Крива Паланка, откако бил фатен како управува со „БМВ“ со дупло повисока брзина од дозволената на патот кон селото Гиновце.
Како што информираа од Министерството за внатрешни работи, возачот бил застанат во 11:30 часот, откако полициска патрола регистрирала дека се движел со 142 километри на час, на дел од патот каде максималната дозволена брзина е 70 километри на час.
„Возачот веднаш беше исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава за безобѕирно управување со моторно возило“, велат од МВР за нашиот медиум.
Против Т.М. ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик, кој се однесува на безобѕирно управување со моторно возило.