Македонија
„Од визија до реалност – Демир Капија заштитено подрачје“, утре во Градскиот парк во Демир Капија
Утре ќе се одржи културниот настан „Од визија до реалност – Демир Капија заштитено подрачје“, во Градскиот парк во Демир Капија, со почеток во 14 часот.
Настанот ќе биде отворен со изложба на фотографии од природните убавини на Демир Капија. Потоа следува свечено отворање на настанот и вовед во иницијативата „Заедно за реките“, како и најава на следни активности во процесот на прогласување на заштитено подрачје. Во вечерната програма, со почеток од 19 часот, ќе се одржат концертите на групите „Љубојна“ и „Летечки пекинезери“.
„Од визија до реалност: Демир Капија заштитено подрачје“ е првиот од низата културни настани преку кои јавноста ќе има можност да се запознае со иницијативата за репрогласување на Демир Капија како заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на Демиркаписката Клисура и долниот тек на реката Вардар со нејзините притоки.
Иницијативата „Заедно за реките“ има цел да заштити повеќе од 400 километри реки во нашиот регион. Иницијативата ја поведе меѓународната организација за заштита на природата The Nature Conservancy, а партнери се Центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“ од Република Северна Македонија, Центарот за заштита на животната средина и здруженијата „Динарика“ и „Нови вал“ од Република Босна и Херцеговина, „Екотим“ од Република Црна Гора и еколошкото друштво „’Рзав“ од Република Србија.
Во рамките на оваа иницијатива, „Екосвест“, во соработка со Општина Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање, ја почна постапката за репрогласување на Демиркаписката Клисура за заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на дел од долното течение на реката Вардар и нејзините чисти и недопрени притоки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

