Македонија
Од денеска билети за литургијата со папата може да се подигнат на уште три локации

Oд денеска до 3 мај ќе можат да се подигнат бесплатни билети на три дополнителни локации во Скопје, за светата литургија на плоштадот Македонија што ќе ја одржи папата Франциско, соопшти Координативното тело за организирање на посетата на папата.
Првата локација за билетите е на улица Македонија, кај Меморијалната куќа на Мајка Тереза, втората е на излезот од ГТЦ спрема плоштад Македонија, а третиот пункт е поставен на влезот од Старата скопска чаршија (поранешна Стоковна куќа „Мост“).
Штандовите ќе работат од 9:30 до 17:30 часот, а покрај тоа што на нив ќе може да подигнат бесплатни билети за литургијата на папата, граѓаните ќе може да се информираат и за посебните безбедносни и организациски правила кои ќе важат за време на неговата посета, на 7 мај.
„Сите граѓани кои на 7 мај ќе се упатат кон плоштадот Македонија за да учествуваат на литургијата на папата Франциско треба да пристапат во својата зона преку влезот кој е одреден на бесплатниот билет. Билетот потребно е да се чува со себе сé до крајот на литургијата“, информираат од Координативното тело.
Освен правилата на однесување за време на светата литургија, на официјалната интернет-страница за посетата на папата Фрациско, www.papa.mk, објавени се и посебните сообраќајни правила за движење на автомобили и пешаци низ центарот на Скопје, кои ќе важат за време на неговата посета.
Седми мај ќе биде работен ден при што за сите државни и приватни капацитети ќе бидат обезбедени потребните услови за работа, појаснуваат од Владата.
„Сите граѓани кои живеат или работат околу плоштадот Македонија ќе имаат непречен пристап до своите живеалишта, односно места на работа, преку поминување на еден од одредените влезови. Важно е со себе да носат документ за идентификација. Внатре во зоната ќе имаат слободен пристап до сите локации, освен во затворената зона на самиот плоштад, за која е потребен билет за учество на литургијата“, стои во соопштението.
На 7 мај, користењето на автобусите на ЈСП на територија на Скопје и железничкиот сообраќај кон Скопје и надвор од Скопје ќе биде бесплатно за сите граѓани кои со себе ќе имаат важечки документи за идентификација.
„Апелираме до сите граѓани кои живеат на територијата на Скопје, на 7 мај да го користат јавниот автобуски превоз при упатувањето кон своите работни места, како и до сите граѓани кои ќе патуваат кон Скопје тој ден, да го користат железничкиот превоз и да избегнуваат користење автомобили“, велат од Координативното тело.
Од таму појаснуваат дека посебниот автобуски и железнички возен ред за 7 мај наскоро ќе биде објавен на интернет-страницата на ЈСП, на интернет-страницата на Железници и на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Вреди“ бара истрага за намерна манипулација со бројот на Aлбанците на пописот

Од „Вреди“, известуваат дека ќе поднесат кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против поранешното раководство на Државниот завод за статистика, други одговорни и раководни лица во врвот на поранешната Влада на ДУИ и СДСМ, како и други лица со моќ на договарање во тогашната политичката власт во врска со пописот на населението.
Причина за пријавата, како што појаснуваат е сериозниот сомнеж за политичко договарање и следствено на тоа, фалсификување на резултатите од Пописот во 2021 година. Од „Вреди“ се сомневаат дека е извршено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување (чл. 353 од Кривичен Законик).
„Последиците од овој чин се далекусежни: драстично и свесно е намален бројот на прикажаните Албанци во многу села, населени места и градови низ државата. Со тоа Албанците лично и поединечно губат многу права (гарантирани со Уставот) како вработувања, политичка застапеност и јазична еднаквост. Но и институциите се доведени во ситуација да олучуваат за намена на средства и фондови по погрешни и намалени бројки, со што повторно се оштетени граѓаните во многу општини“.
Бараат Јавното Обвинителство да ги испита овие наводи.
„Дополнително, овие денови високи функционери на ДУИ јавно признаа дека „пописот бил во рамки на договореното“, што уште повеќе го поткрепува сомнежот за политичка режија на целата операција“.
Од „Вреди“ велат дека ја преземаат ваквата иницијатива во одбрана на законитоста, еднаквоста и реалната статистичка слика на државата. Очекуваат ОЈО итно да отвори предмет, да ги обезбеди сите материјални докази и да спроведе темелна истрага.
„Нема компромис кога се повредува достоинството и бројноста на нашата заедница. Борбата за вистината започнува сега и ќе ја истуркаме до крај, во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија“.
Македонија
Поради сообраќајна несреќа, во прекин сообраќајот кај село Луково

Од 12:42 часот, сообраќајот на патниот правец Струга – Дебар кај с.Луково е во прекин во двата правца, поради случена сообраќајна незгода, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
50-60 магационирани БТР, „хермелини“ и „пинцгауери“ ќе гаснат пожари летово, им се вградуваат резервоари за вода, рече Мицкоски

Застарените и магационирани возила на министерствата за внатрешни работи и за одбрана се приспособуваат за гаснење пожари на непристапен терен. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека годинава државата е драматично поподготвена за пожарите во однос на претходните години. Тој рече дека пожари ќе се гаснат како и досега со армиските и со полициските хеликоптери, како и со авионите на Дирекцијата за заштита и спасување, чие дополнување ќе бидат приспособените возила, кои досега стоеле во магацините.
„Она што ќе биде новитет е дел од застарената и магационирана опрема, како што се БТР 70, 80, старите ’хермелини’, ’пинцгауери’ и слично, кои беа во магацините на министерствата за одбрана и за внатрешни работи, се модернизираа, обработија, им се инсталираа посебни резервоари за вода, се купија пумпи што работат на висок притисок и може да пристапуваат на непристапни терени. Тие се за она што многу ни беше важно, навечер, кога огнот, како што велат, спие, да може да му пристапиме и да го изгаснеме за да не се распламти преку ден. Се подготвуваат и многу бргу од денеска ќе бидете сведоци на една таква показна вежба како од ништо направивме нешто. Очекувам 50-60 вакви возила да бидат подготвени со соодветен инсталиран волумен за вода до шест кубни метри, шест тона. Очекувам подготвено да ги пречекаме пожарите и мислам дека драматично сме многу поподготвени од претходните години“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Реплек“.
Премиерот извести дека двата авиона за гаснење пожари на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се тука, а третиот се чека да пристигне од сервис.
ДЗС денес извести дека го надминале и проблемот со недостиг на пилоти за авионите за гаснење пожари со тоа што повторно ги ангажирале двајцата пензионирани пилоти.