Македонија
Од денеска волонтери на Црвниот крст како водичи за полесно снаоѓање на пациентите во комплексот клиники

Петнаесет волонтери ќе помагаат за полесно снаоѓање на пациентите во клиничкиот кампус „Мајка Тереза“ во Скопје. Проектот се спроведува во соработка со Министерството за здравство и Црвениот крст на Град Скопје. Волонтерите се лоцирани на седум најфреквентни локации во комплексот клиники, во периодот од 8.30 до 12 часот, секој работен ден.
„Истражувањата што ги правевме на клиниките покажаа дека пациентите имаат проблем со снаоѓањето во комплексот. На овој начин ќе им се овозможи полесно да ги најдат одделите и, секако, докторите. Ова е само почеток на проектот што ќе овозможи побрза реакција кај докторите и медицинскиот персонал во однос на грижата за пациенти. Во интерес на сите е пациентите да добијат брза и квалитетна услуга. Оваа форма на помош функционира и на други клиники во Европа и од тамошната јавност е препознаена како добра практика“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Волонтерите имаат униформа на Црвениот крст за полесно препознавање, а на клиниките за онкологија, гинекологија, инфективна, кардиологија, за детски болести, хируршки и интерни клиники имаат свои информативни места каде што граѓаните може да се обратат за помош. Подготвени се брошури и летоци, на кои има основни информации за нивниот ангажман, но и мапа на која се одбележани сите клиники, кои се наоѓаат во рамките на Клиничкиот центар.
Филипче изјави дека станува збор за неверојатно хуман ангажман на волонтерите од Црвениот крст, кои ќе им помагаат на пациентите во полесно снаоѓање низ клиничкиот кампус. Од Министерството за здравство и Црвениот крст очекуваат добар прием кај сите потенцијални корисници на услугите и овој проект го сметаат за позитивен чекор кон волонтерските сервиси на задоволство кај граѓаните, кои имаат потреба од овие услуги. Во проектот ќе бидат вклучени волонтери, кои претходно работеле во рамките на овие здравствени институции, но и млади што работеле на проекти во здравствените институции.
Според Сузана Тунева-Пауновска, секретар на Црвениот крст на Град Скопје, овој проект е показател дека желба за промени има и дека сите заеднички имаме цел да помогнеме таму каде што е потребна помош.
„Ангажирани се 15 волонтери, кои поминаа претходна обука за основите на првата помош, комуникација и техники за комуницирање, како и психолошка поддршка. Отпечатени се летоци со мапа, на која се универзитетските клиники. Реализирани се и теренски посети на клиниките и директен контакт со одговорни лица од Министерството за здравство на Република Северна Македонија и главните сестри на универзитетските клиники. Веќе се поставени инфо-пултови на неколку клиники, каде што сите заинтересирани лица може да се обратат до волонтерите на Црвениот крст. Ангажирани се и волонтери од трета доба, тие се мотивирани да им помогнат на сите што ќе побараат помош од нив. Како Црвен крст ние ги охрабруваме сите постари лица, кои се чувствуваат витални, да се приклучат кон овој или слични проекти на Црвениот крст“, изјави Пауновска.
Во текот на обуките волонтерите добија знаења и вештини за тоа како да го олеснат пристапот до сите лица, кои имаат потреба од помош и поддршка во наоѓање на универзитетските клиники (физичко лоцирање), административни процедури за пациенти, како и водење на сите тие што имаат потреба од дополнителна помош во интерните одделенија (шалтери, соби за преглед, термини за прием, одговорен лекар итн). Во рамките на проектот се изработени и брошури за прва психолошка помош на македонски, албански и на ромски јазик.
Со сите овие активности презентираме еден начин за поддршка и подобрување на моделот на здравствена заштита во Република Северна Македонија, со кој се олеснува пристапот до болничките услуги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Обезбедени 13,7 милиони евра за заостанати обврски, започна модернизација на Армијата

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ за време на своето седумгодишно владеење не само што била неспособна да реализира големи проекти, туку и редовните обврски кон вработените во Армијата и Министерството за одбрана биле системски занемарени. Според партијата, СДСМ со години не исплаќала надоместоци предвидени со закон, што резултирало со бројни тужби.
Со преземањето на власта, ВМРО-ДПМНЕ обезбедила 13,7 милиони евра за исплата на заостанатите обврски, вклучително и регрес за годишен одмор. Ќе бидат наградени 436 војници кои се бореле со пожарите минатото лето. За модернизација на Армијата годинава се одвоени 106 милиони евра, што е за 18 милиони повеќе од лани. Донесен е и нов Закон за вработените во Министерството за одбрана со цел подобрување на нивниот статус и мотивираност.
Македонија
И денес температури до 40 степени, од среда заладување и ветер

Времето денес ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Во попладневните и вечерните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град, јавува УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло, попладне со мала до умерена нестабилна облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 40 степени.
До вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура наместа и над 40°C. Локална појава на нестабилност ќе има и во првите два дена од следната седмица, кога ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец. Во среда и четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура, а претежно во северните делови во среда ќе има локални врнежи од дожд.
Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.