Македонија
Од полноќ поскап бензин и поевтин дизел

Од 25 март од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 40,755 (денари/килограм)
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 0,50 ден/лит, додека малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,590 ден/кг и сега ќе изнесува 40,755 ден/кг.
Oва се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 25.3.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уште пет пациенти денеска ќе се вратат од странство: четири од Шпанија и еден од Грција

Министерот за здравство Арбен Таравари на денешната изјава за медиумите информираше дека денеска уште 5 пациенти ќе се вратат од странство, од кои 4 од Шпанија и еден од Грција, и веќе се зголемува бројот на пациенти кои се подготвени за враќање.
-Добра вест е што се намалува бројот на пациенти што се лекуваат во странство. Во моментот се 113 пациенти, со тоа што вчера се врати еден пациент од Србија и една пациентка од Бугарија. Пациентите кои денеска се враќаат ќе бидат под 24-часовен надзор според протоколот, доколку конзилиумот од доктори одлучи дека треба да се пуштаат дома, ќе се пуштат на домашно лекување или ќе останат на лекување на некоја од клиниките. Најавени ни се уште 4 пациенти за враќање, но за тоа утре дополнително ќе информираме. До крај на денот во странство ќе продолжат со лекување 108 пациенти. Се надевам дека до крајот на неделата ќе имаме уште поголем број пациенти што ќе се вратат, порача Таравари.
Во моментот во болниците во државава се лекуваат 23 пациенти, од кои 4 во Клинички центар (2 на пластична хирургија и 2 на токсикологија), 6 пациенти во Стара градска болница, 9 во ГОБ „8 Септември“ од кои еден е подготвен за испис, а во Систина се 4 пациенти. Сите овие пациенти се стабилни и во добра состојба, според него.
Македонија
Армијата и одбраната продолжуваат да се развиваат, започнаа годишните билатерални разговори со НАТО, соопшти Министерството за одбрана

Денеска и утре тим од НАТО – Алијансата предводен од високиот политички експерт и известител за нашата држава Стјуарт Ендрјус ќе учествува на билатералните одбранбени разговори со Алијансата. Разговорите се посветени на плановите за развој на одбранбените способности согласно НАТО целите на способности, вклучувајќи ги и одбранбените планови, финансиите и човечките ресурси во одбраната, велат од Министерството за одбрана.
Тимот експерти од Министерството за одбрана, предводен од државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова ќе информира за споделувањето на товарот кое ги вклучува и инвестициите во одбраната. Согласно заложбата за инвестирање во одбраната, усвоена на Самитот во Вилнус во 2023 година, а реафирмирана на Самитот во Вашингтон минатата година, земјава издвојува 2 проценти од бруто-домашниот производ за одбраната, односно 329 милиони евра, од кои над 32 проценти се наменети за опремување и модернизација на македонската Армија.
Пред НАТО-тимот ќе биде потврдена заложбата на Министерството и на државата за континуирани реформи и развој на одбранбените способности во служба на националната и колективната одбрана во НАТО.
Билатералните одбранбени разговори со Алијансата се реализираат секоја година во рамките на НАТО процесот на одбранбено планирање. Процесот на спроведување на одбранбените реформи, плановите за иден развој, како и постигнатото ниво во развојот на одбранбените способности се евалуираат преку повеќе области, извести Министерството за одбрана.
Македонија
„Првпат пред лицето на правдата се изведуваат сегашни и поранешни функционери, без разлика на партиската или етничката припадност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Македонската јавност е сведок дека прв пат, како никогаш до сега државните институции посветено работат на целосно расчистување на трагедијата која ја потресе целата држава. За првпат институциите приведуваат, испитуваат, отвораат истраги, без оглед на политичка или етничка припадност“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.
„Во опсежна и сеопфатна истрага се испитуваат сите причини кои доведоа до трагичниот настан во Кочани и сите одговорни се изведуваат пред лицето на правдата.
Опсежната истрага на надлежните органи до сега опфати голем број на лица без разлика на нивната партиска или пак етничка припадност, сегашни или пак поранешни државни функционери.
За само недела дена од трагедијата во сеопфатната истрага, опфатени се над 40-тина лица на кои им се одредени и мерки притвор. Меѓу уапсените има функционери од ВМРО-ДПМНЕ, СДС, ДУИ како и луѓе кои не се политички определени или ориентирани.
Ова покажува дека органите на системот, како што се обвинителството и судството, иако лицата кои работат во нив се избрани од тефтерчињата на Заев и Ахмети, сепак знаат да работат професионално. Но вистинското прашање, е зошто на СДС сега им смета и го доведува во прашање нивното професионално работење?
Кога СДС зборува за селективна правда, треба само да потсетиме на трагедиите кои се случија во изминатиот период и во кои немаше сеопфатни истраги и немаше човек што понесе одговорност.
Седум години власт на СДС, никој не понесе никаква одговорност и немаше приведени за трагедии како Ласкарци, Беса Транс или Модуларната болница, каде единствено „виновни“ беа каблите или пак шасиите.
Вистинското прашање е зошто тогаш за тавите трагедии немаше сеопфатни истраги и зошто немаше приведени и одговорни лица, дали затоа што обвинителството и судството беа под директна партиска контрола на СДС?
Трагедиите не треба да се користат за дневно, политичка пресметка, туку тие треба да не обединат сите без разлика на партиската, етничката или пак верската припадност во тагата и болката и да застанеме зад институциите за нивно целосно расчистување.
За ВМРО-ДПМНЕ ова не е тема за политичка битка, туку на оваа трагедија гледа како на историски момент за целосно ресетирање на системот, нешто што и е потребно на Македонија“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.