Македонија
Од утре пороен дожд, силен ветер и грмежи

Под влијание на циклонска активност утре попладне, во текот на ноќта и во вторник претпладне ќе биде облачно со врнежи од дожд.
Врнежите ќе почнат од запад, а во вечерните и ноќните часови зоната на врнежи ќе се прошири во целата земја. На повеќе места се очекуваат обилни врнежи, од 30 до 40 л/м2 за 24 часа, а локално и повеќе. Во ноќните и раните утрински часови кон вторник, врнежите на места ќе бидат поројни и проследени со грмежи.
Ќе дува засилен ветер, утре од југоисточен, а во вторник од југозападен правец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце времето на чекање за излез од државата е 30-ина минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е 30-ина минути, а на другите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Фото) Се гради првата спортска сала во населбата Припор

Денес беше направен увид во градежните работи за изградба на првата училишна спортска сала во населбата Припор од страна на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Новиот објект ќе биде сместен во дворот на ПОУ „Круме Кепески“ и ќе се простира на 500 квадратни метри, со рок за изведба од две години. Проектот е овозможен со поддршка од Владата, по успешната апликација на општина Кисела Вода на владиниот повик за обезбедување средства за реализација на капитални проекти, информира Општината.
Салата ќе обезбеди современи услови за спорт и рекреација на учениците и младите од овој дел на градот. Дополнително, ќе се изврши целосно партерно уредување на училишниот двор, со што ќе се создаде безбеден и функционален простор за секојдневни активности. Вредноста на проектот изнесува 16.449.974,80 денари, извести општина Кисела Вода.
Изградбата на спортската сала претставува инвестиција во подобро образование, здрави навики и развој на младите генерации во Припор. Во изминатите четири години се изгради спортска сала во Пинтија, се реконструираше салата во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, започна изградбата на сала во ООУ „Кузман Јосифовски Питу“, заврши реконструкцијата на салата во ООУ „Партение Зографски“, како и реконструкцијата на салата во ООУ „Климент Охридски“. Во моментот е подготвена документацијата за изградба на нова сала во ООУ “„Кузман Шапкарев“, а салата „Расадник“ темелно се реконструира во соработка со Министерството за спорт, се додава во соопштението на општина Кисела Вода.
Македонија
Исчезнатиот Ѓорѓе Серафимовски е пронајден жив и здрав, соопшти семејството

83-годишниот Ѓорѓе Серафимовски е пронајден жив и здрав, кусо соопшти семејството. Тие заедно со полицијата го бараа од вчераутро откога излегол од својот дом во Фалише да оди кон Тетово, но не можеле да го најдат.
Семејството вели дека го пронашле на патот кон Тетово, контактибилен, но го однеле во болница за дополнително да му ја проверат здравствената состојба.