Македонија
„Омилената владина веледрогерија била оќорена од тендери на Онкологија, за одредени лекови се правеле резерви, а други биле оставани како дефицитарни“, вели ВМРО-ДПМНЕ
„Власта бега од скандалот со клиниката за Онкологија како ѓавол од темјан. Бегаат затоа што токму оваа власт е дивото месо кое што го уништува здравствениот систем и овозможува некој да се богати на грбот и на сметка на животите на најтешките пациенти во државата. Ова што се случувало во клиниката за Онкологија е дело на една канцер мафија. Таа канцер мафија свесно предизвикала хаос во клиниката со цел во матното да се злоупотребува скапата терапија која чини и по илјада евра од ампула“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Притоа речиси по правило било набавувано терапија од омилената веледрогерија на власта која била „оќорена“ од тендери и народни пари. Она кое што е забележано во извештајот од финансиската контрола е дека постои нејасна причина зошто за некои лекови се правени анекси и залихи, а за други дефицитарни лекови не. Дали свесно било набавувано повеќе од некои лекови кои чинат огромни суми, за да може веледрогеријата да се наполни со пари?
Исто така во истиот извештај се забележува зошто е распишан 4 месечен тендер од страна на клиниката за Онкологија, кога тендерот на министерството за здравство бил уште во тек?
Сите овие недоследности , но и мноштвото сведоштва за злоупотреби, говорат дека на клиниката за Онкологија се спроведувал најморбидниот криминал. Оваа канцер мафија мора да одговара“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Oпштина Кисела Вода: Генерално се чисти општината
Генерално се чисти општина Кисела Вода. Акцијата која започна вчера во УЗ „11 Октомври – бараки“, денеска продолжи на подрачјето на УЗ „11 Октомври -згради“, каде што екипите работат на темелно уредување на јавните површини, информираат од општината.
На терен, како што додаваат, се ангажирани околу 30 сезонски работници, обезбеден е целокупниот потребен алат и механизација, како и специјализирани возила за метење и чистење на улиците. Во спроведувањето на акцијата активно учествуваат и претставници од Советите на урбаните заедници, што овозможува подобра координација и поефикасно реализирање на зафатите.
Со чистењето се опфаќаат улиците, тротоарите и заедничките јавни површини, со цел создавање почиста, поуредна и поздрава животна средина за жителите.
„Паралелно со ова, на повеќе локации низ општината се спроведуваат и активности за уредување на парковските површини, каде што се собираат наталожените паднати лисја, карактеристични за овој период од годината. За таа намена се ангажирани дополнителен број сезонски работници и соодветен алат, со што парковите целосно се средуваат и се подготвуваат за користење од страна на граѓаните.
Акцијата за генерално чистење продолжува и во наредниот период. Во понеделник екипите ќе работат на подрачјето на УЗ „Кисела Вода“, по што секој ден ќе се спроведуваат активности во по една месна или урбана заедница, сѐ додека темелно не бидат исчистени сите населби и населени места на територијата на општина Кисела Вода“.
Македонија
Левица бара независна истрага за смртта на новороденчето и одговорност на директорката и педијатарката во ГАК
Левица бара обвинителството да отвори истрага за смртта на новороденчето на Клиниката за гинекологија и акушерство и одговорност од директорката и од педијатарката која го реанимирала бебето.
Според партијата, последниот случај со починато новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје открива не само индивидуални пропусти, туку и системска болест на здравствениот сектор во Македонија, кој го стави интересот на хиерархијата, бирократијата и формалностите над животот на човекот. Левица вели дека на ГАК недостасуваат педијатри и неонатолози.
„Имено, интерната документација на ГАК, вклучувајќи ја пријавата на началничката на интензивна нега, д-р супспецијалист Елизабета Петковска, открива дека педијатарката д-р Емилија Бадева извршила долготрајна, повеќекратна и неуспешна реинтубација (околу 20 минути), при што довело до дестабилизирање и смрт на бебето. Сведочењата на специјализантките д-р Деспина Кочова и д-р Мевљане Ислами Лимани потврдуваат дека ја предупредувале да ја прекине постапката. Интерните податоци откриваат и сомнежи за алкохолна употреба на д-р Бадева за време на работа, што е целосно игнорирано од директорката д-р Ирена Алексиовска Папестиев и институциите. Комисијата за квалитет препорачала тестирање за супстанции, но нема законска сила за реална проверка, што јасно укажува на систем кој штити персонал и формалности, наместо животот на пациентите“, велат од Левица.
Од таму додаваат дека директорката не ги известила Министерството за здравство, ДСЗИ ниту Јавното обвинителство цели два месеци, додека ДСЗИ, велат од Левица, подоцна се ограничува само на формални извештаи за медицинските состојби, без да го утврди суштинскиот причинско-последичен однос помеѓу несоодветната постапка и трагедијата.
„Министерот за здравство, Азир Алиу и директорот на ДСЗИ, Кирил Лазов, декларативно најавија формирање стручна комисија, но ова останува празна формалност ако не се обезбеди независна контрола и санкција на одговорните“, велат од Левица.
Партијата бара итна, независна и транспарентна истрага од Јавното обвинителство за сите аспекти на овој случај; одговорност за директорката д-р Ирена Алексиовска Папестиев и педијатарката д-р Емилија Бадева и сите кои прикривале информации; јавно објавување на обдукцискиот наод на новороденчето; законски промени кои ќе овозможат реална контрола и проверка на медицинските постапки, вклучувајќи и тестирање на лекари за супстанции во критични оддели; крај на културата на молк, прикривање и заштита на хиерархијата над животите; реформа на здравствениот систем кон јавно, колективно, транспарентно и социјално здравство, каде здравјето и животот се врвен приоритет, а не формализам и лични интереси и едукација и вработување на повеќе педијатри неонатолози.
Освен ова, велат од Левица, останува и прашањето дали на ГАК постои јасен протокол за соработка со детската хирургија и детска клиника и дали се прифаќаат сите новороденчиња за кои е проценето дека треба да се префрлат за стручна помош?
Македонија
(Видео) Тошковски: Интервентната полиција – шест години посветена служба во заштита на граѓаните
По повод шест години од формирањето на Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, денеска беше одбележан Денот на единицата, на кој беше истакната нејзината клучна улога во одржувањето на јавниот ред и мир и во заштитата на безбедноста на граѓаните на главниот град.
Во своето обраќање, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи дека Интервентната полиција во изминатиот период се етаблирала како еден од носечките столбови на безбедносниот систем, со висока оперативна подготвеност, мобилност и професионалност.

„Интервентната полиција често пати беше прва на терен и вистински херој во заштитата на граѓаните. Резултатите што ги постигнувате не се случајни – тие се производ на посветеност, храброст и тимска работа. Намалувањето на разбојништвата во Скопје за околу 40 проценти е јасен показател за вашата ефикасност,“ истакна министерот Тошковски, најавувајќи дека МВР и во иднина ќе продолжи со вложувања во опрема, обука и човечки ресурси.
Министерот потенцираше дека во годината што следи фокусот ќе биде насочен кон понатамошна модернизација и јакнење на капацитетите на Единицата, со цел уште побрз и поефикасен одговор на безбедносните предизвици.
Командантот на Единицата за интервентна полиција, Милош Столевски, во своето обраќање посочи дека за шест години постоење, Единицата се наметнала како суштинска безбедносна алатка во рамките на полицискиот систем, подготвена да одговори на сите облици на криминал.
„Да се биде дел од Интервентната полиција значи чест и гордост, но и голема одговорност. Со посветеноста и професионалноста на секој припадник, успеавме да изградиме доверба кај граѓаните и да придонесеме главниот град да биде безбедно место за живеење,“ нагласи Столевски, додавајќи дека поддршката од раководството на МВР е клучна за континуираниот развој и унапредување на Единицата.
На одбележувањето беше истакната и важноста на координацијата меѓу единиците, како и успешната соработка со другите организациски единици во рамките на МВР, особено во спроведувањето на сложени оперативни акции.
Министерството за внатрешни работи уште еднаш ја потврдува својата определба за јакнење на Интервентната полиција како професионална, модерна и ефикасна единица, во функција на безбедноста на граѓаните и заштитата на јавниот ред и мир.

