Македонија
Општина Аеродром почна кампања за подигање на свеста за децата со оштетен вид

Под мотото „Подај рака, допри ме и дознај ја мојата приказна“ Општина Аеродром заедно со државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, почна кампања за подигање на свеста за децата со оштетен вид, со цел тие да бидат видливи за сите и да се поттикне заедницата да стане поотворена и поинклузивна.
Кампањата стартуваше денеска со работилница во ООУ „Лазо Ангеловски“, на која на интерактивен начин учениците од ова училиште одблиску се запознаа со лицата со оштетен вид и со главните предизвици со кои се соочуваат тие. На работилницата учениците учеа за тоа што претставува оштетувањето на видот и на кој начин учат децата со оштетен вид.
Специјалните едукатори и рехабилитатори објаснија што претставуваат Брајовото писмо и таканаречената шестоточка што им овозможуваат на лицата со оштетен вид да пишуваат и да читаат, а претставија и друг вид аудио и тактилни материјали, како што се говорни книги и програми, тактилни слики и мапи што може да се „гледаат“ со прсти.
Исто така, стана збор и за движењето и ориентацијата на овие лица со помош на белиот стап, а што е уште поважно, научија како правилно да помогнат на другарче со оштетен вид.
Се очекува оваа кампања, која ќе продолжи и во другите основни училишта во Општина Аеродром, да придонесе за доближување до лицата со оштетен вид и нивно полесно соочување со предизвиците со кои се соочуваат тие во своето секојдневие, велат од општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Цветковски: Лозово ќе добие нов инфраструктурен лик и повеќе зелени површини

Кандидатот за градоначалник на општина Лозово, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бошко Цветковски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека ќе продолжи транспарентно и одговорно да работи преку реализација на се она што е предвидено во програмата, како вложувањето во инфраструктурата, градење на нови паркови, за почиста општина и промоција на индустриската зона за подобар економски стандард на жителите во Лозово.
„Се обврзувам дека ќе работам на квалитетно инфраструктурно уредување на општината, зголемување на зелените површини, градење на нови паркови, континуирано и темелно чистење на сите јавни простори, како и посоодветно управување со ѓубрето и отпадот, вклучувајќи го поттикнувањето за унапредување на процесите на собирање, сортирање и отстранување на неговите остатоци. Ветувам дека ќе работиме на промоција на индустриската зона со цел да создадеме адекватни услови за отворање на работни места, како и развивање и спроведување на редица економски трансформативни иницијативи и активности, кои ќе значат дополнително привлекување на странски инвеститори и унапредување на квалитетот на нашиот економски стандард и живот“, вели Цветковски.
Кандидатот за градоначалник на општина Лозово Бошко Цветковски, истакна дека ќе вложува во зголемување на сообраќајната безбедност, во образованието, но посочи дека ќе вложи напори и во унапредување на социјалните услуги за мирна, безбедна и просперитетна општина Лозово.
„Подготвен сум да вложам максимални напори на планот на зголемување на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот, да ја поттикнам заедничката и координирана соработка и ангажман на граѓаните и полицијата, да предложам активности и мерки во насока на намалување на девијантните појави. Ќе дадам силна поддршка на проектите кои се насочени кон дополнителни вложувања во јавното образование, подобрувањето на образовната инфраструктура, унапредување на образовниот процес, што истовремено ќе значат унапредување на севкупните услови, знаења и вештини на учениците. Ќе се залагам за унапредување на социјалните услуги за семејствата и посебно поддршката на родители, жените и децата кои се дел од социјално ранливата категорија. Заеднички посакуваме Лозово да биде модерно, забавно, мирно, безбедно, економски просперитетно и атрактивно катче за живеење и стопанисување“, рече Цветковски.
Македонија
Филипче од Виница: Македонија е претпоследна во Европа по минималната плата

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“, што се одржа во Виница укажа дека со сегашните ниски плати, високи стапки на инфлација, младите не гледаат перспектива во својата татковина.
„Нема достоен живот кога Македонија е претпоследна во Европа според висина на минимална плата со многу ниска куповна моќ. Младите заминуваат – не затоа што не ја сакаат Македонија, туку затоа што таа не им нуди перспектива. Со оваа ненародна власт животот е сè потежок за сите“, рече Филипче.
Сите ние како што кажа Филипче ја чувствуваме раката на погрешна државна политика, каде кадрите на ВМРО-ДПМНЕ низ локалните и централните нивоа создаваат синџир на неспособност и безредие.
Македонија
Костовски: Бутел добива нова поликлиника, Љуботен добива водовод

Дарко Костовски, кандидат за градоначалник за општина Бутел до редовите на ВМРО-ДПМНЕ, денес гостуваше во дебатната емисија „Локални избори 2025 – изборни соочувања“ на МРТ1, при што го изрази задоволството за реализација на 404 проекти во општина Бутел во текот на неговиот четиригодишен мандат како градоначалник, и напомена дека околу 70 од реализираните проекти не беа дел од предизборната програма, и наведе дел од реализираните проекти.
„Целосно коритото на реката Серава го изградивме во должина од 1500 метри, во потегот на Радишани, направивме трим патика, 5000м2 додадовме зеленило, целосно го осветливме тој потег и поставивме клупи. Нов мега парк во Радишани од 10.000м2, две градинките една е целосно завршена, а другата е во една сериозна фаза. Училиштето во Визбегово започна да се гради за време на мојот мандат и се заврши. Направивме револуција во спортот, изградивме 5 спортско рекреативни центри иако најавивме само два, изградивме 13 спортски терени, изградивме плоштад, изградивме 10 детски игралишта. Поликлиниката, историскиот момент за Бутел, е распишан тендерот и водоводот во Љуботен, едно историско барање на граѓаните, го започнуваме за два дена од сега ќе ги поврземе на градски водовод“, објасни Костовски.
Во однос на проектите содржани во програмата за наредниот мандатен период од четири години, Костовски посочи дека се предвидени изградба на три нови градинки, нов културен дом и плоштад во Бутел 1, два паркови на Христијан Тодоровски Карпош и во Радишани.
„Во новата програма предвидовме 3 нови градинки во населеното место Радишани, Визбегово и Бутел 1. Ќе имаме нов базен во Бутел 1, носечка работа за општина Бутел, а тоа е нов културен дом и плоштад во Бутел 1, за неколку дена ќе има и 3Д анимација. Два нови паркови најавувам едниот на Христијан Тодоровски Карпош кадешто заедно со Градот Скопје ќе мора да го направиме и еден ќе го направивме сами во Радишани“, рече Костовски.
Тој додаде дека со оглед на фактот дека во мандатот што следи најголемиот дел од капиталните проекти се завршени или во фаза на правење, ќе се работи и на атмосферската и на фекална канализација во општината.
Костовски посочи дека општина Бутел во текот на неговиот мандат не издала дозвола за ниту една изградба за зграда, иако притисоци постоеле, а сето тоа во насока на спречување на урбаниот хаос во општината и рече:
„Одолеав на секој притисок на урбаната мафија за општина Бутел да остане мирна општина и да продолжи да владее маалскиот тип на живот и цврсто стојам зад барањето на граѓаните општина Бутел да не е бетонизирана во ниедна смисла на зборот“, заклучи Костовски.