Скопје
Општина Аеродром со препорака: да не се користат мобилни телефони на настава
Општина Аеродром донесе препорака учениците од прво до деветто одделение во сите основни училишта да не ги поседуваат кај себе и да не ги користат мобилните телефони за време на наставата.
Според соопштеното, се препорачува учениците при влез во училиштата да ги оставаат своите мобилни апарати во посебно означени кутии сместени во посебни простории во рамките на училиштата, од каде ќе можат да ги земат по завршување на наставата. Доколку вработените во училиштата увидат дека некој ученик поседува и втор телефон може да го одземе и да го врати на родителите или старателите.
Ваквата препорака, како што појаснуваат, е донесена по спроведените консултации со директорите и стручните служби на училиштата, по што Општина Аеродром покренала иницијатива која наишла на поддршка од страна на училишните одбори и од советите на родители.
„Со оваа препорака имаме за цел да ги заштитиме нашите ученици од несоодветни, непристојни, па дури и опасни содржини што секојдневно се шират по одредени социјални мрежи кои за жал се пресликуваат и во нашата реалност. Исто така, очекуваме учениците со поголемо внимание и фокусираност да ги следат предавањата на часовите со што ќе се подобри образовниот процес, но и да развијат поголема друштвеност и емпатија меѓу себе и да се избегне потенцијална појава на мобинг и на меѓуврсничко насилство.
Оваа препорака е во насока и на истражувањата спроведени од страна на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), од каде во јули 2023 година укажаа на негативните ефекти од употребата на паметни телефони врз процесот на учење. УНЕСКО советува за соодветна употреба на технологијата во училиштата.
Нашите ученици се нашата иднина и ние сме одговорни да ги обезбедиме сите потребни услови во кои тие ќе имаат правилен раст и развој. Токму затоа со големо внимание и посветеност го следиме спроведувањето на воспитно-образовниот процес и работиме на подобрување на условите во нашите училишта“, нагласуваат од општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Поставени сите уреди за мерење бучава – инспекциските служби вршат контроли на 30 локации во Центар
Општина Центар ја заврши првата фаза од воспоставувањето систем за мониторинг на бучавата во јавниот простор со поставување на вкупно 30 уреди за мерење на бучава на повеќе фреквентни локации низ општината.
Уредите се поставени на улиците: „Народен фронт“, „Наум Наумовски Борче“, „Орце Николов“, „Михаил Цоков“, „Славка Недиќ“, „Живко Чинго“, „Радњанска“, Бул. „Климент Охридски“, „Ленинова“, „Самоилова“, „Отон Жупанчиќ“, „Мирослав Крлежа“, „Ѓорѓи Пешков“, „Пиринска“, „Јордан Мијалков“, како и на Кеј „13-ти Ноември“.
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека уредите се наменети исклучиво за индикативни мерења и претставуваат значајна алатка за поддршка на инспекциските служби.

„Овие мерни единици не препознаваат гласови, туку ја мерат амбиенталната бучава во децибели и фреквенцијата на звукот. Со тоа овозможуваме побрза и поефикасна реакција на инспекциските служби и подобра заштита на јавниот ред и мир“, изјави Герасимовски.
Од општина Центар информираат дека податоците добиени од уредите за мерење на бучавата, служат како индикатор за дополнителна теренска контрола, а врз основа на нив не се покренуваат прекршочни постапки.
Инспекцијата за животна средина постапува согласно Законот за заштита од бучава во животната средина, при што санкции се изрекуваат исклучиво врз основа на официјални мерења извршени од акредитирана лабораторија.

Согласно член 56 од Законот, прекршочните санкции се утврдуваат според големината на правниот субјект и изнесуваат од 6.000 до 7.000 евра за микро, од 13.000 до 14.000 евра за мали и од 37.000 до 41.000 евра за средни правни субјекти.
Уредите се користат со посебен фокус на бучавата која потекнува од угостителски објекти и сообраќајот, со цел унапредување на квалитетот на живот и заштита на јавниот мир на граѓаните во Центар, соопштуваат од Општината.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.

