Македонија
Општина Ѓорче Петров: Гоштевањата на општинска сметка заминаа заедно со СДСМ

Од Општина Ѓорче Петров реагираат на тврдењата на претседателот на СДСМ Ѓорче Петров, Кристијан Јовановски, кој претходно денеска изјави дека развојот на општината во последните шест месеци го достигнал својот минимум. Тој го обвини градоначалникот Александар Стојкоски дека трошел граѓански пари за партиски вработувања и гоштевања на сметка на Општината.
„Како што лажеа дека од Ѓорче Петров ќе направат Париз, така сега од СДСМ Ѓорче Петров лажат дека парите на ѓорчепетровци се трошат на патувања, хотели, партиски вработувања. Ред е, ако се сигурни во тоа, да достават докази пред граѓаните бидејќи на збор одамна никој не им верува токму поради тоа што општината ја оставија во кал, отпад до гуша и со нефункционален систем. Дотолку што, единствено наследство добиено од СДСМ во Ѓорче Петров се долговите и проблемите што во изминатите месеци интензивно се решаваат. И, секако, забраната за простирање гаќи, со која целата јавност тераше мајтап и се исмеваше со СДСМ“, велат од Општината.
Од таму додаваат дека Општината нема потрошено ниту еден денар на ноќевања како дел од службени патувања затоа што, како што нагласуваат, такви не се реализирани во мандатот на градоначалникот Александар Стојкоски.
„Гоштевањата на општинска сметка со ракии, пива, скапи вина и јадења заминаа заедно со СДСМ од Ѓорче Петров. Граѓаните и самите може да се убедат дека повеќе не се набавува алкохол за правење фешти во општината преку интернет-страницата за јавни набавки, а се троши само на најнеопходни продукти за скромен пречек на гости. Во овој дел потенцираме дека фактури за гоштевање преку општинскиот буџет на претходното раководство доаѓаа и по нивното заминување, а дека немаме намера да плаќаме туѓи гезмиња покажува и фактот што таа е вратена и неплатена.
Желбата повеќепати повторена лага од СДСМ да стане вистина, ќе остане само желба. А дека не се знае ниту што се лаже, говори фактот што СДСМ пласираа пред јавноста три суми, а со тоа и дезинформации, каде што тие средства на секој нареден прес растат, и тоа на 19.3.2022 СДСМ пласира дека се потрошени 25.000 евра, на 23.3.2022 година дека се потрошени 133.000 евра за на денешниот прес износот да го зголеми до потрошени 230.000 евра. И, секако, тоа го кажуваат на прес-конференции без новинари, на кои се снимаат сами, зашто им е страв дека некој ќе им побара доказ за секое од овие тврдења, а тие немаат, бидејќи сите обвинувања се лага“, се вели во реакцијата на Општината.
Од таму го повикуваат СДСМ за градинката во Ѓорче Петров да одговори дали преку министерствата со кои раководи на централно ниво тенденциозно го кочи процесот на отворање на градинките со необезбедување согласности за почнување со работа, а со тоа и правење институционална пречка за згрижување дечиња од општината?
„Ѓорче без кал е проект кој веднаш почнавме да го реализираме. Во првите шест месеци од мандатот обезбедивме средства за асфалтирање 25 улици на територијата на Ѓорче Петров. Туку, ќе одговори ли СДСМ зошто го остави Ѓорче во кал? Никој не може да го најде ниту ветениот базен од СДСМ ниту гасификацијата, атмосферската канализација, капиталните проекти. Но, затоа, дупките, калта, задолжената општина и сметките за кафеани се тука.
Зелената агенда во Ѓорче почна со средувањето на наследената депонија од СДСМ во Ново Село, место, кое, освен што е исчистено, во тек е и проектирањето на мегапаркот, распространет на површина од 10.000 квадратни метри.
За фекалната канализација и водоводот, освен тековните средства во буџетот за оваа намена, на првиот ребаланс на буџетот издвоивме дополнителни средства за средување на овие проблеми во руралниот предел.
Општина Ѓорче Петров стана отворена Општина, каде што се слушаат критиките, администрацијата има цел најбргу што може да ги решава проблемите, а раководството, и покрај долгот, што побргу да ги реализира големите капитални проекти. Го менуваме Ѓорче во убава, модерна, еколошка и општина за сите граѓани“, се додава во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.