Македонија
Османи за апсењето на Путин: Имаме недвосмислен став

Македонија ќе постапи по потерницата за апсење на рускиот претседател Владимир Путин. Ова е заклучокот од одговорот на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој рече дека Македонија повикала на одговорност за сите сторители на воени злосторства во Украина. Според него, ставот на државата е недвосмислен.
„Република Северна Македонија од првиот момент имаше недвосмислен став за руската агресија кон Украина. Не само што веднаш пристапивме кон хуманитарна и воена помош, туку сме четврта земја во НАТО според безбедносната поддршка што ѝ ја имаме дадено на Украина. Недвосмислен беше ставот и по осудата за злосторствата – цивилна инфраструктура, потребата од одговорност за оние што ги вршат злосторствата, ги поддржавме сите резолуции и иницијативи за формален процес за тие злосторства. Во мојот капацитет како претседавач со ОБСЕ исто така имавме недвосмислен став. Не само што трипати го поддржавме иницирањето на московскиот механизам за да се процени состојбата на злосторствата во Украина туку и како претседавач го осудив и бев присутен во Советот за безбедност, каде што побарав да се повика на одговорност на сите сторители на злосторства во Украина“, рече Османи.
Претходно, Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг издаде налози за апсење на претседателот Владимир Путин и на комесарката за правата на децата на рускиот претседател, Марија Алексеевна Лавова-Белова, обвинувајќи го рускиот лидер дека е одговорен за воените злосторства извршени во Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема атмосферска канализација што ќе ги апсорбира врнежите со ваков интензитет, вели градоначалникот на Делчево

Градоначалникот на Делчево Горан Трајковски вели дека се работи за голема елементарна непогода и дека ништо не можело да спречи такво невреме, проследено со интензивни обилни врнежи.
„Ова е елементарна непогода. Екипите се на терен – територијалната противпожарна единица, јавното комунално претпријатие, „Македонија пат“, овде е и полицијата која го регулира сообраќајот да можеме побрзо да го ставиме градот во функција и да им помогнеме на луѓето каде што треба..ги контактиравме околните општини, пумпи за испумпување се на пат, имаме организирано, знаеме каде да ги упатиме овие пумпи“ рече Трајковски и додаде дека мора брзо да интервенираат затоа што има поплавени неколку улици и домови.
Тој апелираше до граѓаните кои имаат потреба од помош да се јават на 193 во противпожарната единица, за да пријават штета.
Рече дека имаат помош од околните општини Берово, Македонска Каменица, Кавадарци, Кочани и дека е во постојана комуникација со нив.
Ги предупреди граѓаните до утре да се воздржат од пиење вода од чешма. Исто така апелираше, луѓето да не излегуваат по улиците со нивните возила, за да не прават гужва во сообраќајот.
Македонија
(Видео) Страотни сцени од Делчево под вода; Жителите: Да не се повтори

Делчево е под вода. Од фотографиите и видеата што се шират на социјалните медиуми може да се види што направило страшното невреме.
Реки течат по улиците на градот. Уништена е и дел од улицата „Вера Јоциќ“. Поплавени автомобили.
Возилата на дел од улиците во Делчево не може да движат и таму сообраќајот е во застој.
Врнежите од град кои биле со големина на лешник предизвикале штети на дел од раноградинарските култури и на дел од овошните насади.
Од Општина Делчево апелираа до граѓаните да пријават евентуални штети.
Македонија
(Видео) ЦУК: Големо невреме во Делчево – врнежи од дожд и град, поплавени десетина објекти

Големо невреме проследено со врнежи од дожд и град попладнево го зафати Делчево.
Според информациите од ЦУК, во невремето има поплавени објекти. Во моментот на информирањето, екипите од Територијалната противпожарна единица ТППЕ Делчево во секој момент очекуваат да престане дождот за да излезат на терен и да интервенираат.
„Моментално интервенираат ТППЕ Делчево со 2 ПП возила и 5 пожарникари, додека Јавно комунално претпријатие во секој момент се очекуваа да излезат на терен и да интервенираат.
До со сега во Делчево се поплавени 10 објекти, но бројот на поплавени објекти, според информациите од терен, се очекуваа да расте“ велат од ЦУК.
Некои од граѓаните споделуваат видеа од невремето.