Македонија
Османи оптимист – очекува ЕУ да го валоризира напредокот на земјата
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, информира за актуелностите и состојбите во надворешната политика, а во контекст на засилената агенда во пресрет на претстојните самити на ЕУ во ноември и декември, кога се очекува и финализацијата на преговарачката рамка, како и одржувањето на првата меѓувладина конференција како формален почеток на преговорите со ЕУ.
Османи информира за претстојните три важни посети во текот на оваа недела: утрешната посета на земјава од страна на еврокомесарот Вархељи, која доаѓа по денешното објавување на извештајот на Европската комисија за Северна Македонија и економскиот пакет за Западен Балкан; за првата официјална владина посета на НАТО во Брисел како полноправна членка на алијансата, каде што се очекува средба со генералниот секретар Столтенберг; како и за официјалната посета на министерот Османи на Софија в петок, каде што ќе има средба со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.
Во рамките на очекувањата за постигнатиот напредок во европските интеграции, Османи посочи на реализација на многуте реформски планови изминатиот период, нешто што беше потврдено и во многубројни извештаи претходно, притоа посочувајќи го и успешно завршениот набљудувачки скрининг како прва фаза од пристапните преговори.
„Сите овие активности веќе беа валоризирани и преку одлуката на Советот на ЕУ од март за почеток на преговорите со Република Северна Македонија. Очекувам Европската комисија да го валоризира напредокот од аспект на содржинскиот дијалог со Европската комисија, кој неоспорно е кренат на повисоко ниво. Во оваа насока имаме обврска да продолжиме во иста насока и преку засилен ангажман и на Владата и на сите политички фактори да ја финализираме и да ја пополниме преговарачката структура со цел и политички и административно-технички да го пречекаме почетокот на преговорите на крајот на годината“, нагласи Османи.
Османи посочи и на начинот на кој земјата се справи со предизвиците од пандемијата укажувајќи на специфичните политички односи, кои претставуваа тест и за политичката и демократската зрелост на земјата.
„Начинот на владеење, преку неколкукратни вонредни состојби, и водење на политиката преку уредби на Владата претставуваше нов политички момент и тест за функционалноста на демократските институции. Постои општ впечаток дека овој испит го минавме покажувајќи висока политичка и демократска зрелост, особено фактот што во време на активна пандемија организиравме фер, слободни и компетитивни избори, со примена на сите мерки за превенција од коронавирусот“.
На брифингот Османи информира и за официјалната посета на Бугарија в петок оваа недела, каде што Министерот ќе оствари средба министерката Екатерина Захариева, што ќе претставува и негова прва официјална билатерална посета како министер за надворешни работи.
„Очекувам да испратиме пораки на пријателство, пораки на заемна поддршка, а во насока на заедничкиот интерес за европската иднина на целиот регион. Оваа посета претставува исполнување на првиот приоритет од мојата мандатна мисија како предводник на дипломатијата – а тоа е активен придонес во одржувањето и унапредувањето на добрососедските односи“, истакна Османи посочувајќи и на претстојниот софиски самит на берлинскиот процес како можност за реафирмација на пријателските односи меѓу двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Земјотрес од Албанија почувствуван во Охрид и Струга
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија денеска во 11 часот и 28 минути регистрира земјотрес со епицентар во соседна Република Албанија, на околу 155 километри југозападно од Скопје.
Како што информира Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математички факултет, земјотресот имал локална Рихтерова магнитуда од ML 3,8.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, потресот бил почувствуван во Охрид, Струга и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Од Сеизмолошката опсерваторија апелираат граѓаните кои го почувствувале земјотресот, за потребите на сеизмолошките истражувања, да го пополнат прашалникот за почувствуваност на официјалната интернет-страница на опсерваторијата или да се јават на бројот 112.
Македонија
Преку фирми и даночни измами биле извлечени 4,8 милиони евра од државата – Обвинителството гони 20 лица, вмешани службеници од УЈП
Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, истражителите од Истражниот центар при обвинителството, со асистенција на МВР, вчера до доцните вечерни часови вршеа претреси на 16 локации низ државата. При претресите се пронајдени и времено одземени фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати од правни лица, а осомничените лица се обезбедени.
Акцијата е резултат на постапувања на Истражниот центар на ОЈО ГОКК и Управата за финансиско разузнавање, по известување на АНБ, при што беа обезбедени докази за основано сомнение за кривични дела од финансиска природа. Врз основа на ова ОЈО ГОКК отвори предмет и донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 20 лица кои го оштетиле буџетот на државата за 297.733.844 денари или 4,8 милиони евра.
Првоосомничениот, српски државјанин и сопственик и управител на две правни лица, заедно со двајца службеници од УЈП – Регионална дирекција Скопје, во текот на 2023 година формирале група со цел вршење на кривични дела даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службена положба. Во периодот 2023–2025 година, во групата биле вклучени и други сопственици, управители и вработени во правни лица во Скопје и Гевгелија.
Со прикажување неточни податоци во даночните пријави и со помош од даночни службеници од УЈП, во периодот 2023–2024 година првоосомничениот избегнал плаќање данок во износ од 11.593.403 денари. Останатите осомничени сопственици и управители на правни лица со лажни пријави побарале, а осомничените вработени им одобриле неосновано враќање данок за нерезидентни правни лица со што е нанесена штета на буџетот во износ од 31.175.168 денари. Дополнително, дел од осомничените во истиот период вршеле трансфер и подигање парични средства со цел прикривање на потеклото на парите прибавени со кривични дела, во вкупен износ од 91.985.197 денари.
Досегашните прибрани докази упатуваат дека осомничените вработени во УЈП – Регионална дирекција Скопје, од кои дел на високи раководни позиции, со повеќекратни злоупотреби на службената положба, нанеле вкупна штета на Буџетот од најмалку 162.980.076 денари.
Јавниот обвинител ценејќи ги околностите утврди дека се исполнети условите за определување на мерката притвор за десет осомничени и на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи на осум лица да им определи мерка притвор, додека за две лица истата е веќе определена во предметот поврзан со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ. За останатите 10 лица јавниот обвинител предложи мерки за обезбедување присуство меѓу кои и забрана за вршење на работни активности поврзани со кривичното дело и работни активности како службени лица во УЈП на РСМ.
Македонија
СДСМ: Анти-ЕУ и анти-САД кампања со полна пареа
„Од вчера со полна пареа започна кампања против западот – против европската интеграција и против стратешкиот партнер САД. Откако САД воведоа блокада на визите, ВМРО преку своите сателити, така наречени портали, мали коалициски тендер-партнери, „независни“ експерти, сателит-партии и контролираниот дел од опозиција – тргна со сите сили да ги напаѓа САД, а со тоа и ЕУ“, велат од СДСМ.
„САД не воведоа санкции без причина, туку поради политиките што се водат, проруска ориентација на вицепремеир во Владата, антиамериканските активности, „Ноќните волци“, партизацијата на институциите.
Во домашната јавност се испраќаат пораки дека се работи на приближување, но сите други чекори се насочени кон запирање на интеграциите, прикажувајќи ги како конфликти бидејќи наводно удираат по националните прашања на Македонија.
Сè е фарса, како и овие напади преку дел од медиумите против ЕУ и САД, само за да се создаде слика во јавноста дека постојано нè уценуваат и постојано поставуваат нови барања. Во суштина, Владата покажува дека не сака интеграции.
Тоа јасно се гледа преку односите со соседите, постојаното креирање проблеми со Грција и Бугарија како и преку неисполнувањето на условите на ЕУ, како што се реформите и реформските закони усогласени со европските стандарди.
Сето ова е резултат на политиките што ги води ВМРО: изолација на Македонија. Целта е да станеме „црна точка“ на Европа. Сценрио во три чекори: изолација, избори, па мигранти за пари.
ВМРО е под контрола на Вучиќ кој одби да прими делегација на ЕУ во Србија. Пред тоа не отиде ни на состанокот во Брисел, иако само ден претходно предложи целиот Балкан заедно да влезе во ЕУ.
Исто, copy-paste сценарио. Ние немаме проблем со соседите, ниту со ЕУ, ниту со САД. Единствениот проблем е политиката на ВМРО. Тие создаваат проблеми таму каде што ги нема.
Проблемот е што и ние имаме свој Мадуро, не се проблем САД и ЕУ. Затоа сме во група со Сомалија, затоа нè третираат како „земја од трет свет“. Ете затоа, поради тендер-коалицијата ВМРО-ЗНАМ и нивните сателити во т.н. опозиција“, соопшти СДСМ.

