Македонија
Османи: Сите се согласивме дека изборите треба да бидат одложени
Бујар Османи, по лидерската средба кај Стево Пендаровски, рече дека сите политички партии се согласиле да се одложат изборите закажани за 12 април. Тој рече дека тоа е став и на ДУИ, која тоа го кажала и претходно.
„Го кажавме ставот на партиите во однос на ширењето на вирусот и влијанието во изборниот процес, како и за одлуката што понатаму. По консултациите што претседателот Ахмети ги имаше во текот на претходните денови со претседателите на поголемите политички партии, на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, денес разговаравме во поширок состав во однос на прашањето што понатаму со изборите. Заедничка е констатацијата дека изборите треба да се одложат. Тоа е ставот на ДУИ што го промовиравме во претходните неколку дена“, рече Османи.
Според него, останува само да се види на каков начин политичката одлука ќе се имплементира за што ќе се одлучува и во наредните денови.
„Сметаме дека здравјето на граѓаните е најважно за разлика од другите политички процеси. Така што, задоволството е што постигнавме конзензус на сите политички партии да се донесе одлука за одложување на изборите. Начинот како ќе се одложат, односно правните аспекти како политичката одлука ќе се имплементира, останува претседателот заедно со експерти и натамошна консултација да одлучува во наредните часови, односно денови“, додаде Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Перински: Еднаква поддршка за сите – урбаните општини имаат целосен пристап до услугите на Ресурсниот центар
Во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, оствари работна средба со градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски и членовите на Советот на општината. Разговорите беа насочени кон клучните приоритети на општината, тековните инфраструктурни активности, како и кон можностите за дополнителна поддршка преку Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините, кој обезбедува експертиза, насоки и техничка помош согласно потребите на локалната самоуправа.
Општина Карпош, преку потпрограмата АА за инфраструктурни инвестиции во општините, во рамки на двата јавни повика доби средства во вкупна вредност од 694.970.635 денари, наменети за финансирање на 24 проекти. Овие проекти опфаќаат интервенции во локалната инфраструктура, изградба и реконструкција на спортски сали и градинки – инвестиции кои директно го подобруваат квалитетот на живот за жителите на општината.
„Карпош е пример за современа урбана општина со активна заедница, силни локални иницијативи и граѓани кои активно учествуваат во креирањето на локалните политики.“, нагласи Перински.
Градоначалникот Сотир Лукровски ја поздрави иницијативата за информативно-координативна средба со која се утврдија неколку приоритети кои директно ќе влијаат врз ефикасното работење на Министерството за локална самоуправа и општините.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Молдавија, Емил Жакота
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Молдавија, Емил Жакота, кому му посака успешно извршување на значајната дипломатска мисија.
Триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи, според нив, сведочи за долг период на меѓусебно пријателство, што во иднина треба да се збогати со поширока соработка во повеќе области, пред сѐ во економијата, за што е потребна соодветна правна рамка.
За обајцата, иднината на двете држави, коишто споделуваат исти демократски вредности е во европското семејство, кадешто припаѓаат географски, културно и историски.
Заедничките аспирации за интегрирање во ЕУ, според Сиљановска-Давкова, се основа за натамошно интензивирање на политичките односи, укажувајќи дека проширувањето е незапирлив процес којшто ќе донесе траен мир, стабилност и просперитет во регионот, Европа и пошироко. Таа го поздрави напредокот на Молдавија во евроинтеграцискиот процес и изрази подготвеност за споделување на македонското искуство.
Амбасадорот се заложи за унапредување на политичката, економската и културната соработка.
Тој изрази уверување дека Меморандумот за соработка во областа на европската интеграција, потпишан во Кишињев минатата година овозможува Молдавија да ја користи македонската експертиза во поглед на европските фондови, јакнењето на институционалните капацитети и усогласувањето со европското законодавство.
Сиљановска-Давкова упати покана до молдавската претседателка Маја Санду за официјална посета на државата.
Македонија
Град Скопје издаде препораки за загадениот воздух и најави засилени инспекции
Град Скопје објави препораки поради загадениот воздух и најави засилени инспекциски контроли на сите постројки што поседуваат елаборати за заштита на животната средина или Б-интегрирани еколошки дозволи.
„Ве известуваме дека Секторот за заштита на животната средина како надлежен сектор во врска со предлагањето мерки и активности за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, во согласност со со акциските планови за воздух, а во пресрет на зимската сезона и на очекуваните епизоди со зголемено загадување на воздухот, ги предлага следниве препораки:
Редовно чистење на оџаците во домовите и одржување на грејните тела; за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ-амбалажа, гуми или каков било синтетички материјал; да се користи суво и чисто дрво за затоплување, без примеси од земја и отпадоци; печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот и редовен сервис на котлите, печките и на клима-уредите за ефикасно согорување и помалку емисии на штетни материи“, се наведува во соопштението.
Град Скопје ги известува граѓаните дека во периодот што е пред нас ќе следуваат засилени инспекциски контроли на сите постројки што поседуваат елаборати за заштита на животната средина или Б-интегрирани еколошки дозволи, а особено внимание ќе се посвети на откривање и спречување на спалувањето отпад.

