Македонија
Османи: Соработката и пријателството со Обединетото Кралство продолжуваат со несмалено темпо
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, имаше телефонски разговор со министерката за Европско соседство и Америка на Обединетото Кралство, Венди Мортон.
Министерот Османи изрази задоволство од долгорочното партнерство со Обединетото Кралство во изминатите 27 години, за кое истакна дека се рефлектира преку динамичен политички дијалог, силно развиена економска и секторска соработка.
„Претставува навистина импозантен факт што Обединетото Кралство во моментов претставува втор трговски партнер на Република Северна Македонија и еден од најголемите странски инвеститори во земјава“, посочи Османи, укажувајќи на важноста на новиот Договор за партнерство, трговија и соработка кој обезбедува непречена транзиција на севкупните економски односи меѓу двете земји и по формално напуштање на Обединетото Кралство на Европската Унија.
„Со потпишувањето на овој договор обезбедивме предвидлива околина за бизнисите кои имаат воспоставено економски релации меѓу двете земји, како и солидни услови за уште поголем развој на економската соработка меѓу двете земји“, посочи Османи.
Во рамките на разговорот беше отворена темата и за партнерството во рамки на НАТО, за кое соговорниците се согласија дека продолжува со несмалено темпо. Османи посочи дека од круцијално значење е силната британска поддршка што ја добива нашата Армија во функција на заедничко придонесување кон регионалната стабилност и глобалната безбедност.
Министерот се заблагодари и за добиената поддршка од ОК за претседавањето со ОБСЕ во 2023, реафирмирајќи ги заложбите за промоција на нашата земја како стабилен меѓународен партнер кој ги поддржува човековите права, демократијата, владеење на правото итн.
Министерката Мортон посочи дека Северна Македонија успеа во изминатиот период да преземе храбри одлуки и да постигне исклучителни резултати, што резултираше со официјализација на членството во алијансата. Таа изрази уверување дека наскоро ќе се надминат и предизвиците поврзани со билатералните прашања и ќе биде усвоена Преговарачката рамка за почнување на ЕУ пристапните преговори со Северна Македонија. Иако Обединетото Кралство ја напушта Унијата, таа останува да ги поддржува реформските процеси во Северна Македонија.
Скопје, 14 декември 2020
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во Армијата, велат од СДСМ
Две години нема зголемување на платите во Армијата, со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во одбраната, велат од СДСМ.
Во времето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, платите растеа во сите сектори, платите псотојано се зголемуваа 7 години а парите завршуваа кај граѓаните.
„Со ВМРО парите завршуваат во криминални тендери, Владата на Мицкоски нема пари за поголеми плати во Армијата, нема пари за поголема минимална плата, нема пари за поголеми плати.
Криминалот и корупција заедно со политиките на изолација на владата на Мицкоски директно се одразуваат на влошување на економијата, значат помалку пари, преполовени инвестиции, несигурност“.
Според СДСМ, дупката во буџетот е огромна, недостасуваат, како што велат, од околу 2 милијарди евра.
„Тоа носат политиките на изолација, на анти ЕУ кампања и против САД. Затоа со ВМРО сме во група на земји со Сомалија.
Одбрана на земјата е многу важно прашање, како членка на НАТО мора да имаме силна одбрана, задоволни и мотивирани војници“.
Македонија
САД нема да им даваат визи, Мицкоски конечно најде стратегија како да ги задржи младите во Македонија, вели Жерновски
Поранешниот амбасадор на Македонија во Романија и поранешен заменик-министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, со критики за владината политика по одлуката на САД за суспендирање на имигрантските визи.
„Нема виза ни за периметарот. Браво за Мицкоски! Конечно најде „стратегија“ како да ги задржи младите во Македонија – така што САД нема да им даваат визи“, напиша на социјалните мрежи Жерновски.
„Не со подобри плати, не со квалитетно образование, не со сигурни институции, туку со меѓународни рестрикции.
Од една страна, владата зборува дека ќе направи сè младите да останат дома. Од друга страна, под нејзино водство, Македонија завршува на листа на земји за кои САД ја суспендираат имигрантската политика. Ако ова е планот – тогаш навистина функционира: не заминуваш затоа што сакаш, туку затоа што не можеш.
Ова не е политика за младите, туку политика на затворање. Наместо да создаде услови поради кои младите би избрале да останат, власта создава услови поради кои светот им ги затвора вратите.
Мицкоски ветува иднина во Македонија, а испорачува изолација.
Ветува надеж, а носи рестрикции.
Ветува перспектива, а добивме повик за будење од реалноста.
Неговите „одлични, специјални односи“ со САД и со Трамп се толку одлични, што реалноста ни донесе повисоки царини за македонските производи и суспендирани визи за македонските граѓани.
Мицкоски веќе втора година нè убедува дека е „во периметарот на Трамп“, па затоа сето ова е резултат на лажно прикажаните односи и слабата дипломатија.
Погубно е вината да ја бараме во САД, бидејќи проблемот лежи во митот за „прв другар со Трамп“, кој мит е креиран и постои само во домашната пропаганда. Затоа, ова не е проблем на Вашингтон, туку на неспособната и саморекламерска надворешна политика, која повеќе служи за па-ар стратегија, отколку за заштита на интересите на македонските граѓани.
Вистинската опозиција денес има обврска да го каже ова јасно: додека Мицкоски зборува за пријателства, Македонија плаќа цена.
А тоа е најсилниот доказ дека „специјалните односи“ постојат само во неговите изјави – не и во реалниот свет“, објави Жерновски.
Македонија
Хоџа со делегација од СКСЗМ: Бизнис секторот важен партнер во усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес одржа работен состанок со делегација од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), предводена од в.д. претседателот Нухи Алиу.
За време на состанокот, на кој членовите на комората му го честитаа мандатот на Хоџа, беше договорено страните да го продлабочат институционалното партнерство и размената на идеи за прашања од заеднички интерес.
На состанокот се разговараше за теми поврзани со имплементацијата на еколошките стандарди, просторното планирање, управувањето со отпадот, енергетската ефикасност, како и влијанието на еколошките политики врз економскиот развој и бизнис-климата во регионот каде што дејствува СКСЗМ.
Хоџа истакна дека Министерството за животна средина и просторно планирање го смета бизнис-секторот за важен партнер во изградбата на одржлив развој и усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата. Тој нагласи колку е значаен отворениот дијалог и континуираната комуникација за пронаоѓање практични и избалансирани решенија.
Претставниците на СКСЗМ изразија подготвеност за понатамошна соработка, претставувајќи ги предизвиците со кои се соочуваат бизнисите, како и конкретни предлози за подобрување на процедурите и поддршка на зелени инвестиции.

