Македонија
Османи со план за позелена и побезбедна Северна Македонија

Кандидатот за претседател на Европскиот фронт, Бујар Османи, вети дека доколку биде избран за прв човек на државата, ќе работи на трансформација на Северна Македонија во зелена држава која ќе се грижи за животната средина. На денешната прес-конференција во Градскиот парк во Скопје, Османи истакна дека ќе формира одбор за валидација, односно ветинг и нема да потпише ниту еден закон што ќе биде спротивен на стандардите за заштита на природата.
“Како кандидат за претседател, се посветувам на зелената агенда која го става на прво место здравјето на нашата планета и доброто на нашиот народ. За да го оствариме ова, предлагам основање на одбор за валидација, посветено тело кое ќе прави скрининг на сите проекти и закони за нивното влијание врз околината. Овој одбор ќе служи како чувар на нашето природно наследство, осигурувајќи дека секоја одлука која ја донесуваме како нација е во согласност со принципите на одржливост и заштита на околината. Тоа ќе биде доказ за нашата посветеност кон идните генерации, осигурувајќи дека тие ќе наследат земја која не само што е просперитетна, туку и зелена и безбедна” истакна Османи.
“Додека се соочуваме со предизвиците на 21 век, е неопходно да ја признаеме нераскинливата врска помеѓу нашата околина и националната безбедност. Безбедноста не е само за граници и армии; таа е за создавање општество кое е отпорно, самоодржливо и во хармонија со природата. Со интегрирање на еколошките размислувања во нашиот безбедносен оквир, земаме целосен пристап за заштита на иднината на нашата земја” рече кандидатот за Претседател.
Османи додаде дека нашата земја е благословена со природна убавина, од мирните води на Охридското Езеро до величествените врвови на Шар Планината и дека е наша обврска да ги чуваме истите во патот кон една позелена и посигурна Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Посакувам среќа да се победи во барем една општина: Костадинов до СДСМ откако најави ново делување

Aктуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, објави на социјалните мрежи дека поради тешката состојба на неговата партија ќе започне со ново интерпартиско делување.
„Свесен за тешката состојба во која се наоѓа мојата партија, од безидејноста, сакам да помогнам за жал нема како. Во следните месеци, ќе започнам со креирање на ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори“, пишува Костадинов.
Се повикува на целосно прецизна стратегија, доволно мотивирачка за да обедини, како што вели, авторитети што ѝ недостигаат на СДСМ, „тешки за да бидат непривлечни за политичките авантуристи, и доволно забавни за да се пронајдат младите“.
„Мојата стратешко политичка одлука за делување во СДСМ или можеби надвор од СДСМ ќе биде јавно кажана во два дела. Првата ќе биде септември, конечната по завршување на овие локални избори. До тогаш посакувам среќа да се победи во барем една општина“, додава тој.
Македонија
ДУИ: „Влен“ покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив

„Процесот на вработувања во државните институции се одвива селективно и дискриминаторски, при што Албанците остануваат целосно непретставени. Секојдневно, нивното исклучување станува редовна пракса на оваа Влада“, велат од ДУИ.
„Наместо да се зајакне правичната застапеност, Владата предлага замена на постојниот законски механизам (балансерот) со нефункционална комисија која еднаш годишно ќе подготвува „анализи“. Таквиот модел не гарантира ниту застапеност, ниту фер примена на законот, ниту основна еднаквост.
Дури и овој навредлив предлог-закон не се испраќа во Собранието, што укажува на понижувањето и недостаток на капацитет од страна на остатоците на ВЛЕН.
„Влен“ досега покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив ангажирајќи ја Каракамишева да изготви навредлив закон, кој потоа и самите не се осмелуваат да го достават до Собранието.
ДУИ бара од надлежните институции и од меѓународниот фактор внимателно да ја следат оваа ситуација и да реагираат на назадувањето на правичната застапеност на Албанците во јавните институции“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.